Дел од медиумите продолжуваат некритички да пренесуваат фактички непоткрепени тврдења од Москва, станувајќи гласници на руската пропаганда.
На 20 март 2024, порталот А1он објави наслов „Песков: Изборите во Русија беа апсолутно чисти и фер“, кој проби на агрегаторот на вести time.mk. Во насловот и во текстот се фаворизира пораката на Кремљ дека изборите „биле фер, и покрај обвинувањата од западните влади, независните набљудувачи и опозицијата“.
Но, тврдењето дека изборите во Русија биле „апсолутно чисти и фер“ не е поткрепено со факти. Прво, во Русија по вторпат немаше оценувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите, поради одлуката на Москва да не покани набљудувачи, што од претставници на ОБСЕ/ОДИХР беше оценето како демократско уназадување.
За тоа какви биле изборите во Русија, со оценка на 14 март 2024 се огласи претседателката на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума. „Луѓето одат на избори, да, но елиминацијата на која било организирана опозиција во последниве години, ефективната контрола на медиумскиот простор од страна на актуелните власти, како и постојаното кршење на слободите на изразување, здружување и собирање, сето тоа предизвикува сомнеж дали овие навистина треба да се сметаат за избори“, изјави Каума.
Покрај ОБСЕ, одржувањето на руските избори во окупираните територии од Украина го осудија како илегално претставниците на ОН, а претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа Теодорос Русопулос истакна: „Овие избори немаат легитимитет. Немаше вистински алтернативни кандидати, немаше слободни медиуми, немаше кредибилни набљудувачи присутни. Граѓанското општество е замолчено. И пред сè, овие избори беа спроведени и на нелегално окупираната и анектирана територија на Украина“.
Затоа, тврдењето на Песков што го пренесоа медиумите, дека изборите во Русија биле „апсолутно чисти и фер“, може да се оцени како пропагандна дезинформација на Москва.
(СМК)