Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во интервјуто за „360 степени“ на МТВ рече дека негова желба е да биде дел од идната Влада, доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, а за во кој сектор ќе се разговара подоцна.
„Во иднина себеси се гледам во Влада, кој ресор ќе видиме“, рече Николоски додавајќи дека тоа ќе зависи од преговорите во партијата и со коалиционите партнери.
Со ваквата изјава Николоски само потврдува дека ВМРО-ДПМНЕ нема план за водење на државата и дека нивна единствена желба е да добијат моќ и власт.
Тој рече дека повеќе сектори му изгледаат интересни и дека би можел да се најде, но дека се уште не е одлучено каде ќе биде, истакнувајќи дека му е желба да биде дел од извршната власт, која сега сака да си ја оствари.
Во интервјуто, Николоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ, доколку има поголем број на пратеници, ќе преговара со сите партии од албанската опозиција, за кои упати и пофални зборови.
„Албанската опозиција и се и не се деривати на ДУИ. Но, мора да има нов партнер во Владата како би се направила разлика. Дел од нив покажаа дека може поинаку. Билал Касами од она што го слушаме Тетово го води одлично“, рече Николоски.
Тој исто така не ја исклучи и можноста за коалиција со Левица, иако рече дека со нив се далеку во ставовите, како и за коалиција со ЗНАМ, со која имаат конкретна соработка во Куманово.
Николоски призна дека тој и неговата партија остануваат против уставните измени и преговарачката рамка и дека сакаат да го напуштат Договорот за добросоедство со Бугарија.
На тој начин, на сила се враќа ветото од Бугарија, па преговорите наместо со Брисел и Европската комисија, повторно ќе се вратат во Скопје и Софија, каде што ќе се отворат сите идентитетски и историски прашања.
„Доколку Бугарија сака било какво придвижување во однос на таканаречените малцински права, тие така ги нарекуваат во Бугарија, во тој случај ние мора да ја видиме најрелевантната институција за малцински и човекови права во Европа, тоа е Европскиот суд за човекови права од Стразбур од Советот на Европа. Таму резултатот е 14-0. 14 пресуди во корист на Македонците во Бугарија и 0 пресуди во корист на Бугарите во Македонија“ рече Николоски.
Ваквиот став на Николоски и ВМРО-ДПМНЕ јасно покажува дека нивниот план не е Северна Македонија да ги продолжи преговорите со Европската Унија и да ги отвори поглавјата, туку европската интеграција да ја стави на пауза и да преговара со Бугарија, со цел добивање на ситни политички поени. Во интервјуто Николоски потенцираше дека ваквиот став на неговата партија е поради расположението на дел од населението, што само покажува дека поради популизам и доаѓање на власт, ВМРО-ДПМНЕ повторно е подготвено да ја жртвува европската иднина.
Николоски истакна дека Бугарија не го признава македонскиот јазик и дека има различно толкување на историјата, што значи дека реотворање на преговорите со Бугарија, ќе значи повторно разговарање за овие прашања, кои сега се затворени и земјава ги почна преговорите со ЕУ со потврден идентитет, јазик и историја. Запрашан, како ВМРО-ДПМНЕ во преговори со Бугарија ќе ги натера тие да се откажат од овие нивни ставови и зошто и покрај тие ставови, Северна Македонија да не се протне до ЕУ, со сегашните услови, тој рече дека не може да има протнување.
„30 и нешто години се водеше политика дека може да се протнеме и Македонија губи“ рече Николоски, јасно кажувајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ целта е да ја убеди Бугарија, а не да преговара за членство на земјава во ЕУ.
Дополнително, Николоски застана и контра сите функционери на ЕУ и лидери на земји кандидатки на Унијата, повторувајќи ја лагата дека Северна Македонија не преговара со ЕУ, иако земјава успешно го заврши скрининг процесот, ги достави потребните патокзи и потребни се само уставните измени, кои токму ВМРО-ДПМНЕ ги блокира, за да се отвори првиот кластер со Поглавја.