Фестивалот на грчки филм по четврти пат ќе се одржи во Скопје и во Битола. Фестивалската програма, покрај скопската ќе ја погледне и публиката во Битола, градот на филмот, градот на богатата кино-култура, градот на почетоците на балканската кинематографија со Браќата Манаки.
Отворањето на Фестивалот на грчки филм е на 7 април (недела), во Скопје, а во Битола ден подоцна, на 8 април (понеделник) и ќе ја понуди есенцијата на грчката филмска уметност од последните неколку години, прикажувајќи вкупно 6 филма: 3 долгометражни и 3 кратки филмови.
Филмовите во Скопје ќе бидат прикажани во Кинотеката на Северна Македонија, а во Битола во Кино Манаки.
Амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, поздравувајќи ги присутните на денешната прес конференција и истакнувајќи задоволство поради одржувањето на Фестивалот се осврна на филмот „ Жена –убиец“/ ФОНИСА во режија на грчката режисерка Ева Натена.
-Филмот е инспириран од познатиот роман на познатиот грчки писател Алексаднрос Пападијамантис. Тој е еден од најистакнатите грчки писатели, чии дела имаа големо влијание на модерните грчки автори, а неговиот роман се разгледува низ призмата на родовите студии, рече Филипиду.
„Жена-убиец“ е втора адаптација на истоимениот роман по онаа на Костас Ферис од 1974 година и жестоко ја отвора темата на доминација на машкиот над женскиот пол, на жената како жртва на цврсто вкоренетите традиции, обичаи кои долго време биле зацрврстени дури и во позитивното грчко законодавство. Се работи за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле.
Во продолжение амбасадорката Филипиду ја најави видео –пораката на Ева Натена, режисерката на филмот која им се обрати на присутните.
-Голема благодарност до организаторите на Фестивалот. Многу сум среќна што филмот ќе се прикажува на Фестивалот на грчки филм во Северна Македонија, би сакала да можам да присуствувам, но тоа е тешко во моментов. Многу важно за мене и моите соработници е што можев да ја опишам траумата на мојата мајка и посакувам сите вистински да го почувствувате филмот, рече Натена, објаснувајќи дека филмот го работела врз основа на истражувања кои траеле десет години.
Голема радост е кога човек успева да создаде пријателства, во моменти кога тоа изгледа дека не е можно и таму каде изгледа дека нема простор за тоа.
Со ваква мотивација, зааедно со помошта и влогот на сите мои прекрасни пријатели и колеги од Хеленската република и особено драгите пријатели од Амбасадата на Хеленската Република, создавањето на овој фестивал е чисто задоволство за мене, рече Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова и организатор на Фестивалот, притоа заблагодарувајќи се на недвосмислената поддршка од страна на Амбасадорот на Хеленската Република во Северна Македонија, нејзината екселенција, амбасадорката Софија Филипиду.
-Ние можеби нема да го промениме целиот свет, можеби нема да ги избришеме границите, но сигурно ќе создадеме нови гранични премини и нови мостови преку програмата на фестивалот, бидејќи културата ја има таа моќ, а филмот особено, преку длабоката и широка комуникација на животните теми кои директно произлегуваат од актуелното грчко општество.
Овој фестивал е уште еден канал на комуникација помеѓу народите во Северна македонија и Хеленската република.
Фестивалската програма ја правевме според концепт преку кој го приближуваме до нас тука светогледот на современите грчки филмски автори, кои прават вивисекција на современото грчко општество. Инаку доминираат темите за машко-женските односи, доминацијата на мажите, оттуѓеноста на современиот човек во грчкото општество, а посебно е интересно бавењето со смртта и тоа во разни димензии, како казна, како решение, како поттик, како мотивација. Програмата е составена од филмови со различни жанрови и филмски стилови, како и филмови кои успешно пливаат по повеќе жанрови како што се филмот „НЕВИДЛИВ“, на Димитрис Атанитис, кој во основа е социјална драма, но режисерот прилично експериментира со својата филмската нарација. Како дел од програмата имаме филм и режисер кои припааат на новиот т.н. Чуден филмски бран во Грција. Всушност тоа е филмот „НЕ БИ САКАЛ ДА СУМ НЕПРИСТОЕН, НО МОРАМЕ СЕРИОЗНО ДА РАЗГОВАРАМЕ“, кој еден од најинтересните и најгледани филмови во последните години во Грција. Режисерот на овој филм Јоргос Георгопулос, е еден од преводниците на Грчкиот чуден филмски бран, заедно со Атина Цангари и Јоргос Лантимос. Филмот има особено необичен филмски израз и градење на филмската нарација, оригинална филмска приказна, правејќи силна алегорија на изместеноста и немањето баланс во машко-женските односи, каде можни жртви се само жените, а израззувањето и задоволувањето на мажите оди лесно ко песна. И покрај тоа што сите филмови го заслужуваат вниманието на публиката, посебно ми е драго што како дел од оваа програма го имаме филмот кој и покрај тоа што не кокетира со комерцијални вредности, во Грција руши рекорди на гледаност. Се работи за филм кој е заснован на настани кои реално се случиле, како што е убивањето на женски бебиња заради сиромаштија и обичаите што жените ги ставале во многу тешка состојба. Зборува за страшни злосторства потив човештвото во тоа време, но кои всушност силно и директно реферираат и на денешниот свет. Всушност како што ќе изјави и авторката на филмот, филмот е и еден вид на студија на жената во модерниот свет.
Со сето ова сакам да потенцирам дека четвртото издание на Грчкиот филмски фестивал во Скопје и Битола, не само што ќе ја претстави и доближи грчката филмска уметност и култура до нас и ќе понуди длабок увид во истите, туку ќе даде и силен импакт во нашето општество, комуницирајќи теми кои реферираат на нашето современо општество, но и на жешки теми кои се актуелни во повеќе делови од светот, рече Јовановиќ.
Флорентиа Киортси, прв секретар за комуникација од канцеларијата за јавна дипломатија во амбасадата на Грција, се осврна на концепцијата на програмата на Фестивалот на грчки филм. Киорици информираше дека на отворањето ќе бидат прикажани „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос, краток филм, а по него следува трагикомедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос.
Кекатос во своето дело се осврнува на смислата на животот. Макис работи во фарма за риби. Одејќи на работа едно утро, го известуваат дека починал ден претходно. По неуспешните обиди да докаже дека е жив, тој ја прифаќа својата судбина и го поминува својот последен ден пред неговиот погреб обидувајќи се да обезбеди засолниште за своите сакани канаринци.
-Неговиот филм патуваше на речиси сите светски престижни фестивали како Локарно, Прованса и Санденс, добитник на е награда на Канскиот фестивал и има бројни номинации на повеќе меѓународни фестивали, рече Киортси.
Вториот филм кој ќе биде прикажан на отворањето е комедијата „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“на Јоргос Георгопулос говори за Арис, кому сè му оди од рака. Како манипулант, како во неговата работна средина така и во личниот живот, тој ужива во животот како безгрижен женкар и миленик на неговиот шеф.
Неговата среќа ќе се промени кога ќе открие дека е носител на сексуално пренослив вирус кој е смртоносен само за жените. Но, тој е и единствената надеж за пронаоѓање на лековита вакцина, доколку открие која од неговите поранешни девојки е носител на првиот вирусен вид.
Режисерот на вториот филм кој ќе биде прикажан на отворањето на Фестивалот на грчки филм, Јоргос Георгопулос студирал режија на Школата за филм Ликургос Ставракос, а подоцна и социологија на Универзитетот Рома I. Режирал документарни и играни филмови. Ова е негов втор долгометражен филм со две награди и 14 номинации.