Собрание како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Северна Македонија, според Уставот може да биде составено од 120 до 140 пратеници, но во сите досегашни состави биле избирани по 120 пратеници. По парламентарните избори од 2011 година, бројот на пратеници се зголемил на 123 пратеници, поради изборот на тројца пратеници од дијаспората, но во најновиот пратенички состав од 2016 година повторно има само 120 пратеници.
На 20 септември 1990 – Собранието на СР Македонија усвојува 25 амандмани на Уставот на СРМ од 1974 година, со кои се вршат радикални промени во општествено-економскиот и политичкиот систем. Тоа го означува почетокот на транзицијата на државата кон идниот парламентарен систем и кон создавање суверена и самостојна држава. Со уставните амандмани, меѓу другото, се воведува сопственички и политички плурализам и се врши реструктуирање на главните институции во државата (Собранието станува еднодомно, Извршниот совет станува Влада, а наместо колективното Претседателство за прв пат се воведува функцијата Претседател на Републиката).
11 ноември 1990 – во СР Македонија се одржуваат првите слободни демократски повеќепартиски парламентарни избори. Изборите се одржуваат според мнозинскиот изборен систем, а територијата на Македонија е поделена на 120 изборни единици. Учествуваат 18 политички партии и 43 независни кандидати. На изборите се избрани 120 пратеници на Собранието на тогашната Социјалистичка Република Македонија. Преку избраните претставници на различните партии и политички опции, во Македонија е воспоставен парламентарен систем со плуралистичка демократија.
8 јануари 1991 – конституирано е првото повеќепартиско Собрание на Социјалистичка Република Македонија, составено од пратеници од 9 политички партии и 3 независни кандидати. За претседател на Собранието на СР Македонија е избран Стојан Андов. Првото повеќепартиско Собрание своите активности ги насочува кон донесување на неопходните државотворни акти и документи, кои јасно ја изразуваат вековната желба на македонскиот народ за изградба на самостојна и независна држава. Ова Собрание ќе ги избере првиот Претседател и првата Влада на Републиката, ќе распише референдум за независност и ќе го усвои Уставот на Република Македонија, химната и знамето.
25 јануари 1991 – на една од своите први седници, пратениците ја донесуваат Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, со која се изразува сувереноста на Социјалистичка Република Македонија, во согласност со уставните определби за независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Оваа Декларација ќе претставува основа за донесување на првиот демократски Устав на Република Македонија.
27 јануари 1991 – на собраниската седница за прв претседател на СР Македонија е избран Киро Глигоров.
20 март 1991 – Собранието ја избира првата Влада на СР Македонија (наречена експертска), на чело со д-р Никола Кљусев.
7 јуни 1991 – Собранието на СР Македонија усвојува 4 амандмани на Уставот на СР Македонија, меѓу кои и амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на Социјалистичка Република Македонија. Оттогаш, републиката го носи називот Република Македонија.
6 август 1991 – Собранието усвојува Одлука за распишување референдум за изјаснување на граѓаните за суверена и самостојна држава. Во Одлуката е утврдено прашањето за кое граѓаните ќе се изјаснат на референдум: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија?“
8 септември 1991 – се одржува референдумот за сувереност и самостојност на државата. На референдумот позитивно се изјаснуваат 95,09% од излезените граѓани, или 72,16% од вкупниот број граѓани со право на глас. По тој повод, 8 Септември е прогласен за државен празник – Ден на независноста.
17 септември 1991 – Собранието на Република Македонија носи Декларација за потврдување на референдумските резултати за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Во Декларацијата е истакнато дека граѓаните на Република Македонија, на демократски начин испишаа нова страница во македонската многувековна историја за заокружување на самостојноста и сувереноста на Република Македонија како држава. Оваа Декларација претставува формална одлука на Собранието на Република Македонија за конституирање на Република Македонија во суверена и самостојна држава, со оглед на фактот што референдумски изразената волја на граѓаните нема одлучувачки, туку само консултативен карактер.
17 ноември 1991 – Собранието го прогласува Уставот на Република Македонија како највисок државно-правен акт на државата, со што се заокружува долгиот историски процес на конституирање на Република Македонија како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Донесувањето на Уставот го означува почетокот на изградбата на новиот уставен поредок и воспоставувањето на Република Македонија како парламентарна демократија.
Досегашни претседатели на Собранието од 1991 до 2024 година
Собраниски состави, премиери и претседатели на државата од 1991 до 20224 година
Собрание 2020-2024: Кој ги претставува граѓаните?
Пратениците, според Уставот, ги претставуваат граѓаните во највисокиот законодавен орган, но анализата на јавното мислење на Институтот за демократија во 2021 година укажува дека за речиси една третина (29%) од испитаниците имињата на пратениците од нивната изборна единица се непознати, додека во 2020 година за дури 48% од испитаниците нивните пратеници беа непознати.
Според информациите достапни на глобалната база на Меѓупарламентарната унија (МПУ) од 120 пратеници колку што има во македонското Собрание, 70 се мажи, додека 50 се жени, односно тоа изнесува 42% пратенички од вкупниот број на пратеници во Собранието.
Според оваа база највозрасниот пратеник има 72 години, додека најмладата претставничка има 24 години. Просечната старост на пратениците во мандатот 2020-2024 година изнесува 49.7 години. Најголемиот број од пратениците- 34 пратеници, се помеѓу 31 и 40 години, од кои 20 се мажи и 14 се жени. Од друга страна, само 3 пратеници се на возраст од 71 до 80 години, од кои 2 се мажи и 1 е жена.
Во Собранието моментално се застапени 20 политички партии и двајца независни пратеници, организирани во две големи коалиции, на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и ВМРО-ДПМНЕ , како и четири самостојни партии – Демократска унија за интеграција (ДУИ), Алијанса за Албанците, Левица и Демократска партија на Албанците (ДПА). Од нив пет се декларирани како енички-албански партии, две како етнички-турски партии, две како етнички-српски партии, додека останатите 11 се партии со македонски етнички предзнак. Оваа композиција на Собранието брои една пратеничка од ромска етничка припадност, 33 пратеници етнички Албанци, двајца етнички Турци, тројца етнички Срби, еден Бошњак и 80 пратеници Македонци.
Од почетокот на овој мандат во август 2020 година, на 22 пратеници предвреме им престанува мандатот, од кои 4 жени и 18 мажи или вкупно 18% од оригиналниот состав на Собранието е изменет. Поголем дел од измените се случуваат поради тоа што пратениците кои ја напуштија законодавната должност се избрани или именувани на извршни функции, кои се неспоиви со пратеничкиот мандат. Со честите промени на собранискиот состав се создава несигурност кај граѓаните за тоа кој ги претставува и резултира со непознавање на граѓаните со нивните претставници.
Дестан Јонузи