Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Историска џамија во Солун повторно ги отвори вратите по еден век

Околу стотина муслимани вчера го прославија Рамазан Бајрам – крајот на Рамазан, во историска џамија која беше отворена за прв пат по 102 години во грчкиот град Солун, каде досега немаше јавни џамии.

Адел Џобран (20), бегалец од Јемен, кој студира во Солун и работи во ресторан, изјави дека во тој град живее четири години и за прв пат има можност да се моли со своето муслиманско семејство.

„Имаме среќа што ни се отвора џамијата и чувствуваме голема радост што учествуваме во оваа молитва“, изјави за АФП Исмаил Бедредин (66), пензиониран столар.

Наречена „Јени џамија“ (Нова џамија), таа е историски споменик изграден во 1902 година од италијанскиот архитект Виталијано Посели, првобитна религиозна намена имала едвај две децении, а била музеј од 1963 година до реставрацијата која последниве години ја иницира грчкото Министерство за култура и религиозни прашања.

„До денес, немавме јавно место за молитва (во Солун) и ја користевме нашата куќа за верски должности“, рече Али, 23-годишен Турчин кој студира економија на Универзитетот Аристотел во Солун.

Со видно присуство полицијата вчера ги проверувала оние кои дошле во џамијата.

„Благодарам на оние кои придонесоа за заживување на овој културен споменик, што покажува дека нема противречност меѓу да се биде муслиман и граѓанин“, рече грчко-египетскиот имам Таха Абделгалил, кој ја предводеше молитвата.

Изградена на два ката, комбинирајќи ја муслиманската традиција со елементи на архитектонскиот стил од 19 век, џамијата на почетокот на 20 век служела како место за богослужба за еврејските преобратеници во муслиманската вера, наречено „Донме“.

По грчко-турскиот договор за размена на население во 1923 година, кој произлезе од Лозанскиот договор од истата година кој го означи крајот на Отоманската империја, во џамијата накратко биле сместени грчки бегалци од Турција.

Мировниот договор предвидуваше 1,6 милиони Грци кои живееле во Мала Азија, во денешна Турција, да се преселат во Грција, а 385.000 муслимани од Грција на териториите на соседна Турција.

Во 1963 година џамијата е претворена во Археолошки музеј, а на плоштадот пред неа има богата збирка на мермерни скулптури од римската ера и од почетокот на христијанството – саркофази, надгробни споменици, релјефи, надгробни споменици од Солун.

Во поново време, џамијата се користеше како изложбен простор за Општинската галерија на Солун.

Во 2013 година, на иницијатива на поранешниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, зградата беше предадена за пладневна молитва на учениците од солинскиот огранок на исламското верско училиште од градот Комотини во северна Грција.

Грчкото население е претежно православно, а муслиманската заедница до неодамна немаше никакво официјално место за богослужба освен во регионот на североисточна Грција каде живее муслиманско население од турско потекло, изземено од верскиот закон од 1923 година.

Дури во 2020 година беше официјално отворена првата џамија во Атина, изградена првенствено за потребите на илјадниците муслимански бегалци и мигранти кои пристигнаа во Грција во последните децении. (Бета / МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен