Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска изјави дека „можеби некој има интерес“ за поширока регионална војна на Блискиот исток што ќе го оневозможи запирањето на воените операции во Појасот Газа и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.
Иран во саботата вечерта лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти.
Израел ја отфрли одговорноста за нападот, што се случи на 1 април.
-Ние сме на работ на провалија и мораме да се повлечеме, изјави Борел за шпанското радио Onda Cero. „Мораме да притиснеме на сопирачките и да се вратиме наназад“, додаде тој.
Во интервју за шпанската јавна телевизија ТВЕ Борел кажа дека Европската унија очекуваше ваков одговор од Иран.
– Уште кога беше бомбардирана зградата на иранскиот конзулат, со неколку жртви, знаевме дека Иран ќе одговори, рече тој. „Покрај тоа, тие практично го соопштија тоа, како и кога ќе следи нападот. Иран сакаше да ја ограничи штетата што може да ја предизвика со својот напад“, додаде тој.
Иран ги упати своите ракети од далеку кон воените цели, па Израел имаше време да ги пресретне и да ги собори, па немаше цивилни жртви.
Борел кажа дека постои „длабок јаз“ во израелската десничарска владејачка коалиција меѓу тврдокорните, кои бараат жестока одмазда, и „поумерената и разумна“ фракција.
Таа фракција бара одмазда, „но на начин што избегнува одговор на одговорот“.
Борел, кој доцна синоќа разговараше со шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амирабдолахиан, кажа дека Европската унија мора да има најдобри можни односи со Иран и покрај санкциите наметнати врз него поради неговата нуклеарна програма и други прашања.
– Во интерес на сите е Иран да не стане нуклеарна сила и да има мир на Блискиот Исток, рече тој.
Борел рече дека сите дипломатски напори се насочени Израел „да остане воздржан и да не предизвика спирала на поголемо насилство“.
ЕУ разговара со двете земји за „да нема ескалација“
Иранскиот министер ми рече дека што се однесува до нив, одговорот е целосен. Но дека ќе возвратат ако бидат нападнати. Затоа е неопходно да се контролира ситуацијата бидејќи тоа може да предизвика регионална војна со голем интензитет, рече Борел.