Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

На изборите на 8 мај „играта“ почнува од нула

„Во вториот круг за Претседателските и на парламентарните избори на 8 мај сите учесници влегуваат во трката од нула“, сметаат политичките аналитичари зборувајќи за тоа што се очекува да се случи на и по изборите на осми мај.

Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) – вели дека земјата се наоѓа пред една исклучително сложена ситуација, имајќи ги предвид резултатите од првиот круг на претседателските избори и заострената етно-националистичка реторика кај дел од политичките партии, кои добија поголема поддршка од гласачите на првиот круг на изборите.

– Доколку се остварат најавите за бојкот на претседателските избори во албанскиот политички кампус што може да резултира со неостварување на цензусот за избор на претседател на државата, може да се соочиме и фактички со една голема институционална криза. Иако опозициските ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН веќе најавија формирање на заедничка влада, тоа сценарио ќе зависи многу од резултатите на парламентарните избори на 8 мај, бројот на освоени мандати и распоредот на политичките сили во Собранието, кои може да отворат бројни прашања во меѓусебните преговори за формирање на парламентарно мнозинство, вели Сарачини за „Фронтлајн“.

Тој распоред на силите, додава нашиот соговорник, ќе зависи и од капацитетот на владејачката СДСМ да ја надомести негативата од првиот круг на изборите и да ги мотивира своите симпатизери да излезат на гласање, како и од капацитетот на ДУИ да оствари резултат кој ќе ги позиционира како неизбежни во формирањето на идната Влада, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кои базираа прилично голем дел од нивната кампања на конфронтацијата со ДУИ.

– Во ваква ситуација, важен фактор ќе биде и тоа колку мандати ќе освојат помалите партии. Во секој случај, периодот по 8 мај ќе биде прилично сложен и тежок, а преговорите за формирање на парламентарно мнозинство нема да бидат воопшто лесни. Сето тоа може да резултира со продлабочување на политичката криза во земјава и застој во евроинтеграциските процеси, подвлече тој.

Политичкиот аналитичар Бесим Небиу вели дека иако разликата меѓу двата кандидати за Претседател во првиот круг е огромна, во вториот круг се почнува од нула.

– И математичката и психолошката предност е на страната на Силјановска. Со оглед дека гласањето е заедно со изборот на пратеници очекувам да се помине цензусот. Во однос на парламентарното гласање, очекувам во голема мера да се повторат резултатите од првиот круг претседателски. Поголемата излезност можеби ќе промени одреден број на пратеници споредено со проекцијата од 24 април, но мислам дека тие промени нема да бидат толку драстични. ВМРО ДПМНЕ ќе има неколку начини да формира влада по 8 мај, и во кампањата веќе најавува дека тоа ќе го прави со ВЛЕН и ЗНАМ. Во политиката ништо не е изненадување, но моите очекувања се дека токму тие три партии ќе ја формираат новата влада, изјави Небиу за „Фронтлајн“.

Поранешниот пратеник Зуди Џелили вели дека иако Албанците знаеле дека кандидатите Албанци не можат да влезат во вториот круг, сепак покажале дека се најголемата и одлучувачка етничка заедница во државата.

– Мултиетничката коалиција Европски фронт со гласовите на малцинствата: Турци, Роми, Бошњаци, Торбеши, Власи итн., се мереше наспроти коалицијата ВЛЕН која ја сочинуваат само четири албански партии и која доби значителни гласови само во албанските средини. Она што го прави поинтересен натпреварот за парламентарните избори е оштрата реторика на Европскиот фронт со опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Ако во првиот круг оваа реторика го зголеми рејтингот на двете партии, сега може да се случува спротивното, оценува Џелили.

На изборите на 8 мај, кога ќе се гласа за избор на претседател на Македонија и за избор на нов пратенички состав во Собранието, гласачот ќе може само еднаш да влезе на гласачко место, независно што станува збор за двојни избори. Од избирачкиот одбор ќе биде прашан дали да му бидат дадени и двете гласачки ливчиња (и за претседателски и за парламентарни избори) или ќе гласа само за претседател на Македонија или само за парламентарни избори.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен