Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕК предложи запирање на постапката против Полска за непочитување на принципите на владеење на правото 

 Европската комисија денеска ја заврши својата анализа за состојбата со владеењето на правото во Полска во однос на постапката покрената според член 7 став 1 од Договорот за ЕУ и заклучи дека повеќе „не постои јасен ризик од сериозно прекршување на владеењето на правото“ во земјата, соопшти портпаролот на ЕК за правда, еднаквост и владеење на правото Кристијан Виганд. 

Според него, врз основа на ваквиот заклучок, Еврокомисијата решила да ги информира Советот на ЕУ и Европскиот парламент оти планира да ја затвори постапката што беше покрената против Полска врз основа на нејзиниот предлог од 2017 година.  

– Полска започна серија законодавни и други мерки за да одговори на загриженоста за независноста на правосудниот систем. Таа го призна приматот на правото на ЕУ и е посветена на спроведување на сите пресуди на Судот на правдата на Европската Унија и Европскиот суд за човекови права поврзани со владеењето на правото, истакна Виганд. 

Тој додаде дека Комисијата усвоила и „информативна белешка“ што потпретседателката на ЕК задолжена за вредности и транспарентност Вера Јоурова ја испратила до Советот на ЕУ за до го информира за одлуката, а известување е доставено и до Европскиот парламент. 

Виганд ја пренесе и пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во врска со ваквата одлука во која таа нагласува дека денешниот ден означува ново поглавје за Полска

Првото барање за исплата е испратено вчера и го покрива периодот од ноември 2022 до јануари 2022, барањата за исплата ќе се праќаат на месечна основа и ја повикуваме Полска итно да се усоглас

– По повеќе од шест години, веруваме дека постапката од член 7 став 1 може да биде затворена. Им честитам на (полскиот) премиер Доналд Туск и на неговата Влада за овој важен чекор напред. Тоа е резултат на нивната напорна работа и решителни реформски напори. Тековната обнова на владеењето на правото во Полска е одлична за полскиот народ и за нашата Унија во целина. Тоа е доказ за издржливоста на владеењето на правото и демократијата во Европа, додава Фон дер Лајен во пораката. 

Во образложените на својата одлука, ЕК потсетува дека на 20 февруари годинава Полска пред Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) го претстави својот Акциски план за владеење на правото, како одраз на посветеноста да одговори на сериозните грижи Комисијата. 

Според ЕК, усвојувањето на јасна програма во форма на Акциски план и фактот дека Полска ги презеде првите конкретни чекори за негово спроведување, биле релевантни елементи за проценка на ризикот по владеењето на правото.  

– Откако ги испита овие фактори, Комисијата заклучува дека веќе не постои јасен ризик од сериозно прекршување на владеењето на правото. Во овој контекст, важно е да се забележи дека Полска му се приклучи на Европското јавно обвинителство на 29 февруари 2024 година. Затоа, Комисијата има намера да го повлече својот предлог и го повикува Советот да даде какви било забелешки што би ги сметал за соодветни, се додава во образложението.  

Согласно процедурата, Јоурова ќе треба ја претстави одлуката на Комисијата на следниот состанок на Советот за општи работи, кој треба да се произнесе по неа. Доколку Советот ја поддржи одлуката, тогаш Еврокомисијата и формално ќе ја запре постапката против Полска.

Зачлени се на нашиот е-билтен