Со концерт на хрватскиот пијанист и композитор Звјездан Ружиќ во Куршумли ан, вечерва во 20, 30 часот ќе биде отворено јубилејното 45. издание на фестивалот „Скопско лето“. Звјездан во Скопје ќе настапи со проектот „Пијанотрон“ кој е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои свири со нозете.
Звјездан има соработувано со „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ, Нели Андреева, Лука Паљетка.
![Концерт на хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ на отворањето на Скопско лето](https://mia.mk/articles/images/%D0%BD%D0%B0%D1%98%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D0%BA%D0%BE%D0%BD%D1%86%D0%B5%D1%80%D1%82%D0%BD%D0%B0%D1%85%D1%80%D0%B2%D0%B0%D1%82%D1%81%D0%BA%D0%B8%D0%BE%D1%82%D0%BF%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B7%D0%B2%D1%98%D0%B5%D0%B7%D0%B4%D0%B0%D0%BD%D1%80%D1%83%D0%B6%D0%B8%D1%9C%D0%BD%D0%B0%D0%BE%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%80%D0%B0%D1%9A%D0%B5%D1%82%D0%BE%D0%BD%D0%B08x7Qd/8rrYmGLAW/large.webp?use_watermark=0)
– Накратко – Звјездан е човек – оркестар! Иако Звјездан е академски џез пијанист, тој го опишува „Пианотрон“ како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно музиката. Со неговата музика, Звјездан има настапувано низ целиот свет, од Америка, низ Европа, одржа две големи турнеи во Кина, а со „2Cellos“ одржа голема турнеја во Јапонија, Австралија и Нов Зеланд, велат организаторите.
Авторските албуми на Ружиќ беа наградени со пет престижни награди за дискографија „Порин“, познато како хрватско Греми, а Хрватскиот музички сојуз шест пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска.
![Концерт на хрватскиот пијанист Звјездан Ружиќ на отворањето на Скопско лето](https://racin.mk/wp-content/uploads/2024/06/zvjezdan-ruzic.jpg)
– Звјездан е официјален уметник за „Yamaha Pianos“ за целиот свет, а во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што моментално живее и ја гради својата меѓународна кариера. На неговиот роденден, на Светскиот ден на музиката, Звјездан Ружиќ и неговиот пијанотрон ќе ја почестат публиката во Скопје со вечер за паметење, најавуваат од фестивалот.