Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пентагон: Северна Македонија и Грција билатералниот спор околу името да го држат надвор од НАТО

САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа и се надеваат дека билатералните спорови ќе останат надвор од НАТО Алијансата, изјави во интервју за Гласот на Америка на македонски главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон Бјуланд, пред одбележувањето на 75 години од безбедносната алијанса, следната недела во Вашингтон.

„Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“,вели за Гласот на Америка Бјуланд.

Тој посочува и дека државите од Западен Балкан треба да ги направат потребните реформи за влез во ЕУ, како и дека долгиот процес на интеграција може да доведе Русија и други малигни актери да го искористат незадоволството на народот.

Бјуланд упати на Стејт департментот за коментари за конкретни политички прашања, како за обновениот спор меѓу Грција и Северна Македонија, откако македонските премиер и претседателка рекоа дека ќе го користат уставното име на државата во официјален контекст, но оти ќе го употребуваат името Македонија во изјави и како чин на лично право на самоопределување и самоидентификација.

Гласот на Америка на македонски на 19 јуни го праша Стејт департментот дали Мицкоски со употреба на две имиња за државата, дома Македонија, а во странство Северна Македонија, се обидува да создаде лажен впечаток дека се придржува до Договорот од Преспа.

Од прес-службата тогаш ни одговорија:

„Изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во склад со Договорот од Преспа“.

Оттаму кажаа дека „САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“.

Преземено од Гласот на Америка

Зачлени се на нашиот е-билтен