Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов преку видео изјава соопшти дека денеска повторно е активиран ЕУ механизмот за заштита и спасување и побарана е помош во воздухоплови.
На територијата на државава денеска Центарот за управување со кризи евидентирал рекорден број пожари на отворено – 54, од кои активни се 19, а oстанатите се целосно изгаснати или ставени под контрола.
Пoжарот кој беснее на територија на општина Пехчево, го загрозува селото Негрево.
Сериозен пожар има и на територија на општина Куманово. Тој загрозува куќи од селото Живине.
Во кратовското село Татомир, исто така, има опасност огнените стихии да ги зафатат куќите.
На територија на општина Свети Николе, огнени јазици му се закануваат на селото Долно Ѓуѓанци, каде пожарот беснее веќе втор ден.
Голем пожар има и во општина Македонски Брод, кој трае со денови и претставува закана за две села. Од ЦУК потсетуваат дека вчера биле евакуирани вкупно девет лица од тие села.
– За жал, постојано се појавуваат нови и нови пожари. Топлото време и ветрот прават особени проблеми во воспоставување контрола на пожарите, вели Ангелов.
Тој упати апел до сите граѓани кои живеат во полунапуштени села итно да се евакуираат доколку слушнат дека во нивна близина има активен пожар. Потенцира граѓаните да не чекаат огнот да дојде до селото, освен ако не е организирана одбрана на селото од страна на локалните власти.
– Да не чекаат до последен момент и да не се изложуваат на непотребен ризик по нивниот живот. Нови куќи ќе се направат, но животот на луѓето не може да се врати, апелира Ангелов.