Пишува: Жарко ТРАЈАНОСКИ
Не е никаква тајна дека Олимписките игри биле поткопувани со руски (и советски) кампањи со дезинформации и во минатото, особено оние игри на кои не учествувала Русија (и СССР). Олимписките игри во Париз беа мета на организирана руска пропаганда уште од минатата година, како што обелодени и едно истражување на Микрософт. По анти-родовите напади врз церемонијата на отворањето на ОИ во Париз (видете Руската воена пропаганда ги сатанизира и Олимписките Игри), и по оркестрираните напади со говор на омраза врз две боксерки (Иман Келиф од Алжир и Лин Ју-Тинг од Тајван), можеме да зборуваме за „нова дисциплина“ во медиумите и на социјалните мрежи – „боксување“ со анти-родови дезинформации.
Анти-родовата руска пропаганда со дезинформации по агресијата врз Украина
По воената агресија на Русија врз Украина во 2022, дел од пропагандата на Русија беше фокусирана на оцрнување на Западот како закана за „традиционалните семејни вредности“, преку ширење на најразновидни дезинформации. Класичен пример се дезинформациите на руската пропагандистка Симонјан дека на Западот „забрануваат млеко од доење“ и дека децата „ќе ми бидат одземени ако ме нарекуваат „мама““.
Поврзаноста на подемот на анти-родовото движење со руската и проруската пропаганда со дезинформации беше забележлив и кај нас – на јавни трибини и на протестот на МПЦ против „родовата идеологија“ во 2023. На пример, лидерите на проруската партија „Родина Македонија“ јавно се фалеа дека ударниот транспарент на протестот на МПЦ (на „Коалиција на заштита на децата“), бил нивен партиски, со партиска порака, држен од партиски активисти облечени во партиски маички. А гласноговорничка на т.н. „Коалиција за заштита на децата“ која е дел од раководството (и донаторка) на проруската партија „Родина Македонија“ – е еден од најексплицитните извори на руска пропаганда со дезинформации во Македонија.
Сосема очекувано, по отворањето на Олимписките игри во Париз, Гордана Гоџо на својот фејсбук профил ширеше теории на заговор дека „светот бил управуван од сатанисти“, како и непоткрепени тврдења за „исмејувањето на Тајната вечера и Христијанството“ – кои беа дебанкирани како дезинформации (видете DISINFO: Olympics opening ceremony is a mockery of Christianity).
Во своите постови на фејсбук, активистката на Родина ширеше дезинформации и за боксерката Имане Келиф од Алжир како „за мажот, односно т.н. транс-жена“, иако тврдењата дека станува збор за трансродово лице кое го сменило полот беа дебанкирани од проверувачи на факти.
Кој ширеше дезинформации дека олимписките боксерки биле „родени како мажи“ и дека „го смениле полот“?
За жал, не само на социјалните мрежи, туку и во наши медиуми се ширеа дезинформации дека олимписките боксерки биле „родени како мажи“ и дека „го смениле полот“. На пример, во сензационалистичкиот наслов „ТЕПАЊЕТО ЖЕНИ СЕГА Е ОЛИМПИСКИ СПОРТ“! Родени како мажи, го смениле полот и сега боксуваат со жени“ се споменати боксерките Имани Келиф од Алжир и Лин Ју-Тинг од Тајван, иако обете не се родени како мажи, ниту пак го смениле полот. Меѓународниот олимписки комитет (МОК) го афирмираше нивното право да спортуваат без дискриминација, повеќе пати истакнувајќи дека станува збор за лица кои се родени и воспитани како жени. Како што истакна и портпаролот на МОК за Келиф, „беше родена како женско, регистрирана како женско, го живееше целиот живот како жена, боксуваше како жена, има пасош како жена“.
Наспроти официјалните објаснувања на МОК, некои медиуми го претпочитаа како релевантен извор на информации претседателот на „Меѓународната боксерска асоцијација“ (МБА или IBA) Умар Кремлев, како во сензационалистичките наслови „Не разбирам зошто го убија женскиот бокс, не можев да ги гледам солзите на Карина“, и Претседателот на Светската боксерска федерација: „Не го убивајте женскиот бокс“. Повеќе медиуми објавија дека Кремлев ќе и доделел парична награда на поразената боксерка од Италија (и на Италијанската боксерска федерација), а некои и дека Србија ќе и доделела златен медал, иако во текстот воопшто не станува збор за Србија, туку за „српскиот спортски клуб „Ушче“. Италијанската боксерска федерација, која не е член на МБА контролирана од Русија, го демантираше она што беше објавено од некои медиуми во врска со хипотезата за прифаќање на било која парична награда од ИБА на чело со Умар Кремлев.
Умар Кремлев не е веродостоен извор на информации, туку Путинов пропагандист
Ретки беа медиумите кои дадоа податоци за кредибилитетот на Умар Кремлев како извор на информации (Меѓународната боксерска асоцијација, КОЈА ги дисквалификуваше боксерките Хелиф и Ју-тинг и е забранета на ОЛИМПИЈАДАТА, има врски со руската мафија и проблематична историја). Ако извршеа проверка на кредибилитетот на Кремлев како извор на информации, новинар(к)ите можеа да дојдат до податоци дека тој практично бил назначен од главниот на Службата за обезбедување на Путин и дека станува збор за бизнис-тајкун кој за кусо време станал „Крал на обложувањето“ во Русија, благодарение на блиските врски со режимот на Путин.
Ако притоа извршеа и проверка на објавите на Кремлев како инфлуенсер на социјалните мрежи, ќе може да увидат дека неговите ставови за отворањето на Олимписките игри кои ги жигосува како „чиста содомија“ се на линија на руската пропаганда со дезинформации. Ако ги проследеа неговите лични напади и закани врз претседателот на МОК, веројатно полесно ќе можеа да се уверат дека не станува збор за никаков кредибилен извор на информации, туку за руски пропагандист близок на Кремљ.
Кремлев и на социјалните мрежи, и на прес конференција на МБА, продолжи да води кампања не само со дезинформации, туку и теории на заговори, клевети, навреди и говор на омраза, против Олимписките игри, против МОК и неговиот претседател, против Франција и против Западот жигосувајќи ги напати како „Содома и Гомора“.
Путинова Русија – шампион во „боксување“ со анти-родови дезинформации
И покрај тоа што и од МОК предупредија дека МБА на чело со Кремлев води кампања со дезинформации против Олимпиското движење, повеќе медиуми, јавни личности, па дури и политичари во Европа и САД продолжија да споделуваат и шират анти-родови дезинформации, погрешни и непоткрепени информации, кои водат до извори блиски на Кремљ. Ваквите трансфобични кампањи со дезинформации и говор на омраза нанесуваат голема штета не само на олимпиското движење и олимписките спортисти, туку и на Западот кој со ваквата кампања се сатанизира, демонизира и „содомизира“.
Со антиродовата кампања против двете боксерки и МОК, Русија уште еднаш покажа дека може да му зададе информативни удари на Западот во нејзината омилена пропагандна дисциплина – „боксување“ со анти-родови дезинформации.
(авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)
Преземено од: ИМА