„Зошто министерот и заменикот цели 17 дена не се сретнале, не разговарале и не се координирале меѓу себе?“, е прашањето на кое пишува Марјан Забрчанец, експерт за стратегиски комуникации.
Забрчанец посочува дека „после извинувањето на министерката за образование, изјавата дека немало потреба од учебници по англиски јазик, децата можеле да учат од серии и од интернет ја изгуби битката за скандал или гаф на денот (9 август 2024) во конкуренција со соопштението на Министерството за земјоделство во кое се информира дека министерот и заменик министерот оствариле средба. Ова е исто како да нѐ информираа со соопштение дека утрово дошле на работа“.
За тоа колку е смешно, скандалозно и пародично ова соопштение веќе на големо се пишува на социјалните мрежи, вели Забрчанец, но објаснува која би можела да биде позадината или причината за некој да одлучи да пласира ваква информација во јавност.
Според Забрчанец, соопштенијата од институциите имаат намера да известуваат за активностите кои се од интерес на граѓаните, да создаваат вести за тоа и на тој начин да се одржува и развива довербата на јавноста кон институциите, а институционалниот ПР не ретко има и секундарна политичка цел, а тоа е преку позитивните вести да се јакне индивидуалниот политички рејтинг на функционерите, односно на министрите.
Забрчанец ги наведува факторите кои, според теоријата на професионалниот ПР одредуваат како една информација станува вредна за објавување, односно во кој момент истата заслужува да стане вест.
01. Влијание – ако станува збор за нешто што може изврши влијание врз одредена целна група
02. Навременост – веста уште се нарекува и новост, бидејќи информира за нешто ново и важно
03. Блискост – нешто што ѝ е блиско, својствено, потребно на целната публика
04. Човечка хуманост и емоција – нешто што има за цел да допре до емоциите на луѓето, да ги направи похумани, да ги насмее, да ги разнежни, да ги направи поемпатични
05. Конфликт – некое несогласување, спротиставување, побивање, одбивање, демантирање и слично
06. Бизарно – нешто што шокира
07. Јавни личности – нешто важно поврзано со животот на одредена јавна личност
Логично е дека од сите овие карактеристики кои треба да ги исполни една информација за да стане вест, онаа на Министерството за земјоделство не исполнува ниту една. Но, дали е така, прашува Забрчанец?
Зошто некој би имал потреба да соопшти дека министерот и заменикот се сретнале и при тоа разговарале за тековните работи? Зошто министерот имал потреба да изјави дека преку разговор и добра координација министерството функционира добро за земјоделците и граѓаните?
Одговорот е еден и се крие во принципот број 2 наведен погоре, односно во тоа што министерството сака да нѐ информира за нешто НОВО и важно, односно нешто што најверојатно до сега не се случувало, а е од голема важност за министерството, вели Марјан Забрчанец и укажува на нови прашања што ги наметнува оваа „средба“.
Дали ова соопштение всушност сака да ни каже дека од изборот на заменик министерот пред цели 17 дена, денес прв пат се среќаваат министерот и неговиот заменик? Дали заменикот доаѓал на работа овие 17 дена откако е назначен или ова е неговиот прв работен ден? Или пак ова соопштение сака да ни каже дека цели 17 дена министерот и заменикот не разговарале меѓу себе? Или пак сакаат да ни кажат дека за прв пат во 17 дена имаат добра координација, односно дека до сега координацијата им била лоша?
Ако е точно дека е новост тоа што министерот и заменикот се сретнале, разговарале и се координирале, прашањето е зошто тоа не го направиле цели 17 дена, завршува повторно со прашње Забрчанец во врска со соопштение за средбата на министерот за земјоделство со неговиот заменик.