Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ахмети: Србите, Бугарите и Грците ќе ги проголтаат Македонците ако не се во добри односи со Албанците

Европскиот фронт по повод 23-годишнината од Охридскиот мировен договор денеска организира Академија за легитимитет на која ја претстави својата предлог политичка платформа, составена од мерки „кои ќе го зачуваат и рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата за да се обезбеди правилна имплементација на договорот“. Во основата на овие мерки е „Влада со етнички легитимитет“, која го зајакнува Охридскиот договор и уставниот поредок на државата.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, навраќајќи се на минатото и, како што рече болната историја, порача дека денеска е многу значаен ден за сите заедници, помали заедници кои живеат во Република Северна Македонија.

– Сите треба да обрнат внимание кога се гази легитимноста, кога се врши мајоризација и се прават навреди кон Албанците и другите заедници во оваа земја, сите треба убаво да размислат затоа што ние немаме потреба да ни се повтори минатото… Да чујат сите тие од ова одбележување и кои мислат дека нам Албанците можат да не поделат на добри Албанци и лоши Албанци. Ние од Фронтот сме лошите Албанци кои бараме правдина. Ние нема да бидеме аргати на никого, без разлика ако некој мисли дека е ага во оваа земја, а другите се негови слуги, нагласи Ахмети.

Оваа држава, според Ахемти, ќе оди напред со добри меѓуетнички односи пред се помеѓу Македонците и Албанците.

– Македонците како народ, нација, може да напредуваат само во комуникација и усогласеност и во добри односи со Албанците. Инаку, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. Ова не ви го велам само на вас, туку и на сите други македонски политички претставници. Со соживот, со соработка можеме да ги зачуваме историјата, идентитетот, може да го зачуваат нивниот национален идентитет, инаку нивната судбина е воопшто да не постојат, изјави Ахмети.

Одбележувањето на 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор, според Ахмети, има посебна одлика за оваа држава која не се подели затоа што „се согласи на рамноправност“ и „затоа ние ја штитиме и се бориме за овој договор, кој е спас и за Албанците и за Македонците како две најголеми заедници“. 

-Имотот на кој мислеа во деведесеттите години нека го заборават затоа што сопственици сме заедно и заедно ќе излеземе на крај и за добро и за лошо. Но, во ваква состојба кога има драматични и опасни движења во Европа, не многу далеку од нас, навистина сите треба да размислуваме…Ние ја немаме комотноста за да правиме политики и да ги отстраниме легитимноста и гласањето на сите Албанци. Кои се тие од Влен што ја направија оваа фатална грешка, да газат врз легитимноста на својот народ, изјави Ахмети. 

Историјата, нагласи тој, не заборава и „Европскиот фронт“ нема да запре во заштита на легитимноста и за таа цел, како што најави „ќе дискутираме и правиме консултации со професионалци, експерти домашни и меѓународни кои се однесува и со самото изготвување на Охридскиот рамковен договор“.

-Браќа и срестри овој момент нека ни послужи за мобилизација затоа што ние сме победници, затоа што ние сме правдата. Никогаш не сме работеле позади грб на народот и на никого не сме погрешиле. Без никакво размислување ќе продолжиме со работа затоа што годините се привремени, иднината ви следува на вас кои за 23 години сте биле навистина чувари на еден Рамковен договор, кој е постигнат со крв не само со борците, туку и со крваа на претходните генерации. Ние сме господари на гордоста, на националната гордост и на државотворноста на нашата Република затоа што ние не гледаме друга иднина, некаде на друго место, затоа што не сме дојдени од некоја друга далечна земја, но генерациски заедно под Сонцето сме на простори и судбината на оваа земја ќе ја поделиме заедно со македонската заедница и заедно ќе бидеме посилни, порача Ахмети.

Бујар Османи, презентирајќи ја предлог платформата на легитимитетот подготвена од американскиот експерт на Пол Вилијамс, порача дека Охридскиот рамковен договор (ОРД) стои како камен темелник на мирот, стабилноста и демократијата во Северна Македонија и од 2001 година спроведувањето на неговите принципи генерално гарантираше мирен соживот меѓу различните етнички групи во Северна Македонија и ја промовираше праведната и еднаква инклузија на албанската заедница и малцинските заедници во социјалниот, политичкиот и економскиот живот на државата. 

-Во последните политички случувања со новата коалициска Влада формирана како резултат на изборите во мај 2024 година сериозно ги загрозија темелите на целта и намерата, како и на основните принципи на Охридскиот мировен договор, и на рационалните дејствија на ограничувања на стандардите на политичко учество, постигнати преку децениски напори за обезбедување стандарди за инклузија се спротивни на целта и намерата на ОРД и на намерата на потписниците. Како такви,  тие ги лишуваат албанската и другите заедници од стандардите за политичко учество, кои државата ги постигнала досега со што се нарушуваат принципите на ОРД и со тоа демократскиот поредок на Северна Македонија, нагласи Османи.

За да се зачува и рефлектира мултиетничкиот карактер во јавниот живот и да се зачува стабилноста, што е една од главните цели на ОРД, според Османи, владите генерално ја рефлектираат изборната волја на заедниците и „оттогаш принципот на етнички легитимитет, општо беше почитуван од сите влади“.

-Во отсуство на овој принцип етничките Македонци би можеле арбитрарно и преференцијално да одлучуваат која албанска етничка партија треба да ја претставува албанската заедница, изјави Османи. 

Оваа ситуација, според Османи, е проблематична, бидејќи, како што вели „која е тогаш смислата во постоењето на етничките политички партии и која би била причината за една етничка заедница да излезе и гласа на избори“.

– Флагрантното прекршување и игнорирање на политичката изборна волја на втората по големина етничка заедница во земјата, албанската заедници, е спротивно со шестиот амандман на Уставот на РСМ и со принципот на првична застапеност. Со оглед на целта на ОРД  и Уставот неопходно е да се применат мерки кои ќе го зачуваат и рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата за да се обезбеди правилна имплементација на ОРД. Мерки како влада со етнички легитимитет го зајакнуваат ОРД и треба да се зајакнат со понатамошни иницијативи за обезбедување континуирано спроведување на ОРД, порача Османи.  

Исклучувањето на политичката партија или коалиција, која на последните избори добиле мнозинство од гласови на изборите, според Османи, не ги исполнува овие очекувања.

– Еднаквоста и праведноста не може да се постигнат ако заедницата која треба да биде претставена по принципот на пропорционалност, всушност е лишена од претставување, затоа што претставниците кои се избрани да ги штитат и претставуваат најдобро интересите на заедницата, се исклучени на арбитрарен и преференцијален начин од страна на мнозинството, со што се суспендира изборниот легитимитет, изјави Османи. 

Применувајќи ја ова политичка основа на прашањето на формирањето на Владата, Османи посочи, дека еднаквоста може да се постигне ако секоја заедница ја претставуваат избраните легитимни претставници на нивната мнозинска волја, пропорционално со големината на заедницата. Таквата формула, како што нагласи, има цел праведно да ја распореди политичката власт и да ја рефлектира демографската реалност на државата. 

– Праведноста подразбира претставување на секоја заедница во донесување на одлуки. За таа цел претставниците на заедницата може да преземе политички дејствија и специфични мерки. Политичките дејствија се однесуваат на политичките стратегии што ќе ги усвои да се промовираат, додека специфичните мерки имаат  за цел да постигнат конкретни резултати, како што е консолидирање на практика или обичајно право во закон или воведување на нова законска мерка, изјави Османи.

Воопшто, нагласи Османи, политичките дејствија и специфичните мерки се преземаат на кумулативен или алтернативен начин, во зависност од околностите, како и од соодветните социјални, политички и економски услови. 

-Во спроведувањето на овие мерки внимателно ќе ги вклучиме принципите и успешните практики од Северна Ирска, Белгија и Швајцарија, истовремено потпирајќи се на нашите воспоставени пристапи, за да обезбедиме инклузивно решение, чувствително на контекстот создаден од неодамнешните ирационални дејствија, специфики, околности во мултиетничкото, мултикултурно општество на Северна Македонија, порача Османи.

Зијадин Села, лидер на АА, која е дел од „Европскиот фронт“ истакна дека денешниот ден пред се има значење во насока да се поздрави, она што е во основата на Рамковниот договор, а тоа е воспоставениот мир.

Оваа дебата, додаде Села е мошне важна, особено што изминатиот период имало тврдења за дестабилизација на државата од страна на ДУИ и нагласи дека Европскиот фронт е сериозен во однос на секој политички чекор што го презема.

-И тука сме за да го заштитиме мирот, она што е постигнато преку Охридскиот рамковен договор, рече Села пред присутните, нагласувајќи дека Рамковниот договор е договор за правата и дигнитетот на сите граѓани во земјата, без разлика на нивната етничка припадност.

Села нагласи и дека овие моменти се за да се потсетиме за тоа што се случи во 2001 година и додаде дека со денешната декларација ќе се отворат сите прашања кои се важни за државата.

-Ја имаме легитимноста од страна на Албанците, Турците, Бошњаците, Ромите и сите заедници и треба да ја браниме оваа легитимност која е изразена преку гласовите освоени на изборите, во спротивно каква смисла би имала демократијата, рече Села.

На настанот се обратија претседателот на Нова република, Ивон Величковски, како и дел од лидерите на партиите кои се дел од „Европскиот фронт“ – претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, Аријанит Хоџа од Европска демократска партија, претседателот на Демократската партија на Турците на Македонија, Бејџан Илјас. 

Зачлени се на нашиот е-билтен