Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Ја донесе како добра менаџерка, а сега Мицкоски се жали дека на чело со Арсовска Скопје личи на сè, само не на главен град

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека сега Скопје на чело со Данела Арсовска личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО. На наредната седница Владата ќе расправа за хигиената во главниот град, а се размислува на Арсовска да ѝ се одземат дел од ингеренциите.

„Алармантна е ситуацијата и секој ден имаме повици од граѓани. Се поставува прашањето дали можеби треба и како држава и како Влада, да направиме и некои дополнителни чекори за друг тип ингеренции и обврски што ги има Градот Скопје, а коишто гледаме дека не ги извршува навремено, посебно во делот на хигиената. Секојдневно граѓаните реагираат до Владата и затоа јас ова прашање ќе го отворам на наредната владина седница. Ова што денеска се случува во Град Скопје личи на сè, само не на главен град на земја која е дел од НАТО Алијансата и земја кандидат за членство во ЕУ“, кажа Мицкоски.

Мицкоски кажа и дека Владата ја плаќа ратата за автобусите на гас кои беа набавени во време на ексградоначалникот Петре Шилегов, оти ЈСП „Скопје“ и Град Скопје немаат пари. Граѓаните имаат многу забелешки во хигиената во градот.

Арсовска дојде на градоначалничката функција како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година. Тогаш, Мицкоски велеше дека на Скопје му треба „жена менаџерка“ и дека таа Скопје ќе го направи модерен град.

Десет месеци откако стапи на функција Арсовска се скара со Мицкоски, почна да ги разрешува ВМРО-вските кадри кои беа поставени за директори на јавните претпријатија и постојано од говорницата во Советот на Град Скопје се караше со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски го наречуваше „шпицен кандидат“ и велеше дека „ги фатила со рацете во мед“.

Арсовска повеќе од пола година не е појавена во јавност. Во Град Скопје никој не одговара на новинарски повици и прашања, оти заминаа речиси сите соработници од нејзиниот кабинет.

Зачлени се на нашиот е-билтен