Во последните години, кинеското влијание во Северна Македонија значително се зголемува, главно преку употребата на „меката моќ“. Оваа стратегија не вклучува големи кинески инвестиции, но, сепак, позитивната перцепција на македонските граѓани за Кина, според анкетата на ИРИ, се зголемува. Меката моќ се манифестира преку културни и образовни соработки, кои ја зајакнуваат видливоста на кинеската култура во Македонија и обратно, продлабочувајќи ги културните врски меѓу двете држави.
Според истражувањето на Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА), Кина има силно влијание во земјава која е рангирана на трето место меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа и се наоѓа веднаш после Србија и Бугарија. Студијата покажува дека Кина има засилено влијание во земјава без да вложи големи напори или инвестиции.
„Кинеската Комунистичка партија има значително влијание во Северна Македонија“, е заклучокот на ЦЕПА.
Организацијата укажува дека земјите надвор од ЕУ се повеќе подложни на кинеското влијание, особено врз информативниот простор на Балканот, додека Пекинг инвестира во инфраструктурни проекти во целиот регион.
И додека кинеското влијание во Македонија расте, експерти по меѓународни односи сметаат дека перцепцијата на граѓаните за Кина е повеќе апстрактна отколку реална. Според нив, граѓаните на Кина гледаат како на земја каде се прави вкусна храна, знаат за Кинескиот ѕид, за кинеската Нова година или кинеската филозофија, но дека тоа Кинеската комунистичка партија вешто го користи за да го прикрие непочитувањето на човековите права.
Кина во моментов го остварува својот најдобар резултат на светскиот Глобален индекс на мека моќ, a во 2024 година успеа да се искачи на 3. место по САД и Велика Британија и да ги надмине Јапонија и Германија.
Главен фактор во промоцијата на кинескиот јазик и култура кај нас е Институтот Конфуциј при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Овој Институт од 2013 година служи како платформа за меѓукултурен и академски дијалог и соработка помеѓу Северна Македонија и Кина.
Овие институти, кои се распространети низ светот, се една од алатките преку кои Народна Република Кина ја позиционира својата културна дипломатија, која воедно претставува важен елемент во меѓународните односи.
Авторот Мухамед Јашари во академскиот труд „Присуство на кинеската и на руската јавна дипломатија во Северна Македонија: Студија на случај – Институт Конфуциј и Фонд Руски мир“ потенцира дека културната дипломатија е особено важна во контекст на современите глобални интеракции.
Институтот Конфуциј, како што вели, го зајакнува капацитетот на кинеската држава да воспостави мека моќ и да проектира мирен национален идентитет во светот, при што ѝ помага на Кина да управува со неизвесноста и меѓународното јавно мислење во поглед на нејзиниот пораст во светот кој се менува.
Бесплатни часови по кинески јазик во Пробиштип, Битола, Прилеп, Македонски Брод и Вевчани
Институтот Конфуциј при УКИМ обезбедува бесплатни часови по кинески јазик почнувајќи од деца од предучилишна возраст до возрасни, вклучувајќи студенти и професионалци од различни компании. Освен тоа, Кина обезбедува стипендии за македонските студенти повеќе од 20 години, а повремено кинеското Министерство за трговија или Институтот Конфуциј даваат дополнителни можности за студирање или патување во Кина.
Професор д-р Лијао Веј, кинески директор на Институтот „Конфуциј“ при УКИМ во Скопје, вели дека преку можностите што ги нуди Институтот се обидуваат да го запознаат нашето општество со традиционалните кинески вештини.
– Институтот организира многу настани, вклучувајќи ги прославите на некои кинески традиционални празници, како што се кинеската Нова година, Фестивалот на змејските бродови и други. Преку нашите настани, ние ги воведуваме кинеските традиционални вештини, вклучувајќи ги калиграфијата и сечењето на хартија, вели тој.
Институтите Конфуциј функционираат на партнерски однос, каде што институција од државата е во партнерски односи со некоја институција од Кина.
Влатко Стоилков, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии на УКИМ и македонски директор на Институтот Конфуциј на УКИМ, вели дека наша партнерска институција е Универзитетот на Југозападна Кина за економија и финансии во градот Ченг Лу. Дополнува дека имаат договори со неколку општини и организираат паралелки за изучување на кинескиот јазик и за изучување одредени кинески вештини, во неколку града.
– Тоа во моментов ни се Пробиштип, Битола, Прилеп, Македонски Брод и Вевчани и општината Карпош со која имаме воспоставено многу силна соработка и држиме курсеви по кинески јазик во основните училишта во општината Карпош. Бројот на ученици во моментов е над 1 000, минатата година стигнавме до 1 500, оваа година сме некаде над 1 000 од кои најголем број се деца во основно образование кои понатаму очекуваме да напредуваат во изучувањето на кинескиот јазик и секако ќе дадат свој придонес во целокупната соработка на нашата земја со НР Кина, вели Стоилков.
Договори за соработка и „збратимени градови“ дел од културната кооперација
Преку академски врски, договори за соработка со локалните институции, т. н. збратимени градови, Кина инвестира во билатералната соработка со Северна Македонија.
Дел од тие соработки се преточени во формализирани договори како што се Спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина (склучена 1995 година во Пекинг) и извршните програми меѓу министерствата за култура.
Овие билатерални документи моделираат формално-правна рамка која овозможува установите, ансамблите, уметниците и другите културни субјекти од двете држави да се поврзуваат, да ги користат ресурсите со кои располагаат и да реализираат реципрочни проекти или заеднички иницијативи.
Интересно е тоа што, како што е наведено во истражувањето „Кинеското влијание врз процесот на пристапување на Западен Балкан во ЕУ: синергии и пречки“, иако постојат билатерални договори и зголемување на можностите за проучување на кинескиот јазик и култура и на универзитетите и во неформалното образование, сите тие се создадени и/или финансирани од кинески ентитети.
Земјите од Западен Балкан немаат автохтони кинески студии, ниту развиена свесност дека ваквата истражувачка активност треба да се развие и поддржи од домашните средства за да се обезбедат независност и одржливост.
Додека во истражувањето „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската ‘мека моќ’ во Северна Македонија“, стои дека повеќето културни настани се тематски фокусирани на кинеската традиционална култура, современата кинеска култура останува недоволно застапена. Тоа е случај и кога станува збор за преводот на книги на македонски јазик, активност што последниве години добива интензитет.
Дека позитивните перцепции за Кина се зголемуваат во последните години кај нас покажува и истражувањето на Центарот за анализа на европската политика (ЦЕПА), во кое Кина е рангирана на трето место меѓу 17 земји од Централна и Источна Европа.
Еден од тие конкретни резултати е и Глобалниот индекс на мека моќ каде што Кина во 2024 година успеа да се искачи на 3. место по САД и Велика Британија и да ги надмине Јапонија и Германија.
Меката моќ на Кина во Северна Македонија има влијание врз различни аспекти на општеството и економијата. Преку алатки како културната дипломатија и образовните програми, Кина се обидува да иницира позитивни промени во перцепцијата на граѓаните. Сепак, додека перцепцијата се менува, важно е да се разгледаат и потенцијалните ризици и предизвици што доаѓаат со оваа форма на влијание. Потребно е внимателно да се следи како овие промени влијаат врз локалната култура и економија, и да се осигури дека придобивките се одржливи и балансирани. Само преку внимателно управување и разбирање на овие аспекти, може да се обезбеди дека меката моќ на Кина ќе продолжи да има позитивно влијание во Северна Македонија.