Премиерот и вицепремиерот со контра ставови бегството на Рамадани. За Мицкоски тоа е резултат на погрешна судска пракса, а за Меџити за судска пракса којашто треба да ја следиме како држава.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска на прес-конференција одговорајќи на новинарски прашања изјави дека Србија дава неточни информации за случајот со Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор, додека во тек беше екстрадициска постапка.
На прашањето дали Владата има информации за бегството на Рамадани, за кои дел од медиумите денеска објавија дека се наоѓа на Косово и во однос на тоа каде потфрлиле институциите, Меџити упати на одговор од Министерството за внатрешни работи.
– За тоа ќе се обратите до МВР. Знам дека судечкиот совет донел одлука дека аргументите коишто ги посочува Србија не држат и нема основа Блерим Рамадани да се спроведе во Србија. Тоа е веќе трета одлука. Имаше иста за Дуголи во минатото, имаше за Морина и веќе тоа станува судска пракса и мислам дека најверојатно таа судска пракса треба да не насочи како држава да дејствуваме како и сите други европски држави, истакна Меџити.
За разлика од него, премиерот Мицкоски изјави судијата, којшто во минатото е познат по многу контроверзни судски одлуки, донел одлука којашто ја суспендира судската пракса и со тоа се ставил над повисокиот суд, а тоа е Врховниот суд.
– Тоа е прашање коешто треба многу озбилно да се разгледува. Зошто ова прерасна во политичка тема е исто така прашање коешто треба да се разгледува и многу озбилно да се анализира. Јасна е судската пракса. Дали нас ни се допаѓа или не, тоа е друга тема. Но Врховниот суд во 2019 година има донесено одлука со која што тогашното лице коешто е заробено како резултат на меѓународна потерница од Србија, во екстрадициониот притвор е ослободено. Зошто овој судија прави ваква судска гимнастика и инжинеринг, тоа е веќе друга анализа, рече Мицкоски.