Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Африм Гаши отишол по невеста во Косово со службен автомобил, вели сѐ било законски

Од Кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши попладнево соопштија дека тој вчера заедно со неговото семејство отпатувал во Косово, а посетата, како што велат, била целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. 

Писмената реакција од Кабинетот на Гаши доаѓа по објавените видео снимки дека тој со службено возило во Косово „отишол по невестата“.

Видеото првично беше објавено на порталот Индекс.мк објави видео на кое се гледа службениот автомобил на Африм Гаши како дел од свадбарска колона, со наслов „Африм Гаши со службен автомобил оди да ја земе невестата“.

Според информациите што беа објавени, Гаши со службеното возило патувал надвор од државата, во Косово, каде заедно со свадбарската колона се упатил по невестата. За да го преминат граничниот премин „Блаце“, целиот граничен премин бил блокиран.

Еве како го објаснуваат случајот од неговиот кабинет.

-Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури. Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата, се вели во реакцијата. 

Од Кабинетот на Гаши наведуваат дека надлежните органи можат да ја потврдат оваа информација, оти сите постапки се во согласност со одговорностите и обврските на претседателот на Собранието.

Посочуваат дека претседателот на Собранието е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон.

-Овој безбедносен детал функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата, велат од Кабинетот на спикерот Гаши. 

Од Министерството за внатрешни работи, пак, на прашање на МИА за патувањето на Гаши со службено возило во Косово, информираат дека од нивните надлежни служби во тек се проверки за случајот. 

-Во врска со случајот за кој прашувате, Ве известуваме дека од страна на надлежните служби во МВР се вршат соодветни проверки со цел утврдување на фактичката состојба, по што соодветно ќе ја известиме јавноста, наведуваат од МВР.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново