Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сиот измет и индустриски отпад завршуваат во Вардар – Сè уште нема темели за Пречистителната станица

Соња ТАНЕСКА

Алармантно е загадувањето на реката Вардар во скопскиот реон. Категоризирана како 4 или 5 категорија, таа е неупотреблива, вклучително и за наводнување или за капење, со што претставува потенцијална опасност за граѓаните според официјалните податоци на Центарот за јавно здравје во Македонија.

Скопје е еден од ретките главни градови во Европа кој нема пречистителна станица за отпадни води и тоа во голема мера придонесува за проблемот – сиот измет и индустриски отпад слободно да завршат во реката.

Директивите на ЕУ јасно укажуваат на забрана за испуштање на отпадни води во реките, езерата и подземните води ако претходно не се третираат во пречистителни станици. Без изградба на пречистителни станици за отпадни води, земјава не може да ги задоволи европските стандарди за животна средина.

Од 2019 се чека почетокот на изградбата на скопската станица, а Европската комисија во последниот извештај за напредокот во земјава констатира дека градењето нови станици е бавно и полно со предизвици.

„Владата го вклучи воспоставувањето инфраструктура за собирање и третман на отпадни води како една од мерките за структурни реформи во Програмата за економски реформи за периодот 2022-2024 година. Брзината на изготвување и спроведување на останатите поголеми проекти останува предизвик“, се наведува во Извештајот на Европската Комисија во делот на управувањето со квалитетот на водите во земјава.

Градоначалничката на Град Скопје иако неколку месеци ги игнорира прашањата на Рацин.мк за тоа што се случува со проектот за Пречистителната станицаза главниот град, таа на пресконгеренција кратко одговори дека нема прецизни информации кога ќе започне изградбата, но дека спорните ДУП-ови кои биле блокирани во Аеродром и Гази Баба се решени, а главниот збор го има Јавното претпријатие „Водовод и канализација“.

-Јас немам увид во трансакциите ниту имам рокови како информација да ја споделам со јавноста до каде е овој проект, дококолку сакате ќе ви испратам извештаи од состаноците, па вие сами проценете како се одвива изградбата. Две општини имаа проблем со ДУП-овите, ги блокираа и не можеа да се извадат дозволи за градба, тоа се реши сега работите се одвиваат тековно, рече Арсовска на вчерашната прес-конференција.

Од Министерството за животна средина во јануари годинава започна со авансна исплата за да може изведувачот да започне со работа, поточно 603,5 милиони денари или 10 милиони евра што тие му ги префрлиле на на скопски „Водовод и канализација“, кој, пак, треба да ги уплатува на германско-македонскиот конзорциум „ВТЕ Васертехник“ и „Жикол“, со кои беше потпишан договор лани во април.

Новото раководство пак од министерството за животна средина не упатија на подетални одговори во јавното претпријатие иако располагаа со повеќе информации од Арсовска.

– За потребите на имплементација на пречистителната станица во Скопје, формирана е единица за имплементација на проектот, во рамките на Јавното комунално претпријатие „Водовод и Канализација“ Скопје, за управување со проектирањето, изградбата и работењето на ПСОВ Скопје. Целата реализација се спроведува од страна на оваа институција. Преку МЖСПП се спроведува само документацијата за исплата на траншите согласно Договорот, а во соработка со Министерството за финансии. Изградбата на Пречистителната станица за отпадни води е планирано да отпочне на крајот на 2024 година. Во моментов е избран изведувач што во најскоро време ќе започне со подготвителни работи на терен, за кон крајот на 2024 да одпочне со градба, се вели во одговорот на МЖСПП.

Редакцијата на Рацин.мк побара одговор и од ова претпријатие каде во моментот директор е Тони Миновски кој е вработен во „Водовод и канализација“, но до објавувањето на статијата детали не добивме.

Податоците од Министерството за животна средина покажуваат дека до 2017 година, имало само околу 13 отсто покриеност со Пречистителни станици, односно дека само мал дел од канализациската вода поминувала некакво прочистување пред да се врати во реките и во екосистемот.

Оттогаш, со помош на Европската Унија, Германија, Швајцарија и други донатори, се изградија и се пуштија во употреба неколку поголеми станици во Струмица, Радовиш, Кичево, Кочани, Гевгелија и во Прилеп. Со нив, покриеноста се зголеми на над 37 отсто.

Ако се исполнат плановите до 2030 да се направи скопската, како и станиците во Тетово, Битола, Штип и Велес, ќе се прочистуваат отпадните води што ги создаваат околу 75 отсто од жителите на земјава, и, ако сѐ функционира, би се постигнале високи стандарди во оваа област.

Но дали ова беше еден од приоритетите на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска?

Иако изградбата требаше да почне уште во март 2022 година, таа влезе во сериозни кофликти со ВМРО-ДПМНЕ, партијата која застана позади нејзината кандидатура.

Кавгата настана бидејќи изведувачот на градежните работи требаше да биде избран меѓу два конзорциума, но тогаш Арсовска обвини за „самоволие и несоодветно постапување во постапката за избор на изведувач во милионски тендер покрај , покрај тогашниот директор на „Водовод и Канализација Златко Перински, во моментот е министер за локална самоуправа, разрешен беше и генералниот секретар на Градот, Ѓоко Велковски.

Секако главната причина беше кој ќе ја има контролата над фирмите кои ќе градат, а за Перински Арсовска тврдеше дека го фатила со „рацете во медот“.

Мицкоски застана зад Перински, а се откажа од Арсовска ки покрај тоа што беше кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за изборите и имаше поддршка за исполнување на програмата „ Модерно Скопје“.

По овој драматичен пресврт Арсовска не даваше информации што се случува со проектот, се до март 2023 година кога беше потпишан договор за неповратен грант од 70 милиони евра од Европската Унија, со тоа се заокружи финансиската конструкција од над 200 милиони евра за изградба на пречистителната станица. Обезбедувањето на финансии и потпишување на договорот за пречистителната станица се случи во декември 2019 година, кога Министерството за финансии потпиша договор за 136 милиони евра со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и со Европската банка за обнова и развој (ЕБРД). Дополнително државата доби грант од ЕИБ во износ од 10 милиони евра.

Проектот се состои од две фази. Пречистителната станица ќе се состои од единица за предтретман и единица за биолошки третман кои ќе се изградат во првата фаза до 2030 година. Надградбата на биолошкиот третман со цел да се вклучи и отстранување на азотот и фосфорот ќе се изгради во рамки на втората фаза на проектот (до 2045 година).

Единицата за дезинфекција и одделно третирање на атмосферските води се смета на опционални објекти кои може да се изградат во рамки на втората фаза на проектот. Ефлуентот од третманот на отпадните води ќе се испушта во реката Вардар. Предвидениот капацитет на ПСОВ е 625.000 жители во 2030 година и 650.000 жители во 2045 година.

Скопје единствениот главен град во Европа што нема Пречистителна станица

Изградбата на пречистителна станица беше најавена на крајот од 2019 година. Во мај 2020 од ЈП најавија почеток на изградбата до крајот на 2021 година. И покрај тоа, се случи она што јавноста не го очекуваше, Скопје остана единствениот главен град во Европа кој нема изградено пречистителна станица за отпадни води.

Пречистителната станица треба да се гради во Трубарево, Општина Гази Баба, треба да ги пречистува отпадните, фекални и канализациски води и како такви да се пуштаат во Вардар, во меѓувреме да опслужат над 500.000 жители во Скопје, но и сите што живеат по течението на реката Вардар.

Во однос на водите во Скопскиот регион, за најзагадено подрачје се смета делот на Вардар од Сајмиште кон Трубарево, каде се слеваат непречистени отпадни води од домаќинствата и компаниите, но и од други загадувачи: фрлени мрши од животни, градежен шут, органски отпад и фекалии од празнењето на септичките јами, сето тоа директно – во Вардар. Со изградбата на пречистителна станица треба да се подобри бактериолошкиот и хемискиот квалитет на водата во Вардар, со што би се овозможило нејзино безбедно користење за наводнување на земјоделските површини.

Придобивките се взаемно и за заштита на животната средина и екосистемот на реката Вардар, како и за здравјето на жителите на град Скопје. Освен што ќе придонесе за отворање на нови работни места, ќе придонесе и за почисто и поздраво живеење во главниот град, подобрување на статусот на површинските и подземните води.

Се пречистуваат само третина од отпадните води

Наспроти актуелните проблеми со кои се соочуваат пречистителните станици во нивното функционирање, последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 62 отсто од отпадните води што ги создале домаќинствата и компаниите во 2021 година завршиле како непречистени во реките, езерата и подземните води во земјава. Според овие податоци, само 38 отсто од создадените фекалии во 2021 година биле пречиститени во соодветни станици за нивен третман.

Податоците од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2021 година говорат дека само 18 од вкупно 80 македонски општини вршеле пречистување на отпадните води преку соодветни инфраструктурни објекти – станици. Меѓу општините кои ја пружаат услугата за пречистување на отпадните води се вклучени општините: Свети Николе, Берово, Кочани, Струга, Кичево, Гевгелија, Струмица, Радовиш, Прилеп, Битола, Ресен, Куманово, Скопје, Македонски Брод, Дојран, Чучер Сандево, Карбинци, Чешиново-Облешево и Кривогаштани.

Битола и Тетово едвај чекаат да почне изградбата на пречистителните станици за отпадни води

Инаку, македонските невладини организации веќе предупредија дека токму за спроведувањето на Директивата за урбани отпадни води на ЕУ ќе бидат потребни огромни финансии кои Македонија треба да ги инвестира, доколку сака да стане земја-членка на ЕУ. До 2042 година на земјава ќе ѝ бидат потребни дури 1,2 милијарди евра, со кои би се овозможило целото население да биде покриено со систем за третман на отпадните води. Ова беше споменато во делот на управувањето со квалитетот на водите на дводневната обука за следење на напредокот во спроведувањето на потпоглавјата од Поглавје 27 – Животна средина и клима, што се одржа во организација на Центарот за климатски промени во ноември минатата година.



Зачлени се на нашиот е-билтен