Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Владата не испланирала пари за бесплатен превоз на студенти и пензионери

Граѓаните, продолжуваат да чекаат на постојките, соочувајќи се со нередовни и неисправни автобуси, но поголеми проблеми се очекуваат од први септември, кога ќе започне учебната година, а ЈСП на располагање има само 190 исправни автобуси, кои едвај го опслужуваат лениот возне ред.

Оваа состојба нема да се подобри наскоро, бидејќи нови автобуси нема, седница на Советот на Градот ќе има дури на крајот на месецот, а состанокот меѓу Арсовска и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински беше неуспешен. Трајко Славевски како претседател на Советот на Град Скопје веројатно беше само декорација на масата.

Перински, вчера изјави дека Арсовска немала предлози, таа пак денес рече дека имала предлози за решавање на хаосот, но не биле прифатени од Мицкоски и Перински, а вината за блокада на Градот ја носат советниците на ВМРО-ДПМНЕ бидејќи поради политички игри не ги гласаат предлозите и одлуките кои се однесуваат на јавните претпријатија.

-Како што му предочив на Мицкоски, јас не се натпреварувам за политички поени. Предложив состанок на кој презентиравме решенија за надминување на блокадите во Советот на град Скопје од страна на советниците кои три години ги држат скопјани заложници на нивната политика, рече Арсовска на денешната прес конференција по вчераната средба во Владата.

Таа додаде дека еден од предлозите бил на вонредна седница советниците да ја изгласаат програмата за работа на ЈП Комунална Хигиена за јавна чистота како и план за набавка на нови еколошки автобуси.

-Предложивме и старт на реализација на проектот БРТ, со кој градот Скопје ќе добие 60 нови автобуси, но тие не прифатија. Побаравме Владата да го исплати долгот од 8 милиони евра кон ЈСП за бесплатниот превоз на студенти, за што одговорот што го добивме беше дека ќе го исплатат, со повлекување на средствата за изградба на новиот булевар во Визбегово, “Хасан Приштина” што го сметаме за уцена на штета на граѓаните на градот Скопје, а не партнерски однос и решение,

ЈСП и Град Скопје немаа пари да ја платат ратата за автобусите на гас, па Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) побара државата да ја подмири доспеаната рата за кредитот од 10 милиони евра, земен за 33 автобуси набавени во 2020 година. Годишната рата е околу еден милион евра, која не беше предвидена во ребалансот на буџетот, но Министерството за финансии нема предвидено пари за бесплатниот превоз за студентите и пензионерите со новиот ребаланс на буџет етот. Редакцијата на Рацин.мк анализирајќи го Буџетот во кој нема таква ставка, уште пред неколку дена побара коментар од министерката, но засега нема одговор како ќе се реши овој проблем.

Соња Танеска

Зачлени се на нашиот е-билтен