Пред колапс е такси превозот во Скопје. Сè помалку има легални такси возила, а на секој чекор има диви таксисти без лиценци, кои наплаќаат двојно повеќе и возат со небезбедни коли, пишува СДК.мк
За да се викне такси возило преку регистрираните компании се врти и по еден час. Проблемот е голем особено навечер, кога нема шанси да се најде кола, па граѓаните ги користат услугите на дивите таксисти кои си наплатуваат како ќе им текне.
Од Асоцијацијата на авто-такси превозници велат дека главен виновник за ситуацијата е Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска бидејќи нема никаква контрола, ниту стратегија.
Градот Скопје е најголем виновник за колапсот на такси превозот. Никој не контролира и нормално дека сè повеќе колеги ги напуштаат компаниите каде имаат давачки и си возат на диво. Дури 80 отсто од таксистите се диви. За една година нема да остане ниту една такси-компании, ќе нема граѓаните кај да бараат такси, ќе има само диви таксисти. Не е нормално за три години мандат градоначалничката Данела Арсовска да нема ниту една средба со нас. Па со претходните градоначалници сме имале средби во Градот еднаш месечно, вели Абдула Рушити, претседател на Асоцијацијата на авто-такси превозници.
Пред две години со одлука на Советот на Град Скопје поскапе такси превозот во Скопје. Тогашната одлука предвидува цената да се формира во зависност од тоа колку е горивото. Сегашната цена по која возат таксистите 40 денари старт и 25 денари за секој изминат километар е прва тарифа и важи кога цената на горивото е до 75 денари за литар. Втората тарифа би се применувала кога цената на горивото е од 75,50 денари до 119,50 денари и тогаш стартот би бил 50 денари, а секој изминат километар 30 денари. Третата најскапа тарифа предвидува старт од 60 денари, а за секој километар да се наплатува 35 денари кога цената на горивото ќе биде над 120 денари.