Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Фреската Успение на Пресвета Богородица во Перивлепта во Охрид од 13 век ја најави европската ренесанса во сликарството

Празникот Успение на Пресвета Богородица којшто денеска го чествуваат православните верниви во Македонија е повод и за потсетување дека импозантната фреска на западниот ѕид на црквата Света Богородица Перивлепта во Охрид се смета за зачеток на европското ренесансно сликарство.

Тања Велманс, истакната специјалистка по византиска уметност од Франција во својата книга “L’art de la Mѐditerranѐe – Renaissances en Orient et en Occident, 1250-1490”, во оваа своја студија и под фотографијата од фрескоживописот Успение на Пресвета Богородица во охридската црква објавена на цела страна во публикацијата напишала: „Ренесансата во Европа започнува со фреската Успение на Богородица во црквата Перивлепта во Охрид“.

Фреската ,,Успение на Пресвета Богородица” во охридската црква Пресвета Богородица Перивлепта којашто е изградена пред 1295 година, како и останатите претстави од живописот ги насликале познатите сографи Михаил Астрапа и Евтихиј. Академик Цветан Грозданов, еден од нашите и светски најголеми авторитети за византиската уметност напишал дека динамиката, композицијата, драматиката и реализмот се сведоштво дека Михаил Астрапа и Евтихиј ги напуштиле нормите на дотогашното фрескосликаство и почнале да творат на начин кој оставил карактеристичен печат кој подоцна се препознава од страна на познавачите на европското средновековно сликатрство како зачетокот на ренесансното сликарство.

Во сцената ,,Успение” на западниот ѕид, фигурите се експресивни, боите светли, тагата на апостолите е јасно изразена, тие се прикажани со голема раздвиженост. Над сликите на апостолите е видлив комплексен архитектонски пејзаж – високи зданија во колони, прикажани во обратна перспектива. Над ликот на Христос се претставени мноштво ангели со душата на Марија во рацете. Зад нив портите на рајот се отворени. На небото од облаци се прикажани апостолите и Богородица.

Дека фреската Успение на Пресвета Богородица во Перивлепта во Охрид не е исклучок потврдуваат и мислењата на византолозите кои сметаат дека овие карактеристики кои ја најавуваат европската ренесанса во сликарството се силно изразени и во фреската „Оплакување на Христос“ во црквата Св. Пантелејмон во Нерези, во Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен