„ВМРО-ДПМНЕ и на верски празник продолжува со фабрикувани лаги и невистина за мене“, реагираше денеска пратеничката и поранешна министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска на новите наводни злоупотреби со нејзината службена картичка.
„Сакам граѓаните да знаат дека за службеното патување е избрано многу поевтино сместување од хотел или луксузни бизнис карти како оние на Мицкоски и неговите министри од 20.000 евра“, посочува во објавата на социјалните мрежи Костадиновска Стојчевска.
Таа истакнува дека ова се само обиди да „дефокусираат за нивното досегашно трошење и аздисување на Гаши и неговите сватови, како и немањето изговор зошто во буџетот најдоа пари за општините на своите градоначалници, но не и за наставниците и покачувањето на минималната плата, ДПМНЕ со вакви напади кон мене на драматични пресови ја дефокусираат јавноста“.
„Тие сакаат постојано да се занимаваме со нивните лаги. Ако има нешто незаконско нека ме тужат, но бидејќи нема, се служат за конструкции“, нагласува Костадиновска Стојчевска.
Во денешната реакција таа укажува дека службеното патување во Виена било заради отворањето на мултикултурна изложба на која биле претставени уметнички дела на повеќе од педесет македонски уметници.