Поразот на ФК Вардар на домашен терен против Воска Спорт (1:3) ја прели чашата. Тоа што беше порака од минатата недела „Рибата смрди од главата – Последна опомена“, вчера на трибината Комитите ја артикулираа со директно именување на „виновникот“ за катастрофалниот старт на клубот во новата сезона и последното место на табелата.
Навивачите на Вардар и на овој натпревар против Воска Спорт на играчите им дадоа максимална поддршка од трибините, направија одлична атмосфера, но на теренот фудбалерите, за жал, не возвратија со својата игра.
„Миленко оди си“, „Управа оди си… Наш е Вардар и наш ќе остане!“, се најновите пораки од трибината на Комитите, а нивниот револт започнал да расте уште за време на натпреварот, пренесоа спортските медиуми.
Од скандирањата на „Комитите“, кои многу бргу преку видеа се раширија на социјалните мрежи, е сосема јасно дека тие за состојбата во која сега е Вардар вината ја лоцираат во Миленко Неделковски како неофицијален извршен директор на клубот, кој го презеде раководењето со клубот, иако досега официјално не е претставен пред јавноста, како што доликува на еден трофеен клуб.
Реакциите од трибините со голема брзина се проширија и во написите на спортските портали и на социјалните мрежи уште додека траеше натпреварот, бидејќи беше сосема извесен најновиот пораз на Вардар. „Комити удрија по управата, Градски ечи, се бараат оставки!“, „Комити не простуваат: Вардар губи 3:0 на градски – се бара оставка од Миленко Неделковски“, „Ново комитско шоу: Управа оди си… наш е Вардар и наш ќе остане!“, „ Комитите го бркаа Миленко Неделковски, реагираше и полицијата на натпреварот Вардар-Воска спорт“, се само дел од насловите.
Слични, па дури и поостри реакции има и на социјалните мрежи. Искрените и загрижени навивачи, поддржувачи и вљубеници во спортот напишаа: „Вардар е далеку од европските најави на новите раководни структури“, „На цел труд на сите околу клубот, на навивачите, на крај да го помножите сето тоа со една голема нула?“, „Многу се сликаа зад логото на Вардар како спасители, на крај изгледа Вардар последен ќе се слика“, „Пред неколку години во Вардар немаше ниту јаки спонзори, ниту финансии, ниту редовни плати, ниту Градски стадион. Но, имаше дух, отчет и борба на играчите до последна топка“.
Очигледно е дека за Комитите и спортската јавност во Македонија, која со огромна скепса и негодување ја прифати информацијата дека на чело на клубот е Миленко Неделковски, разочарувањето дојде многу побргу отколку што се очекуваше и еуфоријата дека со новата управа и спонзор пукна како балон и, како што се гледа, бргу премина во гнев.
Рекоа дека е тешко да се поверува, но некои наши соговорници на оваа тема за која пишуваше Рацин.мк, предупредија дека на Комитите „помил им е Вардар, отколку ВМРО-ДПМНЕ“ и дека изборот на Миленко Неделковски за прв човек на Вардар ги изневери нивните очекувања и надежи дека ќе го видат „клубот на народот“ повторно на врвот и со отворен пат кон фудбалска Европа.
Сега истите фановите на Вардар, како што се ФК Вардар – еден живот, една љубов пишуваат дека гледаат „на дело демонстрација како партија со поставување на луѓе како Миленко во клубот успеа да заебе проект кои се градеше 3 години“. „Вака ли ‘македонската’ ВМРО му помага на Вардар сега кога е на власт?!“, прашуваат навивачите.