Да си купиме тротинети или велосипеди, коментираат граѓаните на социјалните мрежи по најавите дека утре, 2 септември, првиот училишен ден за основците, но и средношколците нема да сообраќаат приватните превозници, како и дека ЈСП има недостаток од автобуси за редовните линии по зимскиот возен ред.
И на последната Седница на Град Скопје иако ветија, сепак советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Зелен хуман град не гласаа ниту за БРТ, ниту пак за набавка на 250 еколошки автобуси кои беа и дел од програмата за „Модерно Скопје“ која три години не се реализира, а се уште има поддршка од премиерот Христијан Мицкоски, но очигледно само на хартија.
Ако сликата минатата година беше полни автобуски, преполни автобуси и нередовни линии, сега состојбата е уште полоша бидејќи како што неодамна посочи директорот на Јавното сообраќајно претпријатие за зимскиот возен ред недостасуваат околу 150 автобуси.
Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Драги Кушовски во интервју за МИА дадено во август изјави дека немаат доволен број на автобуси за да го пополнат летниот возен ред, а камоли зимскиот, и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.
Дополнителен проблем е и тоа што приватните автобуси најавија дека ќе останат паркирани, како што едногласно одлучиле, ќе сообраќаат на една линија само по еден автобус и тоа еднаш во денот, наутро или навечер.
Сепак и од овој протест има исклучок, автобусите на приватниот превозник „Вестор транс“ утре, без никаков застој ќе ги реализираат, сите линии како што е договорено со ЈСП и Град Скопје, соопштуваат од оваа компанија за превоз на патници.
-Јавниот превоз организиран од страна на „Вестор транс“ во понеделник продолжува да функционира непречено и согласно со возниот ред. „Вестор транс“ ги почитува и реализира обврските што произлегуваат од законите, одлуките и актите, со кои се уредува превозот на патници и ќе продолжи да го извршува договорот со континуирано и редовно одржување на линиите 9, 11, 11а , 12, 47 и 55 за кои има добиено дозвола за превоз – велат од компанијата.
Со цел да се надминат проблемите, на 22 август беше одржана средба на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претставници на советничките групи во Советот на Град Скопје по што беше договорено советниците да поддржат пренамена на средства за репарирање на 30 автобуси на ЈСП.
На 29 август, на седницата на Советот на Град Скопје не добија поддршка проектите за набавка на нови автобуси и Брз автобуски превоз по што градоначалничката на Град Скопје испрати отворено писмо до Владата во кое ја повика Владата да ја спроведе набавката на новите авотбуси, а доколку немаат средства за таа намена, со одлука на Советот на Град Скопје, ќе ги префрлат потребните средства за набавката.