Во првата половина на 2024 година, Европската унија произведе половина од вкупното количество електрична енергија од обновливи извори, се вели во годишниот извештај за енергија (Извештај за состојбата на енергетската унија) објавен денеска.
Учеството на рускиот гас во увозот на Европската унија падна од 45 отсто во 2021 година на 18 отсто до јуни 2024 година, додека увозот на гас од Норвешка и Соединетите Американски Држави се зголеми во исто време.
Побарувачката на Европската унија за гас е намалена за 138 милијарди кубни метри помеѓу август 2022 година и мај 2024 година, се додава во извештајот. Пополнувањето на европските складишта за гас пред претстојната зима достигна 90 отсто веќе на 19 август, многу пред крајниот рок од 1 ноември.
Авторите на извештајот наведуваат дека цените на енергијата сега се постабилни и далеку под високите вредности забележани на врвот на енергетската криза во 2022 година.
Како што се наведува, потрошувачката на примарна енергија во Европската унија паднала за 4,1 отсто во 2022 година, но неопходно е да се зајакнат напорите за уште поголема енергетска ефикасност со цел ЕУ да ја исполни целта за намалување на потрошувачката на финална енергија за 11,7 отсто до 2030 година.
Извештајот потсетува дека сите земји-членки мора да ги поднесат своите конечни ажурирани национални енергетски и климатски планови што е можно поскоро за да обезбедат заедничко постигнување на енергетските и климатските цели до 2030 година, се додава на веб-страницата на Европската комисија.