Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Меџити ќе ја замрзне енергетската транзиција на Македонија до 2050 година

Министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити , за време на престојот во Вашингтон објави шокантна вест – дека новата влада практично ќе ја замрзне енергетската транзиција на земјата од јаглен на обновливи извори, односно дека толку ќе ја забави што крајот се предвиодува за 2050 година!

„Северна Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, почитувајќи ги роковите на ЕУ за транзиција кон обновливи извори на енергија”, изјави Меџити на 9-та годишна конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа во Вашингтон.

Дури и за ваквата транзиција тој смета дека ќе треба силна финансиска и техничка поддршка од ЕУ и САД.

„Имајќи ја предвид стратешката позиција на Северна Македонија на Балканот, како и влијанието на војната во Украина и руското влијание, сакам да ја нагласам потребата од зголемено вклучување на САД и ЕУ. Оваа поддршка е од витално значење за да се обезбеди енергетска независност и да се намали руското влијание во регионот”, истакна Меџити во Вашингтон.

Практично, наспроти ветувањата дека Македонија ќе стане првата „држава без јаглен“ на Западниот Балкан, во неколку наврати се одлага рокот за затворање на електраните на јаглен, а ова последно одлагање практично ја прави транзицијата бесконечна. Првично Македонија планираше целосно исфрлање на јагленот од употреба до 2027 година, но енергетската криза ги промени плановите па рокот за остварување на оваа цел беше продолжен до 2030 година.

„Еуроњуз“ пак објави статија според која Македонија има околу 280 сончеви денови во текот на годината, со што идејата за постепеното исфрлање на јагленот од употреба наликува на лесна задача. Според проценката на европските експерти, старите електрани на јаглен ослободуваат огромни количества на токсични емисии во воздухот, уште повеќе што се отвораат нови рудници за лигнит.

„Еуроњуз“објави дека дури 47 отсто од електричната енергија во земјата се произведува од лигнит, при што активни се две термоцентрали „РЕК Битола“ и „РЕК Осломеј“. Во 2022 година, електраната на јаглен во Битола имаше најголеми емисии на сулфур диоксид и прашина во регионот на Западниот Балкан. Ослободени се 111.000 тони сулфур диоксид – 17 пати повеќе од дозволеното.

„Тоа е најголемиот предизвик од нашата независност пред 30 години па до денес. И да бидам искрен, немаме друг избор, резервите на лигнит се на крајот“, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика на Македонија, Марко Бислимоски минатата година. Беслимоски тогаш рече дека по 10 години од сега Северна Македонија ќе биде ослободена од јаглен, а струјата ќе доаѓа од обновливи извори и гас. Според планот, Македонија треба да затвори две централи на јаглен во земјата, а нивниот капацитет ќе се замени со енергија од 1,7 гигавати (GW) од обновливи извори. Во изминатите две години Северна Македонија успеа да произведе 600 MW од нов капацитет на обновливи извори, главно од сончева енергија.

За споредба, Грција веќе ги затвори сите електрани на јаглен и ги замени со обновлива енергија.

Најново