Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Скопјани нема да „ќарат“ автобуси преку унгарскиот кредит, Владата ќе дава пари само за инфраструктура

Вкупно 71 општина, со околу 330 предлог проекти аплицирале досега на јавниот повик за финансирање на проекти од инфраструктурен карактер кој што е наменет за сите единици на локална самоуправа во висина од шест милијарди денари, средства обезбедени согласно ребалансот на Буџетот.

Како што информираше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, се чека на апликациите кои биле испратени по пошта, за да може во целост да се затвори јавниот повик.

– Морам да изразам огромно задоволство затоа што интересот беше навистина голем. Практично, мислам дека и нема да остане ниту една општина која што нема да аплицира за овие средства и ова само ни ја потврдува политиката на Владата дека навистина на локалните самоуправи им треба помош и интервенции од страна на централниот буџет за да им се постави основата, а оние проблеми што ги имаат со инфраструктурата во иднина да се коригираат, да се санираат и навистина да изградиме на еден начин модерни услови за живеење во рамки на целата територија на Република Македонија, рече министерот Пирински во изјава за медиуми пред настанот за нула цврст отпад во Општина Аеродром.

Информираше дека по затворањето на повикот, има десетдневен рок каде што локалните самоуправи треба да ги достават предлог-проектите во целост со пропратната документација како што се одобрение за градба до ресорните министерства и потоа почнува процесот на евалуација за кој ресорните министерства формираат евалуциски комисии.

Меѓу апликантите е и Град Скопје кои поднесоа 20 проекти вклучително и проектот за набавка на 95 нови автобуси за јавниот превоз, откако градоначалничката Данела Арсовска не успеа да го убеди Советот на Скопје да и даде поддршка за таа да ги набаво. Шансите Арсовска да добие од унгарските пари за автобуси се мали оти министерот Перински денес нагласи дека основната цел на проектот не е набавка на основни средства.

„Основната замисла на проектот не е да се набавуваат основни средства туку да се интервенира во инфраструктурата. Тоа е основата, но да почекаме да видиме каков ќе биде исходот од евалуационите комисии па да носиме заклучоци. Инаку поентата на овој повик беше онаму каде што самите локални самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието, тоа да го направат преку оваа можност која ја даваме преку централниот буџет. Тоа е главната и основна замисла на проектот“, рече министерот Перински.

Апликацијата на Град Скопје ќе биде разгледана и оценета на ист начин како и апликациите од останатите локални самоуправи.

Во однос на прашањето како го коментира извештајот кој покажува дека загадениот воздух е причина за смртност на бебиња, Перински одговори дека токму ова е еден од проектите со кој се трудат да ја подобрат сликата во делот на подобрување на капацитетите на почиста и поздрава животна средина.

– Свесни сме сите, и ние како Влада, и како градоначалници во делот на локалните самоуправи дека проблемот со загадениот воздух не е од вчера, туку континуирано трае низ годините наназад и дека навистина треба по ова прашање да направиме некаков исчекор во периодот што ќе следи, нагласи тој.

За решавањето на проблемот со загаденоста во Скопје одговори дека е тема на која ќе се дискутира на следните седници на Влада.

– Би требало да се дискутира како една тема на следните седници на Влада, но ве молам имајте во предвид дека тоа не е во мој ресор.

Јас не бегам од одговорност или од можност да придонесам доколку можам согласно моите законски ингеренции.

Зачлени се на нашиот е-билтен