Убедена сум дека денешниот разговор во една дебатна пријатна атмосфера ќе вроди со плод. Не можам да кажам дека утре ќе се случи тоа, но важно е да почнете, изјави претседателката Гордна Сиљановска Давкова по средбата во Софија со нејзиниот бугарски колега Румен Радев.
– Се покажа дека речта, зборот, е најважна во библијата. Уште еднаш се покажа дека кога ќе седнете и разговарате водени од добра волја bona fide, а не од mala fide ќе направите еден голем исчекор кон пронаоѓање заеднички важни решнија. Јас не сум случајно овде, дојдов за да разговарам, и се разбира дека сега го очекувам претседателот Радев да дојде во Скопје. Мислам дека, и сигурна сум дека, како што честопати велам, мислата може да биде побрза од светлината. ако се слушаме, ако се почитуваме, ако имаме волја да се разбереме, тогаш решението е на дофат, истакна Сиљановска Давкова.
Прашана околу што се согласиле со Радев, таа посочи дека се обединиле околу европската интеграција, копенхашките критериуми, регионалниот пристап на решавање на проблемите.
-Се обединивме околу фактот дека научените бугарски лекции на европскиот пат ќе ги добиеме, нема да треба да ги повторуваме грешките и оти ќе трагаме по компромис и заедничко решение без никој да се чувствува навреден или повреден и без никој да мисли дека бил заборавен, рече претседателката.
Околу посетата на Радев на Скопје истакна дека „датумот не е утврден, но, одредиле околу што би можело да биде доаѓањето“.
Во соопштението на Кабинетот на Радев се наведува дека Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Северна Македонија и очекува дека тоа не само да помогне во билатералното културно зближување и економската соработка, туку и да се постигне решение за отворените прашања во нашите односи. За нив мора да се одлучува врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, протоколите потпишани кон него и Заклучоците на Европскиот совет од летото 2022 година, усвоени едногласно од сите земји-членки на ЕУ и со согласност на Северна Македонија.
Румен Радев рекол дека тоа е начин да се отвори преговарачкиот процес за целосна европска интеграција на Северна Македонија..