По вчерашниот вооружен инцидент во близина на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп уапсен е 58 годишниот Рајан Весли Рут.
Агенти на Тајната служба отвориле оган врз лице вооружено со полуавтоматска пушка, кое го вперило оружјето кон голф-клубот на поранешниот претседател Доналд Трамп во Вест Палм Бич, Флорида, додека тој играл голф.
Републиканскиот претседателски кандидат е неповреден и безбеден, соопшти полицијата, а ФБИ го истражува инцидентот како „обид за убиство“.
Еден од агентите видел автоматска пушка којашто со врвот се појавила од грмушка во близина на теренот за голф на местото каде што бил Трамп во тоа време. Агентите на тајната служба испукале најмалку четири куршуми кон осомничениот. Мажот потоа ја фрлил пушката, два ранци и други предмети и побегнал со црн спортски автомобил, но бил уапсен во соседната област.
По инцидентот Трам им се обрати на своите приврзаници преку електронска пошта и им порача дека никогаш нема да се предаде.
„Имаше пукање во моја близина, но пред гласините да излезат од контрола, сакав прво да го слушнете ова: БЕЗБЕДЕН СУМ И ДОБАР! Ништо нема да ме запре. НИКОГАШ НЕМА ДА СЕ ПРЕДАДАМ! Единство. Мир. Да ја направиме Америка повторно голема. Бог да ве благослови“, напиша Трамп.