По инцидентот со отсуството на македонското знаме на средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, денеска во МНР беше повикан новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава Желјазко Радуков, за да му биде врачена протестна нота.
Тој одбил да ја прифати протестната нота од Скопје, пренесоа дел од медиумите денеска.
Ова е исходот од задоцнетата и „смотана“ реакција на македонската страна со која се обие да ги „покрие“ пропустите што ги направиле задолжените за протокол во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова за што Рацин.мк предупреди во тесктот „Некој ќе оди „курбан“ од Кабинетот на претседателката за скандалот во Бугарија“.
Еве на што се должи оваа задоцнета и недоветна реакција на Северна Македонија.
Рацин.мк консултираше неколку извори кои имаат детален увид во постапките, протоколите и стандардните оперативни процедури (СОП) кој се утврдени од страна на МНР, сега Министерство за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ), за кои е задолжем Директоратот за дипломатски протокол, кој ги координира активностите и задачите што се однесуваат на подготовка и организација на државни, официјални и работни посети на Претседателот на Република Северна Македонија, Претседателот на Владата и Министерот за надворешни работи во странство.
Директоратот за дипломатски протокол е должен да ја организира подготовката и организацијата на државни, официјални и работни посети на странски шефови на држави и влади и министри за надворешни работи, подготовка и организација на меѓународни и домашни настани; церемонијални активности; постапките по барања за добивање агремани и егзекватури, како и предавање на акредитивни и патентни писма; изработка, ажурирање, објавување и дистрибуција на Дипломатска листа и Протоколарен список, како и други прашања од пресеансот; обезбедува координација и соработува со надлежните институции и органи во државата; подготвува упатства и инструкции за претставништвата; соработува со акредитираните претставништва во Република Северна Македонија;ја организира и оценува работата на одделенијата во негов состав; врши и други работи од својот делокруг. Во рамките на овој Сектор се Одделението за посети и церемонијал и Одделението за дипломатска преписка.
Изгледа како да е некоја сложена структура, но за овие активности се изготвени детални СОПови кои служат за тоа, меѓу другото, да не се случи скандал за време на меѓудрѓжавните посети, дури и кога станува збор за неофицијалните посети каква што беше таа на претседателката Гордана Сиљановска Давкова минатиот петок во Софија, соседна Бугарија.
Изворите на Рацин.мк, кои имаат сериозно искуство во кабинетите на некои од претходните премиери и претседатели на државата, велат дека контактите и средбите на највисоките државници, шефови на држави и влади, па дури и министри, никогаш не (треба да) остануваат без спроведување на детално пропишаните протоколи и стандарди за оперативна постапка, за кои мора да бидат детално запознаени одговорните во сите институции задолжени за овие прашања.
Во случајот на посетата на претседателката на Северна Македонија, велат нашите извори, станува збор за неофицијална посета, за која не е неопходно да се применат стандардите како што се свечен пречек, почесна гарда, интонирање на државните химни и строго утврдени правила договорени меѓу двете страни кога станува збор за јавните настапи и медиумска изложеност кога се во прашање посети од овој тип.
Посетата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова не е во овој ранг на посети, но и овој тип на средби налага правила и стандарди за кои се договараат двете страни.
Уште поконкретно, велат нашите извори, според некоја логика, најверојатно е дека од Националната опера и балет (НОБ) била испратена покана до Кабинетот на претседателката, таа да присуствува на претставата „Набуко“ на НОБ во Софија. Од тоа што е познато, претседтелката ја прифатила поканата, и како што во таа фаза беше најавено, таа можност таа ја препознала како дел од јавната дипломатија и како можност да ја поттикне политичката комуникација меѓу двете земји, кои, како што е познато, во последно време е замрзната.
Во ваков случај, Кабинетот на претседателката, според СОПовите и протоколите на Директоратот за дипломатски протокол, најверојатно го известило Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за намерата да ја посети Софија за да присуствува на претставата на НОБ во Софија и дека тоа е добра прилика да оствари средба со нејзиниот хомолог (еднаков по функција во земјата домаќин).
Процедурата понатаму ја презема МНРиНТ на Северна Македонија кое воспоставува комуникација со МНР на Бугарија. Понатаму МНР на Бугарија го известува Одделението за протокол во Кабинетот на претседателот на Бугарија ода каде даваат одобрување за посетата, по што следуваа комунукација со амбасадата на Северна Македонија за деталите на посетата и за нејзиниот формат.
Од досегашната коминикација со јавноста и медиумите, иако за тоа никогаш немаше конкретна информација според која ќе беа избегнати повеќе недоразбирања, средбата беше форматирана како неформална, за што единствена потврда дојде од советникот на Румен Радев, Димитар Стојанов.
Но, дури и кога станува збор за ваков формат, неформална средба, не завршуваат обврските на лицата задолжени за протокол и обезбедување.
Кога форматот за средбата бил решен, за тоа била известена амбасадата на нашата земја во Скопје, која за тоа треба да го извести Кабинетот на претседателката на Северна Македонија, односно задолжените за протокол во вилата Водно.
Оттука натаму за сите детали за средбата, ама буквално за сите, се задолжени и одгворноста им припаѓа на одделенијата, односно лицата за протокол во кабинетите на Сиљановска Давкова и Румен Радев.
Оваа форензика на скандалот, очигледно го стеснува фокусот за одговорноста за дипломатскиот скандал во Софија меѓу одговорните за протоколот во Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова, па дури и меѓу сите членови од нејзиното опкружување кои морале да имаат детален увид дали протоколите и СОПовите се сприведуваат така како што е пропишано.
Особено кога станува збор за Бугарија која и досега покажала тенденции да ги злоупотребува овој тип протоколарни постапки.
Инаку, кога станува збор за протокол, како што рековме, дури и за вакви, неформални средби, деталите се договараат меѓу двете страни.
Во секој случај, правилата налагаат дека од наша страна морало да има претходница од лицата задолжени за протокол и обезбедување, која на неколку дена пред средбата заминува во земјата домаќин и ги поминува и чекира сите, ама баш сите чекори што ќе ги направи, во овој случај претседателката, за време на нејзиниот престој во Софија: Кој ќе ја пречека на аеродром или каде и да е; Дали, каде и кога ќе има контакт со медиумите; Каде ќе ја пречека нејзиниот хомолог, односно домаќинот на средбата; Во која присторија; Што ќе има во таа просторија како симболи на државата; Дали ќе има тет-а-тет средба; Дали ќе има билатерална средба и кој ќе биде присутен на таа средба; Дали е договорена заедничка или одделна изјава или обраќање за медиумите, во кој формат, дали ќе има превод, дали ќе има прашања од новинарите и по колку прашања; Дали ќе има заедничко или одделни соопштенија за средбата; Дали ќе има заеднички фотографии и кои фотографии ќе бидата испорачани за јавност…
Нашите соговорници велат дека кога станува збор за овој тип средби, протоколот мора да знае и кој тоалет ќе се користи за време на средбата, за да илустрираат колку се важни деталите за вакви средби.
Во случајот на посетета на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на Бугарија и на средбата со Румен Радев, излегува дека многу од овие задолженија не биле чекирани и потврдени од двете страни, со што тие би станале задолжителни.
Заради тоа дојде и до оно недугаво образложение од страна на Кебинетот на претседателката дека „сенка на настанот фрлило отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен“.
Тоа, едноставно, немало да биде возможно доколку биле спроведени и чекирани сите чекори предвидени за посетата.
Но, дури и во таков случај, каков што била „местенката“ на Радев, опкружувањето на претседателката морало да биде будно, да ја препознае стапицата и да реагира.
За да биде ѓаволот поголем, во овој случај, сериозен пропуст има и кај оние задолжени за комуникација со јавноста и медиумите во Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова. Апсурдно и неприфатливо е да тврдите дека „фотографии во рамките на затворениот простор не беше предвиден, ниту договорен“, а да ги објавите токму тие фотографии во комуникацијата за средбата на претседателката со бугарскиот Румен Радев.
Форензиката туку што потврди. Некој од Кабинетот на Сиљановска Давкова треба да оди „курбан“.
Сосема друго прашање е мангуплукот на Бугарите и прашањето за неопходното внимание во иднина во комуникацијата со бугарските институции.
З. Б.