Според шестата едиција на извештајот „Усогласи или затвори“ од Bankwatch објавена денес (1), за во изминатата 2023 година, континуираното занемарување на должностите за спроведување на законите од страна на владите, повторно донесе зголемување на загадувањето со сулфур диоксид (SO2) од застарените термоелектрични централи од Западен Балкан. Загадувањето со прашина и азотни оксиди (NOx) од електраните што користат јаглен исто така повторно ги надминува законските гранични вредности.
Во 2023 година, шест години откако правилата за контрола на загадувањето влегоа во сила
преку Спогодбата за Енергетската заедница, загадувањето со сулфур диоксид од термоелектричните централи што користат јаглен, а што се вклучени во Националните планови за намалување на емисиите (НПНЕ)(2) на Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија, сѐ уште заеднички беше поголемо за 5,7 пати од дозволеното. Ова е чекор назад споредено со 2022 кога беа 5,6 пати над дозволеното.
Загадувањето со прашина беше 1,75 пати над дозволеното, само минимално намалување од 2022 кога беше 1,8 пати над дозволеното. Емисиите на азотни оксиди исто така беа 1,3 пати над дозволеното. Србија за прв пат се приклучи на Косово и Босна и Херцеговина во надминувањето на националниот лимит за NOx емисии, а Северна Македонија остана единствена што се уште не го надминува овој лимит кој секоја година се намалува.
Битолската електрана останува еден од најголемите загадувачи во Европа со сулфур диоксид. Оџакот на блоковите 1 и 2 е еден од четирите кои ги надминаа своите дозволени годишни граници за емисии на SO2 за повеќе од 10 пати каде што уште влегуваат и Угљевиќ и Какањ 7 во Босна и Херцеговина и Костолац А2 во Србија.
Секретаријатот на Енергетската заедница отвори неколку случаи за пркршувањата на обврските од Спогодбата за сите држави што имаат НПНЕ, вклучително и Северна Македонија, но ниту една влада нема преземено мерки и нема казнето ниту еден од операторите на термоцентралите. Исто така, ниту една од земјите нема ажурирани и реалистични планови за усогласување со граничните вредности на загадување и/или затворање на старите термоцентрали.
Давор Пехчевски, Координатор за енергија на Балканот во Bankwatch – „Владите и операторите се одлучни во тоа да го „исцедат“ секој можен киловат електрична енергија од нивните стари термоцентрали, независно од здравствените последици од тоа. Националните планови за енергија и клима (НПЕК) мора да дадат јасен патоказ за исфрлање на јагленот од употреба, но, досега потфрлаат во тоа. Во Северна Македонија планираното затворање на термоелектраните се одложува, а не се презема ништо за да се намали загадувањето од нив. Операторите не смеат да се однесуваат вака – централите мора или да се затворат или да се усогласат со правилата за контрола на загадувањето.“
Жарко Конески, Програмски координатор за енергија во Еко-свест – „Наодите од извештајот се исклучително загрижувачки, особено делот дека емисиите од електраните воопшто не се мерат, туку само паушално се пресметуваат. Тие се обврзани да обезбедат континуирано мерење на загадувањето што го предизвикуваат, но ниту таа обврска не е исполнета. Очигледно е дека и понатаму се планира отворање на нови јагленокопи со што инвестициите се насочуваат таму наместо кон намалување на загадувањето и кон енергетска трансформација. Потребно е да се
забрза веќе планираното постепено и етапно заменување на застарената опрема со иновативни технолошки решенија во преминот кон обновливи извори на енергија.“