Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски во Брисел нема да има билатерална, ниту тет-а-тет средба со Фон дер Лајен

Според извори на Рацин.мк од Европската Комисија, премиерот Мицкоски во Брисел нема да има билатерална, ниту тет-а-тет средба со претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен.

Ова произлегува и од агендата за посетата што Владата на Северна Македонија, во меѓувреме, ја испорача до медиумите.

Во соопштението се вели дека претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски заедно со Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и Министерот за европски прашања Орхан Муртезани ќе престојува во работна посета на Брисел.

Во Брисел Претседателот на Владата, Мицкоски заедно со лидерите од Западен Балкан ќе присуствува на ручек организиран од Претседателката на Европска комисија, Урсула Фон Дер Лајен.

Потоа, Претседателот на Владата Мицкоски ќе оствари состанок со Претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел.

Претседателот на Владата Мицкоски ќе оствари состанок и со Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Состанок е предвиден и со Генералниот директор на генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР) Герт Јан Копман.

Како што е видливо и од агендата Мицкоски ќе присуствува на ручекот со Урсула фон дер Лајен, но заедно со останатите лидери од Западен Балкан.

Во фокусот на состанокот на ЕУ со лидерите од Западен Балкан се реформските агенди што во меѓувреме балканската шесторка ги достави до Брисел, како дел од Планот за раст.

„Европската комисија моментално ја завршува евалуацијата на реформските агенди поднесени од земјите кандидати од Западен Балкан, кои опфаќаат области од основни права до социо-економски реформи. Откако ќе го завршиме тоа, ќе се консултираме со земјите-членки и со Комитетот за пристапна помош на ИПА. Доколку дадат позитивно мислење, комитетот ќе продолжи со усвојување и одобрување на тие документ и дури потоа ќе склучиме договори за кредит и договори за заем со сите, за да може да започне исплатата“, рече портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.

За роковите не можеше да зборува, бидејќи е неизвесно колку ќе трае постапката, но се надева дека ќе биде „што поскоро“.

Реформската агенда ги опфаќа документите што сите шест кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан требаше да го достават до Комисијата на ЕУ за да се распределат парите од финансискиот пакет од Планот за раст на Западен Балкан вреден шест милијарди евра.

Најново