Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Што бара Таравари во Њујорк? Поевтино ќе не чинеше од тука да ја синхронизира владината коалиција

На 23 септември медиумите, преку МИА беа информирани дека Арбен Таравари, претседателот на Алијансата за Албанците и министер за здравство, Арбен Таравари, заминува во официјална посета на Соединетите Американски Држави.

Пазете ова: во официјална посета на Соединетите Американски Држави.

А тој всушност отишол во Њујорк за присуствува, значи не да учествува или да говори, туку да присуствува „на идниот (?!?)“ самит на Генералното собрание на ОН, „Мултилатерални решенија за подобро утре“, на кој ќе присуствувале лидери од целиот свет.

Во соопштението од три реда уште беше наведено дека „се очекува Таравари да има и многубројни средби во Њујорк и Вашингтон со високи претставници на американската држава“.

Соопштението беше објавено, како што рековме на 23 септември и да прифатиме дека Таравари отишол ден порано на 22 септември, факт е дека Самитот на кој (требало да) присуствува(л), се одржал 22 и на 23 септември.

Немаме информација дека присуствувал, ниту, пак тој објави на своите социјални мрежи дека присуствувал, ама од тоа присуство нема некое фајде за државата и за граѓаните, иако тоа е прилика за средби на маргините и за размена на информации со некој битен. Но, ништо од тоа.

Во соопштението со најавата дека заминува за САД пишува уште дека „се очекува Таравари да има и многубројни средби во Њујорк и Вашингтон со високи претставници на американската држава“.

Од тоа што досега пристигна како информација за „многубројни средби во Њујорк и Вашингтон со високи претставници на американската држава“, е единствено објавата од 25 септември на неговите профили на соц-мрежите, дека претходната вечер, вечерал со пензинираниот генерал Весли Кларк.

Па уште напишал дека тоа било „меѓу важните состаноци што ги одржувам во Америка“ и дека таа вечера била „една од најпријателските и најскапоцените, дефинитивно беше вечерата што ја имав синоќа со генералот Весли К. Кларк кој одлично го водеше НАТО и ни претставува голема предност. Ви благодариме генерале!“.

За оние што не знаат генерал Весли Кларк во 1999 година беше командант на операциите во Косово и Сојузна република Југославија под водство на Слободан Милошевиќ

Ништо друго за другите „… важни состаноци во Америка“, нема досега од Таравари.

Ајде, денот не е готов во САД. Можеби ќе има уште една вечера.

Но, меѓу тие две вечери, Таравари имаше активна комуникација за да ги гаси пожарите во владата и да ги синхронизира односите меѓу партнерите во владината коалиција, иако македонските граѓани поетвино ќе ги чинеше тоа да го правеше од тука, а не од Њујорк. Меѓу две вечери.

Зачлени се на нашиот е-билтен