Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Во тек е повикот на RYCO за младински културен активизам, грантови до 6000 евра

Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) информира дека имплементира нов проект „Младински културен фонд на Западен Балкан“, финансиран од германското Министерство за надворешни работи, а поддржан од владите на Западен Балкан. Станува збор за повеќегодишен регионален проект наменет за културни практичари и граѓански организации од областа на културата.

Сите поединци со своите креативни идеи можат до 10 октомври да аплицираат за грантови до 3.000 евра, додека пак, граѓанските организации можат да аплицираат за грантови до 6.000 евра.

Проектот е предвидено да се одвива наредните години со неколку нови отворени повици секоја година во кој е опфатен регионот на Западен Балкан – Северна Македонија, Србија, Албанија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Предвидено е доделување на 29 грантови, 10 за индивидуалци, 13 за невладини организации, а шест ќе бидат награди на добри примери.

Овој проект има за цел да го поддржи културниот активизам предводен од младите и културните работници, креативните решенија за итни социјални и политички прашања во регионот, преку придонес во регионалната соработка, интеркултурниот дијалог, градењето мир и помирувањето.

Уметникот Горазд Китановски, којшто воедно е и еден од добитниците на грант од Северна Македонија во првиот отворен повик потенцира дека светот останува на младите и токму тие треба да бидат пример за идните генерации за тоа како со соработка може да направиме Балканот да стане едно поубаво место за живеење.

„Не ли би било прекрасно кога во еден филм ќе видиш млади луѓе од Македонија, од Косово, од Црна Гора, од Босна и Херцеговина да бидат во истиот филм, на истите теми да напишат песна и да видат што напишал човекот од Босна и Херцеговина, што напишал човекот од Косово. Тоа парче уметност што ќе излезе од овој проект, ќе биде наше заедничко на младите и на постарите од Западен Балкан. Со културен активизам, ние сакаме да дадеме глас и на оние коишто немаат каде да го изразат своето мислење. Така што, ние сакаме да собереме колекција на песни, на мислења и на идеи од сите млади коишто ќе ги најдеме, ќе ги сретнеме на нашиот пат“, вели Китановски.

Преку ваков интерактивен пристап го поддржуваме активизмот на младите и на оние кои работат со нив во областа на културата и иницираат креативни решенија за социјалните и политичките прашања во Западен Балкан, придонесувајќи за вмрежување и почитување меѓу сите млади лица.

Проектната менаџерка во RYCO Шерифе Исмаили посочува дека проектот „Младински културен фонд за Западен Балкан“ има регионален пристап со кој младите ќе се поддржат да соработуваат регионално, ќе се вмрежуваат, но и ќе работат на предизвици што постојат во овие земји.

„Се работи за проект со којшто на некој начин сакаме да ги споиме културните сцени, наменет за културни работници, за индивидуалци и за организации коишто работат во областа на култура и со млади. Уметници коишто придонеле во своите региони во промовирање на културата, исто така низ призмата на помирување и градење на мир се и едни од клучните тематики и области на коишто работи RYCO“, истакнува Исмаили.

Сите заинтересирани поединци, културни работници и невладини организации можат да се пријават со пополнување на апликација на официјалната веб-страница на RYCO: https://www.rycowb.org/western-balkans-youth-cultural-fund-3rd-open-call/.

Повикот за аплицирање е отворен до 10ти октомври, во кој сите индивидуалци и организации можат да ги поднесат своите апликации, во кои имаат шанса да бидат поддржани финансиски, но и со дополнителни тренинзи и менторска поддршка во имплементација на своите идеи.

Проектот е финансиран од германското Сојузно Министерство за надворешни работи, а го спроведува Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).

Зачлени се на нашиот е-билтен