Со концертот „Пучини 100“, со кој ќе се одбележи 100-годишнината од смртта на големиот италијански композитор Џакомо Пучини, вечерва започнува XXIV издание на Неделата на италијанскиот јазик во светот (SLIM), посветено оваа година на темата „Италијанскиот јазик и книгата: светот меѓу редови“.
Неслучаен избор, во многу важна година за италијанското издаваштво, во која Италија беше поканета како почесен гостин на престижни меѓународни настани како што се Саемот на книгата во Варшава и во Франкфурт, како и овде во Северна Македонија со учеството на писателката Паола Перети на неодамнешниот саем на книгата Bookstar.
Во Филхармонијата на Република Северна Македонија ќе настапи познатиот македонски тенор Благој Нацоски во придружба на пијанистката Елена Атанасовска и најдобрите студенти на мастеркласот што тенорот го одржа на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Програмата на вечерта ги вклучува најубавите арии од оперите на Пучини од кои дел ќе бидат премиерно изведени во државава. Покрај рециталот, во интермецата Нацоски ќе нѐ воведе и во животот и кариерата на еден од најголемите италијански композитори во историјата и тоа низ анегдоти, приказни и биографски податоци – раскажани на италијански и македонски јазик.
Следниот ден, вторник, 15 октомври, на Универзитетот во Штип, заменик-шефот на мисија, Марио Де Роза, ќе одржи семинар за италијанската поезија од дваесеттиот век, истражувајќи значајни автори и теми од тој период.
Во среда на 16 октомври во Европската куќа во Скопје ќе се одржи книжевна средба со Дача Мараини. Познатата италијанска писателка ќе разговара со професорката Дагмар Рајхард (Универзитет во Рига) за преводот и рецепцијата на нејзините дела низ светот. Ќе бидат претставени и македонските преводи на нејзините романи, во присуство на локални издавачи и преведувачи. Ќе биде презентиран и најновиот превод на романот „Трио“ на Дача Мараини (Рицоли, 2020 година) изработен на преведувачката работилница организирана од Катедрата за италијански јазик и книжевност при УКИМ.
Четврток, 17 октомври, ќе биде посветен на меѓународната конференција организирана по повод 65-годишнината од Италијанските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, на која ќе се обратат и писателката Дача Мараини и лингвистката Вера Гено, којашто ќе одржи пленарно предавање на тема „Јазикот е политика: дијахрониски и синхрониски размислувања за прашањето на родот во италијанскиот јазик“. Преку видео-конференција професорот Рино Капуто од Универзитетот Тор Вергата во Рим ќе ги анализира случаите на родово насилство во италијанската литература, со примери земени од делата на Данте, Бокачо и Пирандело.
Отворањето на конференцијата ќе се одржи во Ректоратот на УКИМ, а работата на конференцијата ќе се одвива на 17 и 18 октомври на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје со учество на 45 еминентни научници од Италија и од регионот, кои ќе дискутираат на различни теми поврзани со прашањата на родот, јазикот, книжевноста, културата, дигиталното доба и сл.
На 18 октомври во Младинскиот центар во Струмица, Здружението „Quo Vadis Ad Astra“ во соработка со Општина Струмица ќе организира изложба со наслов „Италија во минијатура – иконични споменици и симболи“. Станува збор за 3Д креации – создадени од ученици од основните училишта во Струмица кои го изучуваат италијанскиот јазик како втор странски јазик – инспирирани од некои од најславните споменици во Италија, како што се Колосеумот во Рим и Кулата во Пиза. Ќе следат интерактивни игри, активности за деца со боење на лице и музичка програма.
Организирана од страна на Амбасадата на Италија во соработка со еминентни локални институции, манифестацијата ќе понуди можност за задлабочување во италијанскиот јазик и култура, благодарение на богатата и разновидна програма наменета за публика од сите возрасти. Иницијативите всушност ќе понудат содржини од областа на литературата (со осврт на големите класици, но и на современи писателки) од лингвистиката, театарот, визуелните уметности и филмот, не изоставајќи ја и музиката преку концерти кои црпат инспирација од различни епохи и жанрови, како на пример италијанската оперска традиција, но и современата рап музика.