Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали Путин со Самитот на БРИКС ќе успее да ја прикаже Москва како сè, освен изолирана?

Рускиот претседател Владимир Путин, отфрлен од Западот и означен како потенцијален воен злосторник од страна на Меѓународниот кривичен суд, е домаќин на 36 светски лидери од држави, вклучително Кина, Индија и Иран, како дел од самитот на групата БРИКС, организиран за да ја прикаже Москва како сè, освен изолирана, анализира британски Гардијан.

Уште нема потврдена информација дали генералниот секретар на ОН е подготвен да им пркоси на Западот и Украина со учество на самитот, како што најави Москва. Портпаролот на Антонио Гутереш беше двосмислен за неговите планови во понеделникот.

МКС издаде налог за апсење на Путин поради киднапирање на украински деца во Русија.

Москва објави дека претставниците на 36 земји ќе присуствуваат на тридневниот состанок, што го прави најголемт меѓународен собир организиран од Путин откако тој нареди целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година. Путин ќе се сретне еден на еден со Кинескиот претседател Си Џинпинг и индискиот премиер Нарендра Моди, и ќе одржи и други билатерални средби.

Русија тврди дека групата го претставува глобалното мнозинство што може да сочинува суштински елемент на новиот глобален поредок кој доаѓа.

Групата БРИКС веќе се прошири од нејзините пет членки Јужна Африка, Русија, Кина, Бразил и Индија во поширока група вклучувајќи ги Египет, Обединетите Арапски Емирати. Етиопија и Иран. Аргентина се пријави, а потоа се повлече по нејзините претседателски избори.

Досега не е јасно дали Турција и Саудиска Арабија ќе и’ се продружат на групата.

Меѓу другите што треба да присуствуваат на настанот, освен колебливиот Гутереш, се и палестинскиот претседател Махмуд Абас, како и лидерите од Алжир, Азербејџан, Белорусија, Индонезија и Мексико.

Клучна цел на групата е да дејствува како противтежа на главните западни економии, особено на доминацијата на доларот, која се’ повеќе се гледа како американско оружје за наметнување на својата политичка волја преку санкции. Масуд Пезешкијан, иранскиот претседател, на пат кон самитот во Казан рече: „БРИКС може да биде излез од американскиот тоталитаризам и да создаде пат на мултилатерализам. БРИКС може да биде решение за справување со доминацијата на доларот и справување со економските санкции на земјите“.

Индија и Бразил делат дел од желбата да се ослободат од доминацијата на доларот, но не во иста мера како Кина или Русија. Од друга страна, претседателот на Бразил, Луис Инасио Лула да Силва, на пример, инсистираше на тоа дека Брикс „не е против никого“.

Алекс Габуев, директор на Евроазискиот центар Карнеги Русија во Берлин, вели дека генерално самитот БРИКС во Казан е подарок за Путин.

Пишувајќи во Форин Аферс, тој рече дека пораката на собирот ќе биде: „Не само што [Русија] е далеку од меѓународна отфрленост, туку сега е клучна членка на динамична група која ќе ја обликува иднината на меѓународниот поредок. Таа порака не е само реторичко држење, ниту е само доказ за вештата дипломатија на Кремљ со незападните земји или за личен, прагматичен ангажман на тие земји со Русија“.

Путин не можеше да ризикува да присуствува на последниот самит на БРИКС во Јоханесбург, бидејќи не сакаше да ги засрами своите домаќини, кои ќе беа обврзани да го уапсат по налогот на МКС, бидејќи Јужна Африка е потписник на Римскиот договор.

Путин можеби се надева дека светските настани се вртат во негова насока, со потенцијалното враќање на Доналд Трамп во Белата куќа следниот месец, а и од можноста за поволен резултат на изборите во Грузија овој викенд.

Иднината на украинскиот конфликт на краток рок зависи од изборот на Трамп, но дури и ако тој загуби, воениот замор во Европа ги наведува сите страни да заклучат дека Украина барем ќе мора да отвори разговори со Путин додека руските трупи сè уште окупираат голем дел од источна Украина.

Во 2014 година, Бразил, Кина, Индија и Јужна Африка се воздржаа од гласање за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за поддршка на територијалниот интегритет на Украина по руската анексија на Крим. Нивното единство беше пригушено по руската инвазија на Украина во 2022 година, каде што Индија, Кина и Јужна Африка беа воздржани, а Бразил ги осуди постапките на Русија.

Но, целта на основањето на БРИКС не е безбедност, туку средство за развој на економски и технолошки платформи кои се имуни на американскиот притисок и санкции, делумно преку заобиколување на доларот и туркање на интернационализацијата на јуанот.

И покрај тоа што групата БРИКС има поголем комбиниран БДП од Г7 или ЕУ, нејзиниот удел во капиталот и последователното гласачко влијание во институциите како што е Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) остануваат значително помали, бидејќи гласачката моќ на секоја земја-членка се мери на основата на нејзиниот финансиски придонес во Светска банка.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново