82 фрази и неисполнети ветувања за 79 годишнината од слободно Скопје

За жал, годишнината од ослободувањето на Скопје, која се совпаѓа со двете години од мандатот на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, скопјани ја одбежуваат со горчина заради серијата неисполнети ветувања кои требаше да ја променат сликата на градот. Така зборуваше Арсовска во нејзината предизборна кампања.

Зоран БОЈАРОВСКИ

За жал, годишнината од ослободувањето на Скопје, која се совпаѓа со двете години од мандатот на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, скопјани ја одбежуваат со горчина заради серијата неисполнети ветувања кои требаше да ја променат сликата на градот. Така зборуваше Арсовска во нејзината предизборна кампања.

Сликата од пред една година, кога градоначалничката побрза да соопшти дека реализирала многу проекти во првите 82 дена, бројка под која беше заведена во изборните гласачки ливчиња, не е променета ниту после две години.

Наместо променета слика, градот сега може да се украси само со бројните неисполнети ветувања за проекти, меѓу кои имаше неколку кои само требаше да продолжат од таму до каде што беа доведени од претходниот градоначалник Шилегов.

Станува збор за исклучително значајни, капитални проекти за Скопје.

Блокирани европски проекти од клучно значење за животната средина

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје, проект вреден преку 200 милиони евра и од исклучително значење за животната средина за градот и за скоспкиот регион никако да започне.

Иако веќе требаше да започне, рокот е веќе изминат, но за да се случи ова, Градот Скопје треба да си ги исполни своите обврски кои никако да се спроведат.

Тендерската постапка за изградба на пречистителната станица за отпадни води веќе е завршена и беше избран најповолен изведувач. Но наместо да продолжи постапката, започна кавгата меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска за обиди за местење на тендерот при изборот на изведувач. Беше сменет и директор на ЈП „Водовод и канализација“ што беше кадар на ВМРО-ДПМНЕ, по што оваа партија ја откажа и поддршката за скопската градоначалничка.

Инаку, тендерот за изградба на скопската пречистителна станица беше отпочнат во летото 2020 година, а крајниот рок за завршување на изградбата на овој капитален објект беше 2026 година, кој влегува во предусловите за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Пречистителната станица за отпадни води во Скопје треба да се гради во близина на населбата Трубарево, а со неа ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води од Скопје. Објектот ќе има капацитет да ги задоволи потребите на 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, со што ќе се подобри и хемискиот и бактериолошкиот квалитет на речните води на Вардар.

Додека Арсовска не се заангажира да започне овој проект, фекалиите на жителите од главниот град ќе продолжат да се испуштаат како непречистени директно во Вардар.

Не го исполни ветувањето за 250 еколошки автобуси, му се врати на БРТ на Шилегов

„Заради намалување на загадувањето во главниот град, предвидуваме транзиција кон целосно еколошки јавен транспорт. Нашата цел е поефикасно извршување на јавниот превоз, како и заштита на животната средина. Во соработка со централната власт и меѓународни партнери, се обврзуваме на промена на автобуската флота со еколошки автобуси на природен гас и електрични автобуси“, пишуваше во изборната програма на Данела Арсовска во 2021 година во октомври.

Ветувањето на  градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска за набавка на нови 250 еколошки автобуси досега (03.10.2022) е неисполнето.

Наместо „зелени“ автобуси, скопјани добија уште серија зелени ветувања дека само што не започнала набавката.

Поминаа две години со за на крајот да биде соопштено дека градот бил презадолжен и дека во буџетите во 2022 и 2023 не се предвидени пари за оваа намена.

Арсовска набрзо по доаѓањето на градоначалничката функција категорично објави дека нема намера да го имплементира проектот за изградба на инфраструктура за трамвај на тркала, односно Бас Рапид Транзит (БРТ) кој до фаза на почеток го доведе нејзиниот претходник Петре Шилегов, бидејќи не го ветила во кампањата. Парите за БРТ стојат нечепнати, па поради тоа од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира. Фактички, државата толку ја чини инаетот на Арасовска која не ги користи парите од кредитот, односно не го ја започна изградбата на системот за БРТ во Скопје.

После 2 години таа одлучи да се врату онаму каде што требаше да продолжи пред 2 години: Реализација на целосно разработен проект со обезбедена финансиска констукција, одобрен од меѓународната и домашна стручна јавност како најоптимално решение за Скопје.

Не е реализирано ниту ветувањето за бесплатен јавен превоз.

Не е обновен ниту градскиот луна парк, а камоли уште двата што ги вети во Чаир и Аеродром

„Луна паркот ќе го отвориме уште во првата половина на мандатот. Освен за најмладите, овој парк на скопјани ќе им понуди содржини за сите возрасни категории. Останатите два забавни парка се планирани во општина Гази Баба на потегот кон општина Чаир, како и во Аеродром, преку соработка со општинските власти и процес на јавно-приватно партнерство“, вака зборуваше Данела Арсовска во изборната кампања.

Но, ниту во првата половина, ниту по стартот на 2022, а ни по стартот на 2023 година, кога го најавуваше стартот на работите на новиот скопски лина парк, тој не започна да се гради како ниту уредувањето на стариот луна паркот во Градскиот парк во Скопје.

И ова ветување е неисполнето.

Универзална сала и понатаму останува депонија, а градот сѐ уште ја нема предадено целосно надлежноста на Минитстерството за култура кое со одлука на Владата доби обврска да ја завшри реконструкцијата на овој културен центар кој некогаш беше едно од познатите обележја на градот.

Долга е листата на неисполени ветувања  

Го нема специјалниот закон за заштита на Водно ветен од Данела Арсовска; не е реализиран ниту зелениот спортски кеј од Ѓорче до Долно Лисиче;

Не е започната реализацијата на проектот градска лабораторија за контрола на загадувањето во Скопје, исто така едно од предизборните ветувања на Арсовска;

И по повеќе од 26 месеци од почетокот на градежните работи на терен, нема абер да го заврши проширувањето на булеварот Борис Трајковски меѓу населбите Пинтија и Драчево;

И покрај ветувањата, скопската Зоолошка градина засега нема добиено нов аквариум, а воедно и го изгуби кандидатскиот статус за членство во Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА);

Ветуваше хуман третман на животните во скопската зоошлошка, но наместо тоа намерно беа отруени три коњи од редок вид во исчезнување…

Од сето ова не е претерано и ако се каже дека состојбата во којашто се наоѓа Скопје го прави да биде вид во исчезнување зашто сите белези што го прават град се загрозени.

Одредена надеж ветува преземањето или споделувањето на обврската за реализација на големиот проект Европска престолнина на културата за 2028 заедно со Министерството за култура. Тоа е шанса градот да добие „кислород“ и повторно да никне како убав град.

Треба да знаете
Moже да ве интересира