Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Борба против психосоцијалните операции: Апотеoза на вистината е нужност за нашата ера

Пред нас се мноштва на дезорганизирани и несистематизирани полувистини, а не корпуси на адекватни и точни знаења; па фактите и вистината, кои меѓу другото и форензички се докажливи и не се релативни, добиваат сè помала видливост и сè помали шанси за пробив кон свеста на денешните граѓани

Пишува: Ана ЧУПЕСКА

Несомнено, ерата во која живееме, окарактеризирана како пост-вистина, во многу нешта ги измени секојдневието, интересите, но и когнитивните процеси, емотивните дигестии и воопшто, во услови на технолошката злоупотреба на (дез)информациите дури и нашето однесување. Слично, вредностите врз основа на кои се темелат и градат нашите демократии, и ставовите кои се омасовуваат со оглед на брзината на дисеминацијата, неретко се вирални мотивациони горива за (не)соодветно однесување и компромитација.

Пред нас се мноштва на дезорганизирани и несистематизирани полувистини, а не корпуси на адекватни и точни знаења; па фактите и вистината, кои меѓу другото и форензички се докажливи и не се релативни, добиваат сè помала видливост и сè помали шанси за пробив кон свеста на денешните граѓани.

Очекувано, оттука, и самата артикулацијата на нашите лични и политички ставови, па и идеолошки преференции, станува сè потешка, и тоа консеквентно влијае и на целокупната политичка хабитуалност во која живееме. Пост-вистинитото доба донесе сосем нови предизвици за демократијата, и за нив сè уште се бараат адекватни решенија, особено имајќи предвид дека токму за фактите и за вистината е сè помал интересот како кај медиумската публика, така и кај целокупната јавност и консумерите на медиумските содржини.

Дезинформациите, значи, се една неoспорена и суштествена одредница на релативизаторскиот тонус во пост-вистината и токму  затоа, во либералните демократии,  добиваат третман на нешта кои мора да бидат пресретнати. Вистинските демократии настојуваат да ја неутрализираат разорноста од  нивното дисеминирање, но во хибридните режими и илибералните и авторитарните системи – тие работат во нивна репродуктивна корист.

Дезинформациите, исто така, стануваат успешна алатка во рацете на актуелните неконвенционални хибридни војни и закани. Во овој контекст, злоупотребата на дезинформирањето неретко има и цел/таргет да изврши дурии психолошки операции т.н. PSYOP, бидејќи преку нив се креираат лажни вести и се распространуваат невистините, со што се стимулира интензивна политичка поларизација, а особено и преку новите, нерегулирани медиуми. Целта е да ја блурираат/матат вистината, и да создаваат поларизирани светогледи, кои нема да дојдат во меѓусебен допир, туку во ехо-коморни bubbles само ќе го интензивираат алгоритамски индуцираното (не)знаење и (не)вистинитост.

Како дел од хибридното психосоцијално војување, PYSOP неретко имаат за цел дестабилизирање на демократскиот поредок, особено во контекст на глобална безбедносна состојба и, како што гледаме, во услови на акутен пораст на конфликтите низ светот. Дезинформациите, во суштина, се едно ново ниво на пропагандно и систематско лажење, кое се емитува низ каналите на нерегулираните медиуми / но и од страна на видни поединци/јавни лица/политичари/интелектуалци/инфлуенсери и сл., а со намера да се внесе несигурност, страв, конфузија меѓу граѓаните, што ќе резултира со недоверба во демократските институци – консеквентно: недоверба во демократијата и склоност кон авторитаризација на политичкото тело/или систем.

Имено, тенденцијата нивна е да се интервенира во формирањето на јавното мислење, па дури и да се делува субверзивно спрема демократскиот уставен поредок. Во овие „пакет аранжмани“ на пропагандни тактики се вклучуваат и други техники, како на пример евтини лични (дис)квалификации, но и анти-интелектуализам (релативизација на научното и стручното знаење), и воопшто, целосно упростување и инстантизираност на медиумските содржини. Имајќи ги предвид овие аспекти, и, генерално целиот сет од веќе докажани пракси поврзани со хибридите/лажните вести и сл. Во врска со ова, веќе во некои од посериозните анализи посветени на продукти на денешнината и нивните последици по демократијата и утврдени укажувања дека станува збор за повторна актуализација на протофашистичката нарација, или, на она што е идентификувано од Умберто Еко како УР-фашизам / вечен фашизам.

Неспорно е дека новите технологии и криптомедиуми (медиуми што не се медиуми) во голема мера се овозможувачи на сиве овие пакет аранжмани. И додека замислата за масовна и брза достапност на информацијата која може да им биде пристапна на сите граѓани е одличен демократски концепт… Истовремено, овој концепт подлежи на многу критики кои го сугерираат и сосем спротивното, а тоа е поврзано со: сериозните злоупотреби на самата демократијата (Nemitz & Pfeffer); со распростанувањето на предаторскиот неолиберализам и надзорен капитализам (Zuboff); па оттука и не случајно денес го сведочиме „златното доба“ на нус ефектите поврзани со информатичката технологија која е овозможувач токму на дезинформирањето и поврзаните хибридни закани бидејќи, развојот на дигиталната технологија освен што овозможува брзина, масовна достапност и сл., дефинитивно овозможува и лесно пласирање на секаков вид на информации во јавниот етер без притоа тие да бидат проверени, а уште помалку пласирани со соодветна доза на етичност, професионализам и пред сè – одговорност.

Без да навлегувам подлабински во сите останати ефекти поврзани со овие современи демократски предизвици, кои нужно барат многу поширока елаборација, ќе укажам само на некои битни и видни аспекти поврзани со ваквата поставеност на слободниот јавен простор – кој сè повеќе ја загадува јавната сфера со лажни вести за кои никој не презема никаква одговорност! Не само кон тие кон кои е упатена, туку и кон целиот медиумски простор предизвикувајќи масовно труење на околината, што само по себе е тотална злоупотреба на основното право на слобода на информирање.

Овој тренд во „медиумите” е веќе до толку залауфан што неговото враќање на вистинскиот колосек претставува сериозен предизвик – како што впрочем изискува и секое исправување на било кое искривено сфаќање на слободата.

Но, нас тоа не треба да нè плаши, туку да нè мотивира.

Без исклучок, овие состојби се глобален предизвик: QAnon, конспирации, антиваксерство, антисциентизам, антиинтелектуализам, и слични теми, рековме погоре, веќе се дел од „пакет аранжманот“. Но, сепак, важно е да ги препознаеме и соодветно да се делува. Затоа, во овие услови, многу е важно е да знаеме, на пример, на кој начин се саморегулираат таканеречените или поточно самопрогласените „медиуми“ – порталите без импресум? Или, пак, самонаречените „новинари“ – трговци со лични приказни на луѓето, и уценувачи? Дали „саморегулацијата“ има соодветни механизам да помогне во борбата со овој тип на хибридни закани врзани за дезинформирањето? Каде е одговорноста за фантомските портали кои безочно лаат и лажат, а со тоа ја мобилизираат целата јавност да се „лизга уметнички на кори од банани“ сè додека не стигне до амбисот – сетете се на сите обиди за мини државни удари во последниве години и другите атаци.

Северна Македонија инаку има и национална стратегија за градење отпорност од надворешни хибридни закани и таа стратегија, точно е дека ги опфаќа и дезинформациите, но, што останува со отпорноста од „внатрешните закани“ имајќи ги предвид фактите дека за секоја надворешна закана потребна е и внатрешна/домашна логистика!?

На едно друго ниво, како што укажав погоре, овие нешта може да ги третираме и како инстанции преку кои протофашистичката идеологија сака да мобилизира сè повеќе граѓани , а во правец на акутни субвверзии на демократскиоти уставен поредок. Наједвидентни докази за тоа се сите обиди за државни удари и антидемократска субверзија, како кај нас, така и во другите демократски земји, на кои секако дека им претходеа хибридни закани и дезинформативни атаци. Токму и затоа, сосем оправдано во либералните демократии деизнформациите се третираат и како безбедносен ризик. И не случајно и во предлог преговарачката рамка на дезинформациите им се дава особено важно место: „Очекуваме Северна Македонија прецизно и стратешки да ги соопшти придобивките и обврските од процесот на пристапувањето пред својата јавност, вклучително и справувањето со дезинформациите, во согласност со својот проевропски стратешки избор.“ (т.6 од Општиот став на ЕУ)

Но, за останеме демократија и понатаму, јасно е дека овие нешта треба да се истретираат дури на ниво на безбедносна закана, но мора да се делува и во правецот и самите граѓани да станат поотпорни на лажните вести. Од тие причини, не смееме да се држиме до (за сега доминантниот) реактивен или проактивен пристап (во кој се пресретнува лажна вест, а потоа се реагира , откако нејзината виралност го има постигнато ефектот), туку, ќе мора  да го смениме правецот на дејствување и од метод на разоткривање да се приклониме кон методот на „претрупување“ со вистината и фактите, фокусирани на предвидливоста, на медиумската и информациска писменост.

Значи, од состојба на пост-вистина, да се насочиме спрема состојба во која ќе се промовира апотеозата на вистината!

Проф. д-р Ана Чупеска е универзитетска професорка.

(ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен