Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Дали Арсовска ќе понуди вистинска „Нова алтернатива“ или само ќе прави гужва во десницата?

Нова алтернатива не е нова полиитчка партија, но неделава се најде во фокусот на вниманието откако на нејзино чело застана градоначалничката Данела Арсовска.

Наместо формирање нова партија „Правда“ како што се шпекулираше во јавноста, Арсовска ќе ја предводи, помалку заборавената партија Нова алтернатива која долги години ја предводеше докторот Ѓорѓи Оровчанец. 

Откако јавно се скара со ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски, Арсовска во јавноста се обидуваше да создаде имиџ на борбена политичарка која работи за интересите на граѓаните и се бори против двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. 

Сето тоа кулминираше со нејзина промоција како лидерка на партијата Нова алтернатива. 

На самата промоција отсуствуваше презентација на телата и органите на партијата, за што Арсовска кажа дека ќе се случи во следниот период. 

Во салата покрај Арсовска беа и нејзиниот близок сорабтник Драги Митковски, новата секретарка на Град Скопје Наталија Митовска, заменик градоначалникот на Скопје, Александар Трајановски како и неколку раководители во Град Скопје. 

Вчера во видео интервју Арсовска кажа дека за кратко, во следниот период ќе бидат познати сите високи функционери на Нова алтернатива, додавајќи дека нејзината партија ќе настапи на парламентарните избори. 

Од кој базен Арсовска ќе „лови гласови“?

Ако се погледне структурата на соработниците на Арсовска, несомнено се добива впечаток дека тоа се кадри произлезени или во одреден период биле дел од шинелот на ВМРО-ДПМНЕ, со што Арсовска својот фокус би го ставила кон гласачкото тело кое е десно ориентирано. 

Впрочем и самата Арсовска беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ на последните локални избори. 

Во десницата главниот збор се уште го има ВМРО-ДПМНЕ иако таму оваа партија е сериозно загрозена од партијата што (само) се нарекува Левица, па со партијата на Арсовска ќе има три сериозни субјекти во десниот политички блок.

Во тој блок свои математики и градоначалниците на Карпош и Куманово Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски кои исто така најавија настап на парламентарните, но и на претседателските избори со свои кандидати.

Истите извори што ширеа информации за создавањето партија од страна на Арсовска, веќе извесен период шират информации за наводна предизборна коалиција на тројцата градоначалници и нивните партии односно заеднички настап на Арсовска, Димитриевски и Јакимовски со што би се создал серизен политички блок.

Арсовска во интервју не исклучи можност нејзината партија да настапи во предизборна коалиција со некоја партија, па оттаму нема да биде изненадување ако најавите од погоре се реализираат.

На крајот, поставеноста на Арсовска нејзината комуникација со останатите политички субјекти ќе покаже дали таа нависитна ќе понуди Нова Алтернатива или само ќе прави гужва во десницата. (24Инфо)

Треба да знаете
Moже да ве интересира