Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ИНФОГРАФИК Колкава е излезноста на граѓаните на претседателските и парламентарните избори од 2014 до 2022 година?

На 24-ти април граѓаните на Северна Македонија ќе гласаат на седмите претседателски и 11-ти по ред парламентарни избори.

Во јуни 2020 година, во екот на Ковид-19 кризата, беа организирани предвремени парламентарни избори, кои во редовниот термин требаше да се одржат на крајот на истата година. Според официјалните податоци на ДИК, на овие избори биле пријавени 1.761.149 граѓани со право на глас, а излегле 867.107. Учеството на овие избори беше 49,24 отсто.

Според избирачките единици, најголема излезност од 59,98% е забележана во ИЕ 4 (Гевгелија, Дојран, Кавадарци…), додека по неа беше ИЕ 3 (Берово, Велес, Делчево, Кочани…) со излезност од 57,09%, а најмала излезност од 32,07% беше регистрирано во ИЕ 6 (Тетово, Гостивар, Желино…).

Најголем број запишани гласачи на овие избори, 339.452, има во ИЕ 5, а најмал, 240.850 во ИЕ 2. Според податоците на ДИК, на овие избори коалицијата „Можеме “ предводена од СДСМ освоила 37,68 отсто од гласовите, додека Коалицијата „Обнова на Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 36,33% од гласовите. Левица на овие избори освои 4,31%, освои два мандати и влезе во Собранието.

На шестите претседателски избори 2019 година, во вториот финален круг што се одржа на почетокот на мај 2019 година, пријавени беа 1.808.131 избирач, додека гласале 843.508, така што учеството на ниво на цела држава изнесува 46,65%.

Во вториот круг битката се водеше меѓу Стево Пендаровски како кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска – Давкова, кандидатка на ВМРО ДПМНЕ. На овие избори победи Пендаровски со 435.656 гласови, односно 51,65% од гласовите, додека професорката Силјановска-Давкова доби 377.346 гласови или 44,75% од вкупните гласови. Во првиот круг на овие претседателски избори во трката имаше тројца кандидати, и тоа покрај Пендаровски и Силјановска-Давоква, беше и Блерим Река, како кандидат на Алијансата за Албанците и на Движењето Беса, кој освои 10,6 % од гласовите.

За да се успешни претседателските избори, мора да се обезбеди излезност од 40% во вториот круг, додека во првиот круг победникот може да се прогласи ако се освојат повеќе од 50% од вкупниот број запишани избирачи.

На крајот на 2016 година, во силно поларизирано политичко општество и објавени прислушувани разговори, се одржаа предвремени парламентарни избори. На овие избори запишани се 1.761.490 избирачи, а правото на глас го искористиле 1.182.143 избирачи. На овие избори е забележана една од највисоките проценти на учество односно излезност од 67,11%. Учеството во сите ИЕ беше над 50%, а најголемо регистрирано во ИЕ 4 каде учеството стигна на 74,65%, додека најмало 52,51% беше во ИЕ 6.

На овие избори СДСМ освои 36,69% од гласовите, ВМРО ДПМНЕ 38,06%, ДУИ 7,26% од гласовите, БЕСА 4,90%, Алијанса за Албанците 2,97% и ДПА 2,26%.

Претседателските избори во април 2014 година беа петти по ред во земјата. На овие избори право на глас имаа 1.779.527 гласачи, а излезноста во вториот одлучувачки круг, во кој се тркаа Ѓорѓе Иванов, зад кого застанаа ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски кандидат на коалицијата на СДСМ, беше 54,36%.

Од прогласувањето на независноста на државата во земјава се одржаа десет парламентарни избори, додека граѓаните по седми пат на претстојните претседателски избори ќе излезат да гласаат за претседател на државата.

Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг е на 8 мај заедно со парламентарните. Кампањата за претседателските избори ќе започне на 4 април и ќе трае до 22 април, кога почнува и молкот што трае до 24 април. Кампањата за парламентарните избори ќе започне на 18 април и ќе трае до 6 мај.

Редоследот на гласачкото ливче за претстојните претседателски избори:

Кандидатот на СДСМ – Стево Пендаровски е под реден број еден. Број два е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ – Гордана Силјановска-Давкова. Број три е кандидатот на ГРОМ – Стевчо Јакимовски. Број четири е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи. Број пет Билјана Ванковска-Цветковска, кандидатка на Левица. Број шест е Арбен Таравари од коалицијата ВЛЕН (ВРЕДИ). Максим Димитриевски, кандидатот на ЗНАМ е под број седум на гласачкото ливче за претседателските избори.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира