Како никогаш досега, во исто време, во 75 општини се реализираа 94 проекти од програмата ТАВ на Владата вредна 49,7 милиони евра

Зоран БОЈАРОВСКИ

Овие денови вицепремиерот Битиќи, вицепремиерката Грковска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, направија увид во текот на реновирањето на новиот дом на џезерите. За соодветна адаптација на „куќата на џезеритеВладата, односно Министерството за култура издвои над 11 милиони и 700 илјади денари, од кои 10 милиони се средства од ТАВ-програмата. Тоа не поттикна да потсетиме дека со одлука за пренамена на 49.7 милиони евра, првично наменети за изградба на карго аеродром кај Штип, се насочија за реализација на 90 инфраструктурни проекти за 75 општини.

На 23 декември 2020 година, Владата на Република Северна Македонија го утврди Договорот за концесија склучен помеѓу Република Северна Македонија и ТАВ Македонија ДООЕЛ, со кој беше ставена во функција одлуката за распределба на средствата што беа предвидени за карго аеродром во штипско. Со оваа одлука финансискиот износ од 49,7 милиони евра за таа намена се пренамени за 90 инфраструктурни проекти за 75 општини во државата, како и за проширување на капацитетите на аеродромските згради во Скопје и Охрид.

Прва група од 23 општини за реализација на проекти за граѓаните, со вкупна вредност од 609,9 милиони денари односно 9,9 милиони евра, ги доби парите на 15 јуни 2021 година.

Премиерот Заев тогаш истакна дека со оваа одлука Владата докажа дека се залага за рамномерен регионален развој и јакнење на инфраструктурата на општинско ниво.

„Ја зајакнуваме децентрализацијата и овозможуваме максимално можен трансфер на надлежности од централно на локално ниво. Продолжуваме да поддржуваме трајни добра, бидејќи изградбата на локалната патна инфраструктура,  водоснабдителна мрежа,  канализациони мрежи, реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, здравствени установи,  се за подобар животот на граѓаните, за нови вработувања и економски развој“, рече Заев.

Договорите на градоначалниците  им ги  доделија Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции и Метин Батак, генерален директор на ТАВ Македонија.

„Ние во ТАВ веруваме дека оперативните успеси се значајни само кога создаваат општествена вредност, оттука важно е што овие средства, преку општините, ќе се користат за подобрување на локалната инфраструктура. Се надеваме дека заедно со Владата ќе продолжиме да создаваме успешни приказни и во оваа насока им благодарам на сите владини институции за добрата соработка”, изјави Батак.

Во првата група беа опфатени општините Бутел, Прилеп, Ново Село, Шуто Оризари, Крива Паланка, Валандово, Струмица, Делчево, Ресен, Пробиштип, Карбинци, Липково, Тетово, Чаир, Сарај, Росоман, Босилово, Карпош, Старо Нагоричане, Неготино, Зелениково, Теарце и Боговиње.

Следуваше втората транша од овој проект кога Фатмир Битиќи и градоначалниците од оваа група потпишаа договори за реализација на 36 инфраструктурни проекти во 34 општини, за исполнување на реалните потреби на граѓаните.

Вицепремиерот Битиќи, обраќајки се на настанот пред присутните, порача дека Владата мисли за сите граѓани, во целата држава, независно каде живеат, постојано се размислува за рамномерниот регионален развој, како и за подобрување на условите за живот и подигнување на животниот стандард на секој еден граѓанин.

Тој посочи дека во втората група на договори најбројни се, по девет, оние поврзани со проекти за водоснабдување и проекти за изградба и рехабилитација на улици и локални патишта.

„Во село Речани во Велес, ќе се градат секундарни водоводни линии, ќе се реконструира мрежата во Виница, ќе се гради нова мрежа во кавадаречката населба Бушани, нова мрежа ќе има и кон селото Топловиќ во кратовско, во Крушево ќе се изработува основен проект за водоснабдување во заштитната зона, нов главен доводен цевковод ќе добијат селата Беранци, Долно Српци, Ивањевци, Свети Тодори, Трновци, Вашарејца и Лознани во Општина Могила, селото Тремник во Неготино ќе има нов резервоар за питка вода, ќе се гради и доводен цевковод во индустриската зона во Пехчево и ќе се работи на водоснабдување на општина Штип. Во врска со улиците и патиштата, ќе се реконструира улицата Бранд Петрушев во Богданци, ќе се гради нова улица во с. Ногаевци во Градско, нови улици во Дебар и во дебарското село Баништа, нова улица во Карпош, нов локален пат во Мезовски ливади во Крива Паланка, ќе се реконструира улицата Гоце Делчев во Охрид и патот Крушопек-спортски центар Сарај и ќе се изработи основен проект за нови улици во Струга“, рече вицепремиерот.

Битиќи подвлече дека во оваа група ќе се реализираат и осум проекти поврзани со изградба или рехабилитација на комунална инфраструктура, фекална или атмосферска канализација.

„Атмосферска или фекална канализација ќе се гради во беровското село Мачево, како и во Јурумлари во Гази Баба, каде ќе се изгради и пречистителна станица, нова канализациона мрежа ќе има и во с. Црничани во Дојран и во дел од општина Кисела Вода, нова канализациона мржа ќе добие и индустриската зона во Македонска Каменијца, со овие проекти финансираме основен проект за фекален колектор за селата Сопот, Табановце и Четирце во кумановско, атмосферска канализација во Пробиштип и комунална инфраструктура во Центар“, посочи вицепремиерот.

650 илјади евра за канализациона мрежа во Општина Гази Баба

Тој додаде дека ќе се реализираат и два проекти за уредување на речни корита во Тетово и Липково,  изградба на нов мост во Скопје, реконструкција на општата болница во Гостивар, на младински центар во Желино и на дом на култура во Демир Капија, проширување на основно училиште во Долнени, реконструкција на центарот на градот и капела за православните гробишта во Кичево, како и изградба на нова спортска сала во општина Чашка.

„Ова се реални проекти за реални потреби на граѓаните. За наш поквалитетен живот, за подобра денешница и иднина на нашите деца. Секој еден граѓанин заслужува да има исти или подеднакви услови за живот со сите други“, нагласи и подвлече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Трета група општини ги поптиша договорите за грантови на 30 јули 2021 година, кога 32 општини се обврзаа да реализираат 35 инфраструктурни проекти, како и проектите за подобрување на условите на терминалите на двата аеродроми со кои оперира ТАВ, во вкупна вредност од 22,3 милиони евра. 

Мост на реката Драгор

„Како никогаш досега, во исто време, во целата земја, во сите плански региони, во скоро сите општини, ќе започнат да се реализираат 94 проекти кои се директно насочени кон потребите на граѓаните“, нагласи тогаш Битиќи.

Осврнувајќи се на третата група на договори, кои беа доделени на настанот, Вицепремиерот посочи дека дека најбројни се проектите од комуналната инфраструктура, вкупно 14, по што следуваат 10 проекти за улици и патишта, 7 проекти се однесуваат за водоснабдување, два проекти за реновирање на домови и еден основен проект за изградба на мост.

И тоа не е сѐ: Уште 32,5 милиони евра за 66 проекти во 44 општини

Определбата на Владата да го помага рамномерниот развој на општините дојде до израз и минатата година кога во декември градоначалници од повеќе политички партии од 44 општини потпишаа договори со Владата за нови 66 проекти на локално ниво кои од централниот буџет добија дополнителни 32,5 милиони евра.

Станува збор за пари од шест министерства и од Агенцијата за млади и спорт, кои Владата одлучи да ги пренамени и да им ги додели на општините раководени од градоначалници од разни политички партии и од власта и од опозицијата.

Меѓу парите што се пренаменуваат од централната власт, 6,1 милион евра од Министерството за образование кои ќе се користат за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во скопските општини Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода, како и во Охрид – сите раководени од ВМРО-ДПМНЕ.

Над четири милиони евра, пак, преку Министерството за труд и социјална политика ќе се користат за изградба и реконструкција на градинки во Ѓорче Петров, Аеродром, Бутел, Карпош и Кисела Вода.

Од Министерството за транспорт и врски 16,2 милиони евра ќе се потрошат за улици, патишта и мостови во Скопје, Битола, Богданци, Гостивар, Делчево, Карпош, Кичево, Јагуновце, Крушево, Пехчево, Пробиштип, Центар, Крива Паланка … Од нив, Град Скопје на пример, ќе добие пари за изградба на булевар „Хасан Приштина“ во Визбегово“, како и за довршување на мостот „Љубњанска“ во Карпош.

Селото Матејче во Липково, пак, ќе добие пола милион евра од Министерството за култура за да го реализира проектот Дом на културата, а Агенцијата за млади и спорт ќе пренамени 1,8 милиони евра за спортски сали и терени во Штип, Велес и Ѓорче Петров.

Треба да знаете
Moже да ве интересира