Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Книгата на Бошњаковски е прецизен омаж на едно време во кое се раѓаат една младост, една војна, една нација и две нови држави

Илустрации од Зоран Кардула

Кон „Погром – записи на Рафаел Дорон“ од Миле Бошњаковски

Пишува: Валентин НЕШОВСКИ

Книгата на Миле Бошњаковски, ПОГРОМ – ЗАПИСИ НА РАФАЕЛ ДОРОН е вистински Gem, брилијант кој таинствено светка преку краткиот израз, но истовремено таа прецизност е размавтана во колорити на дејствија и мемента за малите обични луѓе кои со своите универзални приказни оставаат цврст печат на ставови, морал, размислувања и универзални вредности.

Корица на книгата, илустрација од Зоран Кардула

Приказните поместени во оваа книга удираат како чекан на наковалната, но од триењето не летаат искри туку еквиваленти на разлетани пеперутки од добри пораки, искуства, животни филозофии, веродостојни поуки за човештвото.

Ликовите на Бошњаковски живеат со сласт и страст во едно опасно време пред Втората светска војна во Скопје. Авторот низ приказните мајсторски ги црта контурите на животот доволно прецизни за читателот да додаде бои и мириси и чувства. Минимализмот, сличен на оној на Даниел Хармс, всушност отвора раскошна палета за размислување за сцените во книгата.

Расказите – „Цицките на Јана“, Ќерката на Ковачот“, „Шеќерно јаболко“, „Разговор со докторот“, „Пизма на писмото“, како и цртките „Мислевме ќе помине“, „Зелено црн“ и „А да немаш мајка“, се мали генијални таписерии со бои и мириси, но и феноменологии на едно време.

Сензибилитетот на авторот за откривање и бавење со универзални големи теми е видлив во расказите „Разговорот со него“ и „Разговор со докторот“ каде повторно низ кратка форма, без инуенда, мистиката е разобличена, а севишноста е симната кај човекот.

Мизансцен на целата книга е Погромот кон Евреите во блиска корелација со политичките збиднувања во тоа време, но и тесно поврзан со македонската борба за стекнување држава. Ненаметливо, но одлучно цврсто, главниот јунак е на вистинската страна на историјата. Рафаел е исцртан како ненаметлив, но неприкосновен делител на вистинските ставови иако е само младич кој ужива во тукушто отворените колорити на виножитото на излегување од детството. Младоста на Рафаел и неговите авантури се над бомбите и погромите и страшилата на војната, фашизмот и нацизмот.

Книгата на Бошњаковски, чие дејствие е развиено низ навидум неповрзани раскази, во целост е прецизен омаж на едно сериозно време во кое се раѓаат една младост, една војна, една нација и две нови држави.

Треба да знаете
Moже да ве интересира