Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Колку вреди неоконзервативната понуда

Да не се лажеме – цена секогаш се плаќа. Ако зборувате – тоа не е безбедно, т.е. го плаќате, но и ако молчите, уште понебезбедно е, уште повеќе го плаќате молчењето. Ако правите нешто со интегритет – не е безбедно, се плаќа, но ако не правите така – уште понебезбедно е, уште повеќе се плаќа. Слично е со вистината, слично е со солидарноста, така е со сите леви вредности. Но, токму овие вредности го носат тој подобар свет

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Луѓето не сакаат слобода, вели Фром. Луѓето вообичаено се преплашени од товарот на одлучување во кој правец да се тргне кога слободата ќе им ги открие сите можни правци. Резултатот од тој страв се одразува и колективно како желба за авторитаризам (цврста рака), со откажување од изрази и акти на сопствената или колективната еманципација. Некој друг да одлучи е паниката. Тогаш мислев дека ова откритие на Фром важело само за тогаш, пред и за време на фашизмот и дека не може да се повтори ни во бледа форма. Но, сведоци сме дека се повторува. Дека е вистина.

Исто така, како уште еден механизам за бегство од тој страв (од слободата), наоѓа Фром, се јавува и деструктивноста: Да се уништи оној субјект кој еманципира, кој тежнее кон ослободување, бидејќи стравот го гледа тој субјект како закана за континуитетот и стабилноста на она што личноста си го разбира како „јас“. Или, пак, „помирољубиво“, себеси се идентификува исто како авторитарната глава – преку целиот колектив кој авторитарниот управител си го замислил, бил ли тој колектив илузија (фин дел од континент, на пример според Хитлер), бил ли замислен заедно („на куп“) со оние кои даваат отпор на такво „колективизирање“(на пример, и кога свастиката била популарна, сепак не мал број луѓе давале отпор). Фром открива, сепак, дека тоа бајковито „јас“ е псевдо-идентитет, бидејќи никој жив со него не може да ја совлада егзистенцијалната паника. Имено, мнозинството под управител кое се смета за колектив нуди припадност („сигурност“) за смирување на таа паника, но притоа со откажување на сопствената автентичност, своите избори, својот глас, итн. Меѓутоа, ако се откажете од последниве, ги губите алатките за самореализација, што реално е токму она што егзистенцијално ве загрозува. Парадоксот, во облик на каење, е многу познато откриван на смртната постела. Јасно, аланфордовски аксиоматски се наметнува – подобро порано да го откриеме, отколку подоцна.

Но, од страна на едно којзнае како формирано „мнозинство“ ни се бара откажување од идејата за поинаков колектив, освен таков кој е управуван од еден центар. Таквиот центар во 95% случаи има интереси спротивни на колективни, но ги маскира како колективни, при што киднапирањето на концептот „традиција” многу често ја врши таа функција. Ова објаснува зошто токму десниците (денешните), во чии наративи задолжително стојат факти или буреци за традицијата, се преокупирани со автократски начини да се владее. Колку за потсетување дека не секое диктаторство мора да се потпира на приказни за традицијата, беневолентните диктатори се оние 5% исклучок кои суштински почитуваат прилично леви вредности.

Таквиот центар во 95% случаи има интереси спротивни на колективни, но ги маскира како колективни, при што киднапирањето на концептот „традиција” многу често ја врши таа функција.

Односно, автократската пропаганда изгледа е обучена да ги управува сите механизми за бегање од товарот на слободата. Притоа, авторитарната глава интензивно нѐ „мотивира“ да ја платиме цената за процесот на бегството од слободата, можеби и двојно: Да си седиме мирни под цврстата рака и/или да се вклучиме во деструкција на еманципаторните сили во општеството. Цената, како што погоре е споменато со губењето на индивидуалната автентичност, е во погледот кон животна празнотија, чувството на минливост, депресија од својата неавтентичност, откажување од идеите за еднаквост, хуманост, солидарност – претежно од секакви леви идеи. Затоа, за да се снижи таа цена, а да не се овозможи вистинска лева опција, „мнозинството“ на цврстата рака масовно „лекува“ сѐ што има очи и уши со помош на ѓубре-медиуми и ѓубре-содржини, со ѓубре-едукација како и ѓубре-култура. Сѐ е ориентирано кон затапување од 7 до 77 и плус, за да не се чувствува празнотијата, депресијата, пропагирањето на истоветност… За оние бегачи од слободата, од деструктивната провиниенција, тука дополнително се и проблемите со совеста, која кога-тогаш ги урива сите брани – што е малку поскапо за авторитарниот управител, секако. Но, едно „мнозинство“ под цврста рака би нашло уште „демократски” алатки да ги релативизира и тие работи на интегритетот кај „мнозинството“ и тие индивидуи – од симболи до паравоени формации, како и класиката – фашистичко прелевање во државните, институционални канали. Цената на критичкото мислење и/или на совеста мора да биде ниска, инаку ништо од посакуваната авторитарност.

Луѓето кои ги анализираат состојбите кај нас, често велат дека овде, текот на случувањата и направените избори не се подобри отколку што се, заради лошото паметење на луѓето. Тој вид на амнезија е едноставен и силен снижувач на цената на критичкото мислење и на совеста, бидејќи, ем е отров за секое рацио (прегазување на најосновна семантика и логички закони), ем е прост механизам за бегство од сопствената еманципација (заборава што е тоа). Оваа најопшта глупавост е глазура на десно-автократската гнилост и се постигнува со закоравување на невронските врски со повторувања и повторувања на содржините кои управителот ги нарекол „традиција“ при обезбедување на простор за тие невронски рути со ѓубрињата од содржини и антиедукации, секако, филувана со „колачињата“ од визуелна забава заснована на примални инстинкти.

Луѓето кои ги анализираат состојбите кај нас, често велат дека овде, текот на случувањата и направените избори не се подобри отколку што се, заради лошото паметење на луѓето.

А никој не кажува јасен критериум што е традиција. Дали е нешто традиција, би требало да се гледа од општествените бенефити со кои членовите на еден колектив со текот на возраста се здобиваат, без прекини, на подреден начин. Факт е дека мојата генерација доживеа и доживува прекин на традицијата и, или некој не го гледа тоа, заборавил, или баш тоа отсуство го потресува на различни начини. Зависно од тоа што дишете од етерот. Но, кога млади луѓе чија концентрација би морала да биде на истражување на нови работи инсистираат на традиција, тогаш во таа содржина сигурно нема траг од традиција.

Јадрото под глазурата на гнилоста е следново: Со тоа што авторитарното мнозинство просто наметнува – доволно за живот ви е да станете автомати, да ги усвоите однесувањата, вредностите и мислењата на мнозинството, со цел да постигнете чувство на припадност и сигурност и/или, доколку имате немир, ќе го насочите кон деструкција на сѐ што може да ве ослободи, излегува дека применетиот аспект на демократијата на надгласување на мнозинството над малцинството лесно станува алатка на авторитарните сили, со цел да овозможат мнозинство преку други алатки на „убедување”, наместо демократските. Од познатото цинично „што имам јас од…” и соодветното „убедување” ни се случува токму неоконзервативен принцип за цинизирање на рациото и совеста, всушност масовно нивно поткопување. Ако се нема желба за похумано, поеднакво општество со реални социјални политики и сфаќања, тогаш понудата се состои во давање на нешто или закана за одземање на нешто – тврдо капиталистички, т.е. неоконзервативистички. Овие механизми за давања/земања се чисто конгруентни со дволичното пазарно laissez-faire на десниците – јасно, конзервативни. Дволичноста ја тврдам затоа што за сѐ што носи опиплива вредност – пари, бенефити, привилегии итн., десниците заговараат некакви концепти на таканаречен „слободен пазар“, односно нерегулирана конкуренција. Т.е. за сѐ поврзано со пари и бенефити, тие се морални релативисти и „слободари“. Меѓутоа за слобода на управување со своето тело, слобода за избор на било каков брачен партнер, слободата на говор, слободата да се биде атеист, агностик или друга вера, толеранцијата кон различноста , редовно спротивно на десничарските концепти на „чистоти” – е, па, за сите овие работи, десничарите се морални апсолутисти. Лицемерие, двојни аршини, оправдание за погрешни слободи – дури и кога се работи за особини од самото раѓање, како што се расата или попреченоста, а да не зборуваме за дадените, како националноста или „традиционалните“ улоги според полот. Различноста е нешто недозволено во десничарскиот ум, по било кое социјално и индивидуално прашање, освен кога парите и бенефитите се тема. Единствената толерирачка различност, јасно, ја дефинираат преку различното богатство/сиромаштво.

Со тоа што авторитарното мнозинство просто наметнува – доволно за живот ви е да станете автомати, да ги усвоите однесувањата, вредностите и мислењата на мнозинството, со цел да постигнете чувство на припадност и сигурност и/или, доколку имате немир, ќе го насочите кон деструкција на сѐ што може да ве ослободи, излегува дека применетиот аспект на демократијата на надгласување на мнозинството над малцинството лесно станува алатка на авторитарните сили, со цел да овозможат мнозинство преку други алатки на „убедување”, наместо демократските.

Мислите дека оваа проценка не е фер? Но е, погледнете: Иако дефинирачките тежнеења на левицата и десницата се обмислени одамна (по француската револуција), денес различните форми на капитализам ја формираат суштината на левото и десното. (Тука шефот на нашата „Левица“ тотално отпаѓа од левичарство, тој е екстремно десен со наци-флоскулите). Односно, денес капитализмот осцилира меѓу феудализам и социјализам, како некоја ниту жива, ниту мртва Шредингерова мачка. Варуфакис фантастично ја открива феудалната форма на денешниот модерен „слободен пазар” и лесно може да се види како малкуте претходни форми на капитализам имаат пофункционален „вентил” за разни социјални слободи, т.е. помалку контролирани полиња за изразувања на човечката индивидуалност. Фром е затоа оптимистичен за просторот и времето кои според тие маркери би дошле, маркери според кои тој предвидува дека помалку ќе се бега од слободата, дека самореализацијата ќе биде честа, а со неа и солидарноста, хуманоста, либералната прогресивност… Но за жал, дури и тие мали авении коишто во капитализмот од тие времиња биле отворени, речиси социјалдемократски, неоконзервативизмот (или „неолиберализмот“ како што нагалено го спинуваат десничарските идеолози), денес ги затвара. Не е тој само економска теорија, туку се сади како политика против целосната личност!  Не ни треба економски „либерализам“ да ни го замени нормалниот човечки, индивидуален, еманципаторски либерализам, органски вклопен во институционалните дефиниции на државата! Десниците, пак, ја поддржуваат таа река од подивен неоконзервативизам, особено со моралниот апсолутизам за социјалните проблеми, дури и бесрамно преку феудални бои – со религиозната поддршка, основа и конотација, небаре повторно како во средниот век верските офицери стојат највисоко во хиерархијата!

Вистинските леви и центар-леви идеи се, воедно, и на снајпер, и се вентил од десничарската сингуларност

Не може човек да не го забележи ова неоконзервативно стрвинарење дури и во поединечните односи меѓу луѓето. Тоа кај нас е пропагирано во етер од ВМРО-ДПМНЕ и сателитите со децении и тоа се дише, невроните така работат, за многумина нема ништо надвор од таа кутија. Човек дури и би помислил дека прогресивните леви идеали се намерно смислени за интроверти, сонувачи, деца и други „смотанковци”, за да се издвојат, изолираат, да стрчат кој не е „наш” – десен, конформиран, апсолутистички патријархално-религиозно „морално” издоктриниран – со еден збор, среден цакум-пакум за негова корисност на олигархијата. Некој би помислил дека левото и десното се така намерно контрастирани како црно од бело, за десното да изгледа пораскошно, а да не пукне од притисокот. Така, во пракса, вистинските леви и центар-леви идеи се, воедно, и на снајпер, и се вентил од десничарската сингуларност. Односно штом десното го има притисокот да стане црна дупка, а го има заради собраното кредитирање на шупливо во празно т.е. десничарското решавање на егзистенцијалната паника, тогаш, навистина станува интересно како тоа оние кои форсираат бегство од слободата не можат без слободата, гледана и како концепт што мора да се одржува жив (како што дупката на ѓеврекот сака да има ѓеврек за таа да „постои“), и како индивидуален личен, практичен аспект на оперираноста од смисла за одговорност (дупката сака да е поголема, па и да го нема ѓеврекот).

Оваа растргнатост е шанса, погодност за граѓанинот, да ја намали вредноста на олигархиската и автократската неоконзервативна понуда: Бегството од сопствената еманципација е лажење, самолажење, губење почит и самопочит. Не може да е опција која сам човек ја бира – да биде мизерна бубашваба без одговорност! Затоа мора да ја искористи можноста што се пружа, за да почне да живее реализирано, да се развива. Сега некој ќе рече – „Но, по која цена?“ Да не се лажеме – цена секогаш се плаќа. Ако зборувате – тоа не е безбедно, т.е. го плаќате, но и ако молчите, уште понебезбедно е, уште повеќе го плаќате молчењето. Ако правите нешто со интегритет – не е безбедно, се плаќа, но ако не правите така – уште понебезбедно е, уште повеќе се плаќа. Слично е со вистината, слично е со солидарноста, така е со сите леви вредности. Но, токму овие вредности го носат тој подобар свет, оној за кој Фром е оптимистичен. Што значи, ако навистина бирате, а не некој да ве бира да бидете дел од едноличната маса, тогаш застанете зад тие вредни работи, затоа што тие не се некакви права, туку се изборени придобивки за нас од некои други, на кои се пукало или плукало. Тие ќе исчезнат ако не се стремите кон нив, ако подлегнете на понудата за хедонистичка неодговорност од некои кои смислиле цена за лажниот комфор. Да станеме силата со која агресорот врз нашата одговорност, а со тоа и врз слободата – ќе мора да се соочи и да ја повлече назад својата лага. Дури и ако немаме идеја како може да се испланира добра иднина, дури и ако не се сеќаваме какво било минатото, секој знае дека единствено се сеќава на оние работи кои ги направил со интегритет и хумана подлога. Затоа што, единствено одговорноста дава добра смисла на живеењето, тоа е камен темелник на светот и спас од пеколот на новиот фашизам.

Треба да знаете
Moже да ве интересира