Маричиќ: Преговарачкиот процес не може да го загрози нашиот идентитет и македонскиот јазик

„Ние се обидуваме да воспоставиме и јавен дијалог меѓутоа и институционален дијалог со ВМРО-ДПМНЕ за да ги расчистиме дилемите и заради нив и заради јавноста. И сега веќе е многу јасно, мислам дека на секој што сака да разбере и да следи, дека основните тези на коишто се базира нивното противање да гласаат за уставните измени немаат основа, кореалност и немаат реална поткрепа“, изјави вицепремиерот Бојан Маричиќ во „Трилинг“ на ТВ24.

Тој додаде дека комплетниот терен за ВМРО-ДПМНЕ да даде поддршка на уставните измени е расчистен и дека нема никакво објаснување за нивното противење, бидејќи освен од Владата и од ЕУ и нејзините структури стигнаа гаранциите за заштита на македонскиот јазик и идентитет.

„Имаме јасна и прецизна позиција од Бугарија и од другите држави членки на ЕУ дека нема други услови за продолжување на преговорите и отварање на поглавјето, дека ова е главниот и единствен услов. Нашиот јазик и идентитет се заштитени и гарантирани од најголеми поддржувачи во Европската Унија и преговарачкиот процес не може да го загрози нашиот идентитет и македонскиот јазик“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека со решавањето и гласање за уставните измени ни се отвора патот за реално членство во ЕУ во наредните години.

Најдобро може да се бориме за нашите интереси ако сме во ЕУ

„Верувајте, најдобрата битка за нашите интереси е да бидеме во Европската Унија. А не да бидеме во чекалната или да се фрустрираме заради тоа што Бугарија е, а ние не сме. Тоа е искуството на Хрватска, тоа е искуството на Словенија, тоа е искуството на сите. Дека најдобро се бранат интересите кога сме во ЕУ“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во „Трилинг“ на ТВ24.

Тој додаде дека преку преговарачкиот процес ќе можеме многу наши интереси да заштитиме и во однос на економијата, производите, земјоделието виното, но и во однос на идентитетските прашања.

Најдобрата битка за нашите интереси е да бидеме во Европската Унија. А не да бидеме во чекалната или да се фрустрираме заради тоа што Бугарија е, а ние не сме. Тоа е искуството на Хрватска, тоа е искуството на Словенија, тоа е искуството на сите. Дека најдобро се бранат интересите кога сме во ЕУ

„Нашата цел со шпанското претседателство е јасна, да ги комплетираме уставните измени до крајот на ноември најдоцна и да обезбедиме услови за втора меѓувладина конференција“, истакна Маричиќ.

Вицепремиерот нагласи дека оптимизмот во општеството може да се врати само со отворање на поглавјата и продолжување на преговорите, што е можност за реално и брзо членство во ЕУ до крајот на оваа декада.

„Мислам дека тоа може да го врати оптимизмот кај граѓаните затоашто со активен процес ние можеме и да ги откорнувамеслабостите и ќе имаме мотивација и цел да ги откорнуваме слабостите заради членството во Европската Унија“, рече Маричиќ.

Извештаите на ЕУ секогаш ни биле инструмент за подобрување, оценската мисија е добар чекор

„Европската Унија најави оценска мисија, сметам дека тоа е добар чекор и Владата ќе го прифати. Ние сме држава кандидат за членство во ЕУ и механизмите на ЕУ и извештаите секогаш ни биле инструмент за подобрување“, рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Трилинг“.

Оценската мисија треба да ја искористиме како можност, бидејќи тоа е пред се порака до Судскиот совет за тоа што се случуваше изминатиот период.

„Имиџот на Судскиот совет е слика за целото правосудство, затоа е важно, таа оценска мисија не е прва, ние сме имале оценски мисии и имаме за многу области. Но таа оценска мисија ќе оди детално во анализирање на слабостите на судскиот совет и неговото функционирање и ќе даде конкретни препораки“, потенцираше Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека Судскиот совет работи според закон донесен во 2019 година, кој беше одобрен од Европската комисија и од Венецијанската комисија.

„Секој е избран со име и презиме и дејствува таму со име и презиме. И мислам дека што повеќе ја конкретизираме одговорноста, со име и презиме толку подобро ќе биде и побрзо ќе дојдеме до решение“, рече Маричиќ.

Владата остави простор судството да покаже независност и интегритет, но тоа не секогаш беше на висина на задачата

„Оваа Влада остави многу простор на правосудството, да покаже на дело и независност и интегритет и одговорност. За жал, не секогаш судството беше на висина на оваа задача“, оцени Маричиќ.

Тој додаде дека во Северна Македонија може да се пофалиме со случаи против поранешни премиери, против високи партиски функционери на поранешанта и сегашната Влада, без тоа да предизвика партиски или политички импликации.

Секој избран член на Судскиот совет дејствува со име и презиме, потребна е конкретна одговорност

„Борбата за интегритетот на Судскиот совет и на судството е борба којашто мора да ја води судската фела, а мора да ја поддржува политиката“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека тој и како министер за правда и сега секогаш ги поттикнувал судските органи да ги користат своите законски можност, своите законски инструмети за да ја зајакнат својата позиција.

На ВМРО-ДПМНЕ не ѝ пречат прекршителите на законот кои доаѓаат од нивната Влада

„Јас имам впечаток дека на ВМРО-ДПМНЕ не им пречат оние прекршители на законот што доаѓаат од нивната влада. Имам впечаток дека им сметаат само потенцијални прекршители на законот од другите партии“, истакна Маричиќ во емисијата „Трилинг“ на ТВ24.

Тој додаде дека битката  за ослободување на државата од коруптивниот начин на владеење е битка на целото општество, на целата држава и на сите политички партии.

„Ние се бориме да изградиме систем во којшто, кој и да е од која партија, ќе одговара доколку го прекрши законот безразлика како се вика и од која партија доаѓа“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека во изминатите седум години од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не изразија жалење, ако не и извинување, за сторените дела за време на 11те години владеење.

Треба да знаете
Moже да ве интересира