Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Можно ли е ВМРО ДПМНЕ да не истакне претседателски кандидат на изборите?

Се шпекулира, дека оваа опозициска партија намерно нема да истакне свој претседателски кандидат, доколку се оди на посебни претседателски и парламентарни избори. Со тоа би се обистиниле латентните закани дека Македонија би влегла во некаква политичка или уставна криза.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Се поизвесно станува дека ВМРО-ДПМНЕ нема на повидок кандидат за претседател со кој ќе се спротивстави на кандидатот на СДСМ или на евентуалниот консензуален кандидат на коалицијата, што и да се подразбира под тоа.

Оттаму и можноста за која се шпекулира, дека оваа опозициска партија намерно нема да истакне свој претседателски кандидат, доколку се оди на посебни претседателски и парламентарни избори. Со тоа би се обистиниле латентните закани дека Македонија би влегла во некаква политичка или уставна криза.

Имено, на овој начин според Уставот, ако за претседател на Републиката е предложен еден кандидат, а во првиот круг на гласање не го добил потребното мнозинство гласови  од вкупниот број избирачи запишани во Избирачкиот список, се повторува целата изборна постапка.

Но овој дел во Уставот не е докрај јасен. Уставотворците не предвиделе рок до кога мора да се распишат новите претседателски избори ако не се исполни цензусот, а предвиделе дека во случај на спреченост, функцијата претседател ја врши претседателот на Собранието.

Во извештајот на ОБСЕ ОДИХР за претседателските избори во 2019 година, во однос на законски пропишаната излезност се вели: Законската рамка може да претрпи измени за да се пресмета победничкото мнозинство во првиот круг од бројот на дадените гласови, додека прагот од 40 проценти во вториот круг може да се отстрани.

Затоа станува и разбирливо настојувањето на партиските претставници на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните аналитичари за одржување заеднички избори, претседателски и парламентарни, на кои, како што велат, на „референдумско“ изјаснување би го „протнале“ својот кандидат, на крилата на предноста што партијата ја има според анкетите.

За да се убеди јавноста во ваквиот став, се користи претпоставката дека заедно одржаните избори ќе чинат 30-40 проценти помалку. Но, пресметките, на кои укажа вицепремиерот Битиќи како и членот на ДИК Оливер Ристовски, покажуваат дека сумата што би се потрошила за одвоени избори не би била поголема од десет до 15 проценти.

Треба да знаете
Moже да ве интересира