Не е точно дека ЕУ ги уништува селата и земјоделците – 300 милијарди евра се наменети за европските земјоделци

ЕУ се обидува да се справи со предизвиците што ги имаат земјоделците, а кои се однесуваат на повисоки цени за производство, ниска цена на откупот, како и проблемот со евтиниот увоз од странски држави. Добар дел од проблемите на земјоделците поради коишто тие протестираат ширум Европа се и поради воената инвазија на Русија врз Украина. ЕУ нема намера да ги уништи селата и земјоделците, туку им помага да заздрават од шоковите, на начин што бројни европски влади веќе овозможија помош за земјоделието

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ЕУ ги уништува селата и земјоделците намерно, да нема храна. А вие што сте за ЕУ ќе пасете трева како овци и така ви треба.

Дека не е вистина оти ЕУ ги уништува селата и земјоделците покажува стратешката цел на Европската комисија за дијалог за иднината на европското земјоделие, токму благодарение на секторот за храна од земјоделието, 450 милиони луѓе имаат пристап до безбедна, здрава и достапна храна.

Земјоделците од ЕУ се клучни за самоодржливоста на Европа во поглед на храната и тие се витален двигател на работни места и одржлив раст во руралните средини. Тие централно придонесуваат за европската колективна зелена транзиција. Во исто време тие се соочуваат со предизвици, како климатските промени и компетитивен глобален пазар. Повеќе од 17 милиони луѓе работат во земјоделскиот сектор во ЕУ. Просечната возраст на европскиот земјоделец е 57 години.

Мора да работиме задно со мажите и жените во земјоделскиот сектор на ЕУ за да ја осигуриме нашата достапност до храна за иднината. Нашите земјоделци се соочуваат со растечки предизвици и затоа сакаме да почнеме стратешки дијалог за иднината на земјоделието во ЕУ. Уверена сум дека земјоделието и заштитата на природниот свет може да одат рака под рака. Ни требаат и дветеизјави Урсула Фон Дер Лајен, претседателка на Европската Комисија.

Во пресрет на зголемените предизвици ЕУ ги бара најдобрите начини да ги поддржи европските земјоделци и да ги адаптира европските земјоделски политики со нивните потреби на прво место. Претседателката на Европската комисија во септември 2023 година почна стратешки дијалог за иднината на земјоделието каде на исто место се собираат размислувањата на земјоделците, сопствениците на маркети, организации за заштита на правата на потрошувачите, финансиски институции и професори, за да споделат идеи и да ги слушнат потребите на земјоделците. Професорот Петер Штрохшнајдер е назначен за претседател на стратешкиот дијалог, со оглед на неговото долгогодишно искуство, особено како претседател на Комисијата за иднината на земјоделството во Федералната влада на Германија. Првиот состанок од стратешкиот дијалог за земјоделието се одржа на 25 јануари 2024.

Дијалогот е клучен за да се развие заедничко разбирање за иднината на земјоделието во ЕУ и на системите за храна. Во дијалогот се дискутира како може да им се даде на европските фармери и руралните средини во кои тие живеат подобра перспектива и пофер стандард на живот, како да се поддржи земјоделието во границите на екосистемот и заштитата на животната средина, како да се искористат огромните потенцијали на технолошката иновација и како да се промовира светла и победничка иднина за европскиот систем за храна во компетитивен свет.

Од ова произлегува дека ЕУ има за цел да ги подобри условите за земјоделците, а не да ги уништи.

Европската Комисија веќе почна петгодишен систем за поддршка на земјоделците во форма на нова политика „Заедничка земјоделска политика”. Алоцирани се 300 милијарди евра во финансирање, вклучително со силни намери да им се помогне на фармерите да усвојат поодржливи и поотпорни практики. Повеќе од 10 проценти од директните плаќања на ЕУ, коишто претставуваат 4 милијарди евра годишно, ќе бидат алоцирани на малите фарми. Исто така зголемена е поддршката за отштета од природни катастрофи и ценовни шокови. Во 2023 година, Европа обезбеди исклучителна помош од над 500 милиони евра за земјоделците што се најафектирани од кризите.

Изминатата недела земјоделците во повеќе европски држави излегоа на протест поради тоа што растат цените за производство, а цените на храната остануваат исти. Тие се жалат на зголемените цени за производство, малите маржи и климатските политики. Како што пишува Гардијан, во различни држави различни се причините за протест, во Германија, тоа е планот на Берлин да ги намали даночните олеснувања за земјоделски дизел за да го балансира буџетот. Во Холандија тоа е обврската да се намалат емисиите на азот. Земјоделците велат дека се соочуваат со цени кои опаѓаат на нивните производи, растечки цени за производство, строга регулатива, долг, климатски промени и ефтин странски увоз.

Цените за производство на земјоделците во ЕУ особено за енергија, ѓубриво и транспорт се покачени во многу земји од ЕУ, особено откако Русија ја почна воената инвазија врз Украина во февруари 2022 година. Во исто време владите ги ограничија, односно ги замрзнаа цените за да се погрижат за стандардот на купувачите.

Екстремните временски услови поради климатските промени, исто така имаат влијание на продуктивноста. Некои резервоари на вода во јужна Шпанија имаат само 4 проценти капацитет, додека шумските пожари изгореа 20 проценти од грчките плодови минатата година.

Националните влади поради овие незадоволства веќе преземаа чекори. Германија отстапи од плановите да ги скрати надоместоците за дизел, Франција го намали данокот за дизел и ги одложи другите мерки и се обврза да овозможи 150 милиони евра во помош, барајќи од земјоделските синдикати да ги сопрат протестите.

Секаде во Европа се поставува истото прашање, како да продолжиме да произведуваме повеќе, ама подобро? Како да продолжиме да се справуваме со климатските промени? Како да ја избегнеме нефер конкуренцијата од странските држави?, рече Габриел Атал, премиер на Франција во четвртокот.

На ниво на ЕУ, Европската комисија предложи ограничување на увозот на земјоделски производи од Украина преку „итна кочница“ и ослободување на земјоделците за 2024 година од обврската да држат 4 проценти од нивната земја во отпад додека сè уште добиваат субвенции од ЕУ.

Загрижени дополнително да не го вознемират веќе бунтовниот сектор, Емануел Макрон, францускиот претседател и Лео Варадкар, ирскиот премиер, рекоа дека предложениот трговски договор ЕУ-Меркосур не треба да биде потпишан во сегашната форма. Со оглед на тоа што земјоделците сè повеќе добиваат поддршка од европските екстремно десничарски партии, кои се очекува да постигнат значителни придобивки на изборите за Европскиот парламент што треба да се одржат во јуни, понатамошните отстапки изгледаат повеќе од веројатни, пишува Гардијан.

Како што и претходно Вистиномер пишуваше, целта на ЕК е во наредните 10 години 25 проценти од земјоделството да биде искористено за органско производство.

Еврокомесарот задолжен за земјоделство, Јануш Војчеховски, вели дека за Европската комисија, органското земјоделство ќе стане приоритет.

Органското земјоделство ќе биде клучен сојузник во транзицијата што ја водиме кон поодржлив прехранбен систем и подобра заштита на органскиот сектор. Комисијата ќе продолжи да го поддржува органскиот сектор во целта – 25 отсто од земјиштето да биде искористено за органско производство до 2030 година преку соодветни политики и законска рамка, изјави Војчеховски.

Ваквиот вид на земјоделство, односно органското производство, користи природни супстанци и има помалку штетен ефект врз животната средина. Земјоделците што работат органско производство користат повеќе обновливи ресурси и внимаваат да биде заштитен еколошкиот биодиверзитет преку, на пример, одговорна употреба на водата. Органското земјоделство налага и построга заштита на животните и нивните потреби.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Земјоделието во ЕУ се соочува со предизвици, но се бараат решенија и се дава финансиска помош за нивно надминување, а добар дел од проблемите на земјоделците се поттикнати од војната која што Русија неиспровоцирано ја почна во Украина.

Преземено од Вистинимер.

Треба да знаете
Moже да ве интересира