Синхронизирано салтомортале на Мицкоски и Груевски

Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ

Ја гледам водителката како го пелтечи името на Христијан Мицкоски кога го најавува на партискиот митинг од ВМРО-ДПМНЕ одржан во црквата Св. Софија во Охрид и не ми се верува. Прво си велам, ма не е можно ова, мора да е некоја монтажа, но потоа гледам Мицкоски горд на скандалот што го направил, па се вознесол на Фејсбук и вели: „… Јас повикувам на единство на народот и национално обединување, постојат сериозни предизвици!“

Како бе ти јаден ваков повикуваш на единство и обединување?

Навистина Христијане, постојат сериозни предизвици.

Еве, не знам на што побргу да се изначудам:

Дали на тоа што си се дрзнал да одржиш партиски митинг во црква? или, пак,

На тоа што црковните старешини на Света Софија и МПЦ-ОА ти дозволиле таков партиски настан во црква?

На почетокот на говорот лидерот на опозицијата, застанат пред вековните фрески на црквата завршена во ХI век, која е една од најзначајните знаменитости во Македонија со нејзината средновековна архитектура, тој, Мицкоски, му го честиташе именденот на охридскиот градоначалник од редовите на ДПМНЕ, Кирил Пецакоски. Онака мртов ладен Мицко небаре е на од татко му вилаетот.

Која комоција е тоа човече?!

Ајде, знаеме дека тој е недоветен и не почитува ништо, ама со кој памет му се дозволило да сквернави религиски објект со дневна политика, тоа МПЦ-ОА треба да одговори.

Ако црквата Света Софија во Охрид е една од најголемите средновековни цркви на овие простори, Мицкоски е една од најголемите бруки (тука, мора да се признае, трпи тешка конкуренција од неговиот ментор Груевски) што ги видела македонската политичка сцена и пошироко.

Зошто побогу има толку полтрони околу оваа племенска дружина и како воопшто се нафаќаат онакви водителки да водат вакви скандалозни собири, е прашањето што секогаш си го поставувам кога ваквите кловнови нè потсетуваат со кого си имаме работа.

Ова не им е исклучок, ами секојдневие.

Да не остане само на Мицкоски, синхронизирани во салтоморталето како и многу пати досега, на Фејсбук се јави вмровската побегуља Груевски. Тој се осоколи, па вели – ќе градел автопат низ Водно.

Тоа три тунели и автопат со осум ленти, па и трамвај ќе поминувал низ тунелот, па без малку срам спомнува урбанизам, и архитектура и што ти јас знам.

Можам да си го замислам како седи покрај убавиот Дунав во Будимпешта, со лаптопот пред него и расцицлена старлета до него (платена со наши пари) и си визуелизира иднина рамна на неговиот мегаломански капацитет. Се сеќавата на оние ноќни обиколки што ги правеше со Миле ми текна, кога купуваа и кроеја плацеви на Водно и низ Скопје како што му одговараше на Грујота. Па нели ѕидови ќе градеше на плацот за да не го гледаат комшиите. Е, тој, сега ќе го оплеменувал и урбанизирал Скопје и ќе градел автопати и тунели низ Водно. Од последниот тунел што ни го градеше 11 години, сè уште не можеме да излеземе

Како што и очекував, не остана покусо ни новинарскиот „велемајстор“ Геро, па се испотепа и прв ја поддржа визијата на осудениот криминалец Груевски. Онака, бескомпромисно.

Ако мислите дека тоа ќе се задржи само на вмровските првотимци, скроз сте се заебале. Оди тоа надолу, до градоначалници, па директорчиња, шефчиња… до сите ешалони каде зафаќаат вмровските рачиња.

Еве ви уште еден пример.

Преде некој ден, како што информираше Чадиева, пожарникари со противпожарно возило и со вклучени сирени, во филмска акција на сред бел ден, во работно време, со противпожарни скали се бендереле на општинската зграда за да му однесат роденденска торта на градоначалникот на Велес од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа аларми свиреле, вработените во паника не знаеле што се случува, можам само да си замислам кој кушлуц направиле неизживеаните за да му се додворат на градоначалникот. Не ме чуди тоа да е во негова режија, зашто на овие ич око не им трепнува, нит срам имаат ни перде.

Ништо не почитува оваа политичка багра.

За ВМРО-ДПМНЕ сè е нивна приватна сопственост – и државата; и градот; и црквата, a и животите на граѓаните.

Во кој филм се влезени овие луѓе, драги мои?

Извор: Frontline

Треба да знаете
Moже да ве интересира