Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Весли Кларк предупреди за можен конфликт на Балканот, апелира за вклучување на НАТО во Украина

Поранешниот командант на здружените сили на НАТО за Европа, американскиот генерал Весли Кларк предупреди на опасноста од започнување нов конфликт на Балканот доколку Русија не биде запрена во Украина.

Во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен, кое денеска го пренесуваат косовските медиуми, Кларк рече дека Србија им служи на интересите на Русија и она што Србија го бара е руска поддршка за нејзино територијално проширување.

Според командантот на сојузничките сили во времето на кампањата на НАТО против Србија во 1999 година, српскиот претседател Александар Вучиќ сака од рускиот претседател, Владимир Путин, овластување за да ги употреби своите сили во Косово.

-Раката на Русија се чувствува на Балканот, Србија е рака на Русија на Балканот. Србија им служи на интересите на Русија. Вучиќ е паметен, сака да изгледа како да ги игра двете страни, но кога ќе дојде време ќе го направи она што го бара Путин. Она што тој го сака од Путин е секако овластување да ги употреби своите сили во Косово, барем да земе половина од северниот дел на Косово, а можеби и повеќе, и секако дека сакаат да ја поделат Босна и да ја земат Република Српска и да ја направат „голема Србија“. Сето ова е со цел етничко чистење на Балканот. Видовме многу насилство, убиства во последните 30 години и мислевме дека НАТО го запре, но ако има проблеми во Украина, тој проблем ќе дојде на Балканот и лидерите, како премиерот (на Косово, Албин) Курти, мора да се соочат со него, рече Кларк.

Тој додаде дека НАТО треба да се вклучи во ослободувањето на Украина како што тоа го направи со Косово во 1999 година.

-Путин знае дека не сакаме провокација која води кон нуклеарна конфронтација и продолжува да не предупредува со нуклеарни вежби… Се сеќавам кога НАТО се загрижи дека бомбардира друга земја, „дали треба да престанеме, да паузираме“, се плашеше, но ние секако инсистиравме. НАТО инсистираше затоа што САД како лидер инсистираа и Британија исто така…, ние не отстапивме. Ова е време кога НАТО мора да ја удвои својата решеност дека Путин нема да победи и дека мора да направиме повеќе одошто да нудиме оружје. НАТО мора да направи повеќе. На пример во Косово денес имаме 25 години демократија, слободна држава, јас бев таму, сите имаат приказна на ужасот, како што кажа премиерот (Курти) и сите се благодарни на НАТО. Мора да биде исто и за Украина, мора да ја спасиме Украина. Тоа е наша должност како НАТО, порача Кларк.

Пензионираниот американски генерал нагласи дека најдобар начин за одбрана е приемот на Украина во НАТО.

Зачлени се на нашиот е-билтен