ВИДЕО „Полиграф“: Кои медиуми дезинформираа за оставка на хрватскиот претседател Милановиќ?

Медиумите честопати наседнуваат на сатирични текстови на 1-ви април, денот на шегата, објавувајќи ги како сериозни вести.

Така, на 1 април 2024 порталот „Фокус“ објави наслов: „Хрватскиот претседател поднесе оставка“. Повикувајќи се на хрватските медиуми, Фокус извести дека „Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ненадејно поднесе оставка од функцијата“, а дека „претседателската функција ќе ја преземе независниот парламентарен претставник Мирослав Шкоро“.

И ТВ Стар од Штип објави ТВ прилог со кајрон „Милановиќ поднесе оставка. ВД претседател ќе биде Мирослав Шкоро“. „Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ненадејно поднесе оставка од функцијата. Како што пренесуваат хрватските медиуми, претседателската функција ќе ја преземе независниот парламентарен претставник, Мирослав Шкоро“се вели во прилогот на ТВ Стар.

Истиот ден, и други портали објавија слични наслови без да ги проверат фактите: „Претседателот на Хрватска ги изненади сите: Си поднесе оставка!“ и „Зоран Милановиќ поднесе оставка од претседател на Хрватска“, се некои од објавените наслови.

Меѓутоа, ако се прочита изворниот текст на порталот Индекс.Хр, лесно може да се заклучи дека се работи за сатирична содржина, со измислени извори и изјави, и хумористични поднаслови како „Се укинува хорот за пречек на странски државници, Шкоро сам ќе им пее“.

Лажната вест дека Зоран Милановиќ поднесе оставка од функцијата претседател на Хрватска не беше актуелна само на 1-ви април, туку и во март, кога тој најави дека ќе се кандидира на парламентарните избори.

И овој случај покажува дека медиумите и новинарите треба да ги проверуваат факти секој ден во годината. А на 1 април, и новинарите и публиката треба да внимаваат посебно на сатирични содржини, за да не објават или споделат некоја шега како сериозна вест.

(СМК)

Треба да знаете
Moже да ве интересира